Не сме сервилни, горди сме на соработката со Вашингтон!

Интервју за Фактор| 05.10.2014
http://faktor.mk/archives/125823

Покрај решавањето на разликите за името, Алијансата го поддржува продолжувањето на реформите во Македонија и потребата од ефективен демократски дијалог, медиумската слобода, независноста на судството и функционално мултиетничко општество, базирано на Охридскиот рамковен договор. Нашите војници во Авганистан не се во окупаторска мисија, туку се најдобрите амбасадори на мирот и Македонија.
Во интервјуто за Фактор министерот за одбрана Зоран Јолевски одговара и на критиките дека е човек на Вашингтон под чиј притисок Премиерот го прифатил во Владата како личност што ќе ја амортизира неговата нагласена патриотска политика.“ Секој вистински лидер е патриот. Јас се вратив од Вашингтон да и служам на мојата земја и народ“.
Како долгодоишен преговарач, Јолевски искажува “висок респект за личноста на амбасадорот Нимиц и напорите штој ги прави. Тој е високо професионален медијатор, човек со интегритет и исклучителен интелектуалец”. На прашањето на Фактор, дали сетот идеи на медијаторот Нимиц се однесува само за решенија околу името или и за идентитетските прашања, Јолевски со одговор – Дипломатски е некоректно јавно да ги коментирам неговите согледувања за тоа како би се стигнало до заемно прифатливо решение.

Фактор: Владата и Вие како министер тврдите дека Македонија е подготвена за членство во НАТО. Во заклучоците од последниот НАТО самит во Кардиф од Македонија се нагласува неопходноста од здрав политички дијалог, потребата од медиумска слобода, независност на судството и враќање во нормален колосек на меѓуетнички односи? Дали се ова нови политички критериуми и како ќе се одговори во нивната реализација?
Јолевски: Најнапред би сакал да истакнам како граѓанин на Република Македонија и како министер за одбрана дека сум горд на Армијата, на војниците и офицерите кои ја претставуваат нашата земја во најдобро светло. Нашите мировници, се нашите најдобри амбасадори, ги промовираат демократските вредности и го даваат својот придонес за слободата, мирот и безбедноста. Република Македонија е целосно подготвена во секој момент да ги преземе одговорностите и обврските кои произлегуваат од членството во Алијансата, а тоа го потврди и самата Алијанса во последниот заклучок од Самитот во Кардиф.
Да ви одговорам директно, во Декларацијата експлицитно е наведено дека Република Македонија треба да биде поканета за членство во НАТО, откога ќе се најде решение за разликите околу името. Ова значи дека ги исполнуваме условите за членство, но останува прашањето за името, кое е наметнато од нашиот јужен сосед. Во заклучоците исто така се вели дека НАТО го поддржува продолжувањето на реформите во контекст на ефективниот демократски дијалог, медиумската слобода, независноста на судството и функционалното мултиетничко општество базирано на Охридскиот рамковен договор. Воедно, во заклучоците се споменува дека земјите на НАТО го ценат континуираниот придонес на Македонија во операциите на Алијансата и активното учество во регионалните иницијативи, што за нас претставува признавање на нашите напори за придонес кон светскиот мир и безбедност. Ова е интегрална анализа на Декларацијата од Кардиф.

Фактор: Меѓу пораките од Велс се бара воспоставување на “целосно функционално „мулти-етничко општество” но овој пат со конкретно адресирање и вклучување “целосна имплементацијата на Рамковниот договор?
Јолевски: Република Македонија соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт ја смета за една од темелните вредности на уставниот поредок на државата, а општа констатација е дека државните институции во континуитет бележат голем напредок во спроведувањето на соодветна и правичната застапеност. Ако добро го прочитаме заклучокот тој имплицира на поддршката од страна на НАТО во продолжување на овие реформи, меѓу другите, и во оваа значајна област. Армијата на Република Македонија е пример за функционирање на мултиетничноста.
Во сите досегашни мировни мисии каде учествувале припадниците на АРМ, секаде се забележува дека Армијата функционира како едно тело и дека нема разлика дали некој е припадник на една или друга етничка заедница. Во оваа прилика би сакал да додадам дека секоја година на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ доследно се применува спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Во однос на процентот на застапеност на припадниците на другите етнички заедници во Армијата, ќе истакнам дека, денес близу 27 проценти од малцинските заедници се дел од армискиот персонал (војници, подофицери и офицери) што кажува дека Министерството за одбрана значително ја подобрило соодветната и правична етничка застапеност во однос на 2005 година кога тој процент бил нешто над 18%.

Фактор: Дел од домашните политички критичари оценуваат дека по Велс НАТО го губи трпението за Македонија?
Јолевски: Не би се сложил со оваа констатација. Напротив, вратите на НАТО остануваат отворени и сите членки би сакале да нè видат внатре, но останува едно прашање кое сите ние го знаеме. Државите од Западниот Балкан се недвосмислено насочен кон целосно интегрирање во Европската Унија и во НАТО-алијансата. Тоа не може да се оспори и тоа е сосема видливо имајќи ги предвид надворешно-политичките цели и приоритети на сите држави од регионот. Аналогно на тоа, би рекол дека судбината на регионот е да биде дел од овие евроатлантски организации, состојба од која бенефит ќе имаат и самите земји, но и цела Европа. Повторно, од аспект на мојата функција како Министер за одбрана, можам да истакнам дека посветеноста на Република Македонија и на регионот кон процесот на зачленување во Алијансата е јасна и видлива. Сите регионални иницијативи, сето здружување, напорите за развој на интеропрабилноста се елементите кои се насочени кон главната цел – полноправното членство во НАТО. Тоа е патот кој ние го имаме зацртано и тоа е патот кој ќе го следиме, како земја и како регион.

ЈОЛЕВСКИ: ВОДИМЕ ИСКРЕНИ И ОТВОРЕНИ РАЗГОВОРИ ЗА ИМЕТО

Фактор: Дали изземањето на традиционалната дипломатска формулација “охрабрување на преговорите” за спорот со Грција , значи дека во Алијансата се незадоволни од политиката на пасивни преговори, без резулатат?
Јолевски: Од аспект на поранешен преговарач за името, можам да констатирам дека нашиот пристап кон барањето на решение бил искрен и отворен. Македонската страна отсекогаш барала директни средби на кои суштински ќе се обидеме да ги доближиме ставовите со што ќе придонесеме кон унапредувањето на меѓусебните односи. Но, јас би рекол дека за танго се потребни двајца. Владата на Република Македонија во повеќе наврати, побара да има поинтензивен дијалог со нашиот јужен сосед, но резултатот го знаете и самите. Ние сме принципиелни и остануваме посветени на преговорите да дојдеме до решение кое нема да задира во идентитетот на македонскиот народ. Нашето членство во Алијансата е одамна заслужено затоа што Македонија во неописливо краток период од консумент прерасна во контрибутор кон глобалната безбедност и стабилност. Македонија преку учеството во мировните мисии во меѓународни рамки ги шири нејзините вредности, но и вредностите на Алијансата и на демократските држави, како основа за современото живеење.

Фактор: Како долгогодишен преговарач со Нимиц можете ли да декларирате дали неговиот сет на идеи се само за решенија околу името или и за преименувањето на јазикот, народот,писмото, односно идентитетските прашања?
Јолевски: Амбасадорот Нимиц, како специјален пратеник на Генералниот секретар на ОН, е медијатор во овие разговори со цел да овозможи да се најде заемно прифатливо решение. Дипломатски е некоректно јавно да ги коментирам неговите согледувања за тоа како би се стигнало до заемно прифатливото решение. Имам висок респект за личноста на амбасадорот Нимиц и напорите што ги прави. Тој е високо професионален медијатор, човек со интегритет и исклучителен интелектуалец.

Фактор: Дали ќе дојде до зголемување на воениот буџет и како ќе се реаллизира обврската 20 насто од него да се користат за примена на НАТО стандардите?
Јолевски: Долгорочниот план за развој на одбраната 2014 – 2023, е стратешки документ во кој се утврдени развојните фази на вооружените сили. Во овој документ се разработени идните цели на Армијата на Република Македонија. За мене од исклучителна важност е Армијата да биде секогаш опремена на потребното ниво и да биде во согласност со НАТО стандардите. Токму и затоа во мојот мандат како министер за одбрана ќе се залагам за континуирано модернизирање. Тоа значи дека, секогаш мораме да сме во тек со техничко-технолошкиот развој, но секако мора да се земат во предвид и финансиските средства, кои не само за нас туку и за многу членки на Алијансата се мали, особено ако се земе предвид светската економска состојба.
Република Македонија е дел од светската економија и нормално е, овие текови да имаат влијание и врз нашата држава. Ние мора да имаме предвид дека Македонија е релативно мала држава и буџетот на одбраната е мал, во сооднос со цената на воената опрема. Но, тоа не значи дека ние се откажуваме од процесот на модернизација. Напротив, ние цврсто стоиме на определбата за модерна и мобилна армија која е опремена согласно највисоките стандарди и нашите потреби. За тоа треба време и ефикасност во распределбата на средствата. Намалувањето на буџетот на одбраната во минатите години беше рефлексија на економските текови во светот, Европа, па и Балканот.
Армијата на Република Македонија и покрај намалувањето на буџетот, секогаш беше и ќе биде подготвена да одговори на предизвиците. Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Македонија, во наредните години интензивно ќе продолжат со модернизацијата, со цел максимална ефикасност и ефективност на припадниците на Армијата. Во однос на идните текови, неколкупати досега во моите изјави посочив дека, нашата намера е буџетот за одбраната да расте. Во оваа прилика би потенцирал дека модернизацијата на Армијата на Република Македонија е мој императив и приоритет во процесите на развој и раст на секторот одбрана и безбедност. Верувам во растот на економијата на нашата земја и затоа плановите ги изработуваме во насока на зголемување на средствата за Министерството за одбрана, односно Армијата на Република Македонија. За нас е значајно буџетот за Министерството за одбрана да оди во нагорна линија со што ќе можеме да намениме повеќе средства за модернизација и за припадниците на Армијата, бидејќи тие тоа и го заслужуваат.

Фактор: Дали направивте превид (гаф) или свесно го одбегнавте именувањето на Македонија во Бугарија, држава која не призна под уставното име?
Јолевски: Изјавата на која алудирате го содржи терминот Македонија четири пати. Кај мене, првенствено како граѓанин на оваа земја, но и како Министер за одбрана, нема ниту трошка недоумица околу името. Само оној кој има сомнеж околу своите мислења по ова прашање може користењето на заменката, наместо полното име да го постави како суштински проблем. Всушност, да размислуваме логично, ние со Бугарија не ни сме имале проблеми околу користењето на уставното име на Република Македонија.
Јас сум министер за одбрана на Република Македонија, бев амбасадор на Република Македонија, а што е најважно и бев претставник на мојата земја, Македонија, во разговорите за името во Обединетите Нации. За мене е несфатливо како некој при здрав разум може да помисли дека јас не сум врзан со тоа име на длабоко, лично ниво. А, тоа што се тврди од одредени портали е невистинито. Постои снимка од мојата изјава во рамките на посетата на Бугарија на која може да се види дали јас ја именувам мојата земја со нејзиното име – Македонија или не. Благодарам што го поставивте ова прашање, и ги поканувам порталите и лицата кои некоректно информираат за оваа изјава да ги погледаат овие електронски записи.

ЈОЛЕВСКИ: ИМАМ ПРИЈАТЕЛИ ВО ВАШИНГТОН, НО ПРЕД СЕ СУМ ПАТРИОТ И СЛУЖАМ НА МОЈАТА ЗЕМЈА!

Фактор: Во едно интервју имате изјавено дека за Ваш најголем успех, како македонски амбасадор во Вашингтон, го сметате потпишување на Декларацијата за партнерство и пријателство со САД по неуспехот на НАТО самитот 2008 година. Јавни се критиките од медиуми блиски до власта дека државната политика е видливо сервилна кон Вашингтон?
Јолевски: Со Декларацијата за стратешко партнерство, се укажува на тоа дека двете земји се партнери. Додека бев амбасадор на Македонија во САД, кон Република Македонија, сите кон мене како нејзин амбасадор се однесуваа како со претставник на земја-партнер. Единствено би кажал дека партнерството не значи сервилност, туку взаемно почитување. Почитувањето го покажаа и со тоа што не признаа со уставното име. Блиската соработка со Соединетите Американски Држави е работа со која треба да се гордееме. Јас сум навистина горд што со мојот ангажман како амбасадор во САД придонесов кон зајакнување на ова пријателство и партнерство. Критиките се неосновани.

Фактор: Дали кризата на доверба меѓу Вашингтон-Брисел –Москва го внесува светот во фаза на студена војна и нови геостратегиски поместувања. Какви би биле безбедносните рефлексии во регионот, ризиците за Македонија која сеуште е без чадор на НАТО?
Јолевски: Членството на Република Македонија во НАТО има повеќедимензионално значење. Нашето полноправно членство во НАТО ќе значи постигнување на зацртаната цел, станување и де јуре дел од НАТО алијансата. Македонските граѓани го поддржуваат зачленувањето на својата држава и веруваат дека тоа е вистинскиот пат по кој треба да се движиме. Членството на Македонија ќе даде позитивен ефект и кон развојот и просперитетот на Македонија и кон зацврстување на стабилноста во поширокиот регионт.

Фактор: Има најави за распоредување на ракетни системи на НАТО во соседството, во регионот. Дали се преговара и во Македонија да може да се распореди дел од офанзивниот воен потенцијал на НАТО?
Јолевски: Директно да ви одговорам на Вашето прашање – за вакво нешто не се преговара.

Фактор: Македонија го продолжува партнерскиот однос и во новата мисија на НАТО во Авганистан. Поделени се јавните мислења. Едни говорат дека со тоа сме окупаторска војна. Експерти гледаат шанси за безбедносно-економски интерес во цивилната мисија во таа држава?
Јолевски: Апсолутно не се согласувам дека ИСАФ е окупаторска мисија. Напротив, таа е мисија која има за цел да им помогне на Авганистанските безбедносни сили целосно да ја преземат одговорноста за мирот и стабилноста на нивната татковина. Како резултат на тоа, последните две години Авганистанската национална армија и полицијата ја презедоа водечката улога во однос на безбедноста на авганистанските граѓани. ИСАФ заедно со авганистанските институции имаат за цел да обезбедат сите деца да ги посетуваат школите, да обезбедат почитување на жените и што е најважно да обезбедат функционирање на државата на чија територија дејствуваат. ИСАФ е мисија која придонесува кон мирот, безбедноста и стабилноста во Авганистан. Апсолутно не можам да прифатам оваа мисија да се окарактеризира како окупаторска. Државите учеснички во ИСАФ платија многу висока цена во крв, но и материјално и финансиски. Не постои никаков економски интерес. Тој е единствено хуманитарен. Треба да бидеме горди што македонските војници даваат голем придонес во оваа мисија.

Фактор: Се поостри критики се адресирани за вашето ненадејно именување за министер за одбрана, како човек на Вашингтон, со задaча да ја амортизирате тврдата патриотската политика на Премиерот.
Јолевски: Да се биде патриот е чест за секој човек што ја сака својата татковина, се бори за нејзиниот просперитет и за подобар живот на нејзините граѓани. Да се биде патриот е гордост. Секој вистински лидер е патриот. Јас се вратив од Вашингтон да му служам на мојот народ и на мојата татковина. Во Соединетите Американски Држави се ценат луѓето кои се патриоти. Да се има добри контакти во Вашингтон е референца за секој политичар во 21. век. Точно е дека имам добри контакти и пријатели во Вашингтон. Јас сум во дипломатијата од 1989 година. Имам пријатели во Лондон, Брисел, Пекинг и многу други главни градови. Граѓаните сами можат да оценат дали тоа е предност за човек кому му ја довериле одбраната на земјата. Мојата девиза е колку повеќе пријатели имаш што те почитуваат, толку повеќе вредиш.

Горазд Чомовски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail