ИНТЕРВЈУ НА МИНИСТЕРОТ ЗА ОДБРАНА ЗОРАН ЈОЛЕВСКИ ЗА VOA 15.04.2016

VOA: Каква е состојбата на границата во моментов?

Јолевски: Како што знаете на нашата јужна граница во областа на Идомени од грчка страна има околу 10.000 до 12.000 мигранти кои таму се подолго време. Неопходно е овие бегалци да се релоцираат во камповите во Грција каде согласно договорот ЕУ – Турција истите ќе бидат процесирани и оние лица кои можат да добијат статус на бегалец потоа ќе бидат трансферирани во соодветната европска земја каде ќе добијат статус како бегалци.

VOA: Колку троши министерството за одбрана и АРМ за справување со оваа криза, има ли поддршка и помош од меѓународната заедница?

Јолевски: Ние како Армија и Министерство внимателно го следиме развојот на настаните како во Грција, така и во однос на приливот на мигранти од Турција. Затоа имаме одреден ангажман на војници на границата. Ако продолжиме да трошиме на ова ниво како во моментов, до крајот на годината само за трошоци за војниците, односно за нивно сместување, дневници и гориво ќе потрошиме околу 8 % од буџетот на Министерството што е голем издаток за нас.

VOA: Судирите меѓу полицијата и мигрантите за жал предизвикаа еден вид дипломатска и медиумска војна меѓу Македонија и Грција. Кој е виновен за ескалација на ситуацијата, има ли виновен?

Јолевски: Со самото тоа што една голема група на луѓе се држи само на неколку стотини метри од границата, создава одредени тензии меѓу мигрантите, тие стануваат нервозни зашто не можат да го продолжат својот пат кон север, односно земјите-членки на Европската Унија. Сакам да истакнам дека повеќето невладини организации коректно си ја вршат својата работа и потребно е да ги имаме да има помагаат на мигрантите. Одредени невладини организации на некој начин ги стимулираа мигрантите да ги направат овие чекори кои што не се добри ниту за нив, за нивниот имиџ, но не се добри ниту за Македонија и Грција на која граница и се.

VOA: За крај, договорот меѓу ЕУ и Турција наиде на критика дека понекогаш иако балканската рута е затворена, тоа нема да го запре напливот на мигранти. Кој е вашиот став?

Јолевски: Ние се соочуваме со глобална криза. Мигрантската криза со која се соочува Европа последните неколку месеци, особено од средината на минатата година ги надмина сите можни предвидувања во однос на нејзината големина. Неопходно е да имаме една сеопфатна стратегија како да ја решиме оваа мигрантска криза. Договорот ЕУ – Турција е значаен чекор. Првите денови покажуваат дека приливот на мигранти се намали. Ние дискутиравме на конференцијата во Вашингтон, САД, и тоа на мошне високо ниво со еминентни експерти, дека потребно е да имаме една сеопфатна стратегија во која ќе биде вклучено создавање на подобри услови за мигрантите во земјите кои се непосредни соседи на Сирија и Ирак, односно Турција, Либан и Јордан.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail