ИНТЕРВЈУ СО МИНИСТЕРКАТА ЗА ОДБРАНА РАДМИЛА ШЕКЕРИНСКА за магазинот „ШТИТ“

Поминаа повеќе од 6 месеци откако сте назначенa за министерка за одбрана на Република Македонија. Со кои проблеми и предизвици се соочивте во тој период, кои беа Вашите првични насоки за подобрување на состојбите во МО и АРМ?

Затекнав сериозни проблеми кои требаше да се решаваат веднаш: лоши услови за работа и престој во касарните, лош стандард, ниски плати, партизација и демотивираност. Состојбите со буџетот беа прв приоритет. Не само што обезбедивме непречена исплата на плата која беше доведена во прашање поради претходно погрешно планирање на буџетот, туку се изборивме и за зголемување на платите. Направивме анализа во какви услови во касарните работат нашите војници и затекнавме објекти под сите стандарди, инфраструктура во која не се вложувало 10 години. Поставивме приоритети, обезбедивме средства во буџетот и ќе го решиме и овој проблем. Затекнавме и нарушени односи на релација Министерство – Генералштаб, како и  изгубени 82 милиони евра поради раскинување на договори во последен момент од страна на претходниот министер. Министерството беше една од најнетранспарентните институции каде што и трошоците на првите луѓе беа тајни, а откако ја симнавме тајноста од документите за службени патувања во земјата и во странство, како и за трошоците за репрезентација, целата јавност виде дека, додека за војската немало ни за чизми, функционерите од Министерството трошеле без мерка.

Кои се главните столбови на буџетот за 2018 година и кои се проекциите за следните години?

Intervju na MO Sekerinska za Stit - 1Прво, тоа се платите на сите припадници на Армијата. Не можете на нашите војници да сметате секаде и во секоја ситуација, а кога ќе стане збор за нивниот статус, тие да бидат последен приоритет. Состојбата мораше да се менува и иако периодот беше краток, заедно со министерот за финансии и премиерот, донесовме одлука за зголемување на платите на сите офицери, подофицери, професионални војници и цивилни лица на служба во Армијата за 10 проценти, што е прво покачување на платите за АРМ после осум години.

Мене ми е сосема јасно дека тоа не ги решава сите проблеми, но претставува еден значителен чекор напред.

Второ, целокупниот буџет на Министерството за оваа година е зголемен за 15 проценти во однос на буџетот за 2017 година, и тенденцијата на раст ќе продолжи и следните години. Нашата цел е да го достигнеме нивото препорачано од НАТО, односно 2 отсто од бруто-домашниот производ на земјата.

Трето, структурата на буџетот е исто така многу важна. Од една страна е зголемувањето на вкупните средства, со зголемување во ставките за набавка на основни материјални потреби на армијата, како униформи, чизми, резервни делови и слично. Не можете да имате армија подготвена за НАТО ако таа не е облечена, стоплена, опремена. Затоа ова зголемување од 51 процент за оваа основна намена е исто така суштинско. Од друга страна, намалуваме непродуктивни трошоци за околу 7 милиони денари. На пример,  големите набавки за репрезентација, непродуктивните службени патувања и неконтролираното трошење на парите на граѓаните и тоа, како што покажаа информациите, за лични потреби на минатото раководство, сега се веќе минато.

Наспроти тоа одлучивме да исправиме и една неправда поврзана со исплатата на Јубилејната награда, направивме измена на Колективниот договор со која сите вработени на АРМ и на МО кои имаат 15, но и повеќе години стаж во овие институции ќе земаат ваква Јубилејна награда.

Колку во овој момент Република Македонија, односно АРМ и МО, се подготвени за прием во НАТО? Кои се најзначајните придобивки за Република Македонија од нејзиното евроатлантско интегрирање?

На приемот во Алијансата може да се гледа од неколку перспективи. Прво, тоа е нашата надворешнополитичка цел од деведесеттите години на минатиот век, и уште поважно постои недвосмислен консензус кај сите граѓани на Македонија и кај политичките партии дека, местото на државата е во НАТО. Втората перспектива  се интерните реформи. Секој дополнителен чекор кој нè носи поблиску до полноправно членство, за нас е катализатор во нивното спроведување. Валоризацијата на сето она што е направено ни е како ветер во грбот. Пораката на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, дека  Македонија за само шест месеци се врати на евроатлантската патека и дека е импресиониран од реформите на Владата, за нас значи голема поддршка во овие реформски процеси.

Ме прашавте колку сме подготвени за членство. Пред само шест месеци Македонија беше затворена, недемократска држава, држава без иднина, со апатични граѓани, без слободни медиуми и држава со корумпирана власт, и извршна и судска, а тоа е факт кој сите ние јавно го слушнавме.

Но, покажавме дека оваа Влада е поинаква во своето работење од претходната.  За само шест месеци се трансформираме од бесперспективна земја, во земја во која првиот човек на Алијансата вели дека е импресиониран од покажаните резултати. Јас верувам дека можеме да успееме и верувам во нашите капацитети.

Во овој  релативно краток период како министерка за одбрана имавте многубројни средби и работен ангажман и во рамките на државата и на регионално и на меѓународно ниво. Кои  настани и средби би ги издвоиле како најзначајни во изминатиот период?

 Еден од главните проблеми со кои се соочуваше Македонија до средината на јуни минатата година беше затвореноста и изолираноста, која одлично ѝ служеше на тогашната власт. Токму затоа во овие шест месеци посетив и примив поголем број на министри за одбрана, и тоа министрите на Велика Британија, на Бугарија, на Албанија, на Словенија, на Црна Гора, на Хрватска, како и високи претставници на германското Министерство за одбрана… Во Брисел, на состаноците на Северноатлантскиот совет, разговарав со министри за одбрана на земјите-членки (Германија, Италија, Франција, Норвешка, Австрија …). Моите посети, како онаа на меѓународната вежба „Saber Guardian“ во Романија, ги користев за да се сретнам и со министрите за одбрана.

Не можев да поверувам дека пред мојата средба со Гевин Вилијамсон кон крајот на минатата година, цели 9 години не сме имале средба со министер за одбрана од Велика Британија, а и таа пред девет години била само ракување пред камери. Организиравме и многу успешен министерски состанок на земјите-членки, со САД и Јадранската повелба, каде се потврди поддршката за членството на Македонија во НАТО. Се обнови и иницијативата за трилатерална средба на министрите за одбрана на Македонија, на Бугарија и на Албанија, и таа се одржа, со што се зацврсти партнерскиот однос и соработката во одбраната кај овие три земји.

Го посетив и седиштето на Алијансата неколкупати, каде се сретнав со генералниот секретар Столтенберг, со помошникот-генерален секретар Готемулер и со многу други високи претставници на Алијансата.

Посетата на генералниот секретар на НАТО Столтенберг во јануари беше признание за сè што сработивме околу целта да ја вратиме Македонија во фокусот на вниманието на ЕУ и НАТО.

Доколку сакаме да бидеме дел од големиот интегриран безбедносен систем, и доколку сакаме мир и просперитет во регионот и на континентот, соработката, поврзаноста, искрените намери во односот со партнерските земји, треба да претставуваат приоритет.

Видливоста на државата се гледа и преку учеството во меѓународните мировни мисии. Какви се плановите на Македонија на тоа поле?

Учеството на Македонија во мировните мисии на Алијансата, но и оние на Обединетите нации и на Европската унија, се нашиот одговор на тоа дали Македонија е сериозна земја која придонесува кон глобалниот мир и безбедност или не. Го зголемивме учеството во мисијата на НАТО во Авганистан за 20 отсто, што е уште една потврда дека Македонија останува посветена на своите заложби за градење на мир и безбедност во глобални рамки. Таа одлука беше поздравена и од генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг, кој и самиот неодамна побара зголемување на силите на НАТО во оваа мисија.

Со години наназад се чувствуваше недостиг од витални стратегиски документи во однос на одбраната и безбедноста на државата. Кои  документи се во процес на  изработка во моментот во Министерството за одбрана и АРМ?

Го „откочивме“ процесот на изработка на Стратегискиот одбранбен преглед кој претставува клучен документ за идниот развој и реформи во Министерството и во Армијата, и се движи со силно темпо. Едноставно, не можете да ги планирате идните чекори на развој доколку пред вас го немате овој стратегиски документ. Навистина ја цениме несебичната поддршка од експертите од Велика Британија и САД. Нашите проекции се дека овој процес ќе заврши до средината на оваа година и дека со еден таков сеопфатен документ ќе можеме да ги направиме најквалитетните реформи кои ќе значат мала модерна армија со високо ниво на интероперабилност и Министерство за одбрана кое ќе биде вистински сервис на армијата.

Министерке, да се вратиме на домашните реформи. Колку според вас е важна транспарентноста во секторот одбрана и колку е значајна соработката со медиумите?

Транспарентноста е најдобрата алатка за борба против корупцијата на секое ниво. Затоа донесовме Правилник за транспарентност во работењето на Министерството за одбрана. Еден од принципите на доброто владеење е да се направат системски решенија за утврдени недостатоци, чие имплементирање нема да зависи од личноста која е на чело на институцијата, а со овој правилник тоа и го постигнавме.

Веб-страницата на Министерството веќе наликува на вистински сервис и за медиумите и за граѓаните. Објавени се стратегиските документи, ревизорските извештаи, буџетот и завршните сметки, но и плановите за јавни набавки со директни линкови до електронскиот систем за јавни набавки за секој оглас, а потоа и секое известување за одлуки и секој договор што се потпишува. Тоа е можеби мал чекор во зголемувањето на обврските кај вработените, но огромен скок напред во транспарентноста на Министерството.

Како прва жена министерка за одбрана на Република Македонија, кои се Вашите перцепции за учеството на жените во АРМ и имате ли некои проекции за поголемо присуство на жените на лидерски позиции?

Учеството на жените во АРМ ќе го зголемиме. Сега е недоволно, застапеноста на припадничките од женски род во редовите на АРМ е околу 8,63% севкупно, или 6,75% во униформираниот дел на АРМ. Просекот во земјите-членки на НАТО е нешто повеќе од 10 отсто. Во МО состојбата е нешто подобра – 30 проценти од вработените се жени,  и исто толкав процент се на раководни позиции.

Мораме да го зајакнеме учеството на жени во мировните мисии, и во секоја од ротациите на АРМ во мировните мисии во кои учествуваме да се внимава и на родовата рамноправност. Во последната ротација во мисијата „Одлучна поддршка“, кон крајот на ноември минатата година во Авганистан, заминаа  и две жени-припаднички на АРМ, едната од нив офицер, другата подофицер. Охрабрува фактот што околу 50% од примените питомци на Воената академија во студиската 2017-2018 година се девојки.

Посебно ќе се посветиме на обесхрабрувањето на секоја помисла за сексуално вознемирување на жените во АРМ – правиме процедура за пријавување на сексуално вознемирување и злоупотреба на моќ. Ако ова е причина која ги одвраќа жените од Армијата, ќе ја елиминираме.

Дали сметате дека треба да се вложат дополнителни напори за промоција на воениот позив и на кој начин  е најсоодветно тоа да се направи?

Бројките говорат дека Армијата е на врвот на листата на институции во кои граѓаните имаат најголема доверба. Тоа нам ни го олеснува приемот на нови професионални војници во нашите редови. Активно работиме на план за популаризација на воената професија – доброволното служење воен рок, приемот на професионални војници и приемот на Воената академија. Овој позив создава големи можности за успешна кариера. Погледнете го примерот со младиот потпоручник Милош Трендевски кој, како најдобар во класата интернационални студенти на Кралската воена академија „Сендхрст“ во Велика Британија, беше одликуван со „Меч на честа“ од принцот Хари. Тоа се моментите во животот на еден професионалец кои ќе ве направат да се чувствувате горди на тоа што сте го постигнале, на земјата која ја претставувате. А, Армијата ја дава таа шанса.

Драго ми е што можам да соопштам дека годинава ќе објавиме огласи за прием на 375 професионални војници, што може да биде уште еден поттик за младите луѓе да го одберат воениот позив.

Колку военото образование во Република Македонија е ефикасно и дали имате некои проекции за подобрувања во оваа област?

Воената академија долги години произведува кадри и за земјите од регионот, што покажува дека има квалитет. Тоа не значи дека нема простор за подобрување. Ќе го гарантираме приемот на питомците кои покажале дека се најдобри во процесот на тестирање за прием. Во тој дел не постојат алтернативи. Не постојат црвени телефони, не постојат заткулисни договарања.

Вториот процес е подобрување и осовременување на програмите и практиките на предавање на Воената академија. На мое големо задоволство на почетокот на септември бевме писмено информирани од генералниот секретар на НАТО,  Столтенберг, дека Македонија е примена како дел од Програмата на НАТО за унапредување на образованието во одбраната, прием кој беше овозможен по нашето барање.

Овој процес е веќе во тек и во моментов се изработува план според кој експертите од НАТО ќе ѝ  помогнат на Воената академија да ги унапреди своите програми.

Со оглед на тоа дека ова е 100. број на магазинот „Штит“, и дека издавачката дејност на Министерството за одбрана датира од самото формирање на АРМ, колку е значајно што постојат печатени изданија кои се дистрибуираат до припадниците на АРМ И МО, но и пошироко во јавноста, и што би им порачале на читателите на „Штит“?

Неколкупати потенцирав дека за нас транспарентноста е столбот на институцијата. Магазинот „Штит“ и научното списание „Современа македонска одбрана“ ги гледам токму како алка од овој систем. Ви го честитам 100. број. Овој јубилеј за вас, но и за сите нас, како дел од ова Министерство, значи дека имаме искуство и капацитет да бидеме лидери во транспарентноста. Ви посакувам успешна работа и во иднина. Целта на која сите во Министерството и Армијата работиме е заедничка – отворено Министерство, развиен систем на одбраната и безбедноста и полноправно членство во Алијансата.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail