Интервју на Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески за МИА пред претстојниот Самит на НАТО во Чикаго, САД

1. Какви се Вашите очекувања, од аспект на воената област, од НАТО Самитот  во Чикаго за прием на Република Македонија, со оглед на тоа дека АРМ ги исполнува речиси сите потребни стандарди ?

 На Самитот на НАТО во Букурешт беше донесена неправедна одлука, што од наша страна беше прифатено со доза на разочарување. Но, во Букурешт добивме две пораки: едната беше со негативен предзнак и произлегува од одлуката на Алијансата, Република Македонија да не добие покана за членство, а другата е позитивна поради тоа што сепак јасно беше истакнато дека нашата држава ги има исполнето стандардите за прием во НАТО. Што се однесува до исполнувањето на бараните стандарди на полето на одбраната, како едни од најважните, со оглед на тоа дека сепак се работи за членство во колективен систем за одбрана и безбедност, можам со задоволство да констатирам дека како Армија ги имаме исполнето сите предуслови за полноправно членство во НАТО.

Во однос на претстојниот Самин на НАТО во Чикаго, би кажал дека сум оптимист како и секогаш, но и дека имам и песимистички очекувања. Оптимизмот го темелам пред се врз фактот што НАТО е воена организација, а познато е и потврдено дека АРМ во најголем дел ги има исполнето условите и стандардите за полноправно членство, но сепак ако се земе во предвид дека Алијансата е и политичка организација, тогаш кај мене има и доза на песимизам, заради ирационалната политика на нашиот јужен сосед и блокадата на Република Македонија во Евроатланските процеси воопшто.

2. Македонските војници веќе одамна се де факто рамо до рамо со трупите на Алијансата во повеќе мировни мисии. Колку тоа значи и покрај декларативните позитивни оценки за нивната подготвеност, професионалност и врвност во извршувањето на задачите за полноправно членство на РМ во НАТО?

Во изминативе десет години учество во меѓународните мировни мисии, предводени од НАТО, ЕУ и ООН, Македонскиот војник на различни краеви од светот се наметна во прв план со својата храброст и издржливост, но пред се со неговата врвна обученост и психофизичка подготвеност. Благодарение на високите  оценки кои ги добивавме од највисоките командни структури на НАТО, денес АРМ не само што е рамноправен, туку е и посакуван партнер на Алијансата. Најдобар доказ во прилог на ова е учеството на 2721 припадник на АРМ од 2002 година до денес, од кои над 1900 се одликувани. Искуството и научените лекции кои ги стекнавме во мисиите: ИСАФ, ,,Слобода за Ирак”, ,,АЛТЕА” и ,,УНИФИЛ”  за нас се од непроценливо значење, а податоците за вкупниот број на припадници на АРМ кои учествувале во сите мисии, а особено на оние кои се одликувани, доволно говорат дека оценките на Алијансата за подготвеноста на АРМ не се само декларативни. Припадниците на АРМ во овие десет години се препознатливи како амбасадори на мирот кои одиграа значајна улога во афирмацијата на Република Македонија на светско ниво, но она што за нас како Армија е од посебно значење е практичната потврда на достигнатиот степен на интероперабилност, компаративност и оперативна способност на единиците за учество во операции предводени од НАТО. Впрочем и домашната и меѓународната јавност имаше прилика да биде ,,одблиску“ информирана за врвната обученост и примената на модерни тактики, техники и процедури при извршувањето на крајно сложени задачи со висок ризик во рамките на меѓународните мисии, заради што наша обврска во иднина е да го одржиме високиот рејтинг кој е граден напорно во минатото.

3. Исполнети се НАТО стандардите во АРМ, во која насока според Вас продолжуваат реформите? Кое беше најприоритетното прашање со кое се соочивте откако дојдовте на позицијата Началник на ГШ на АРМ и на што ќе се фокусирате сега?

 Најпрвин би сакал да нагласам дека стандардите на НАТО не се дадени еднаш засекогаш во целина, за што најдобар доказ е новиот НАТО Концепт. АРМ ќе продолжи да ги следи новите стандарди на Алијансата и ќе настојува да одржува ,,кондиција“ на овој план и на тој начин да се соочи со новите безбедносни предизвици. Во која насока ќе се движат реформите, ќе зависи од многу фактори кои пред се имаат влијаније на безбедноста во регионот и пошироко, но и од приоритетите кои произлегуваат од нашата заложба за Евро-атланска интеграција. Во моментов можам да кажам дека покрај реализацијата на новиот пакет партнерски цели, Генералштабот е во целост фокусиран кон имплементацијата на новата структура на силите која започна уште на почетокот од оваа година, така што Динамичкиот план за трансформација се реализира според предвидената динамика, каде не би требало да имаме посебни проблеми. Исто така, ќе продолжиме крајно посветено да работиме на подготовката, опремувањето и оценувањето на декларираните единици според Концептот за оценување на НАТО. Во таа насока, очекувам на претстојната меѓународна вежба која овој месец ќе се изведе на армискиот полигон ,,Криволак“ да го заокружиме процесот на оценување на средната механизирана пешадиска чета, која е декларирана за учество во борбената група на ЕУ. Со ова ќе бидеме во можност да партиципираме и во рамките на силите на ЕУ, како дел од проектот на Европската одбранбено- безбедносна политика.

Што се однесува до приоритетите кои ги поставив по приемот на должноста Началник на ГШ на АРМ, иако тие беа јавно истакнати, јас би ги издвоил следниве:

- изработка на новата организациско-формациска структура на АРМ;

- модернизација на АРМ и

- подобрување на обуката и борбената готовност на единиците.

Во моментов сум фокусиран на имплементацијата на новата организациско-формациска структура на АРМ, обученоста, подготвеноста и  подобрувањето на имиџот на припадникот на АРМ.

4. Според Вас ќе успее ли АРМ да ги следи потребните реформи со постојаното кратење на одбранбениот буџет? Како ќе се одрази последното намалување од 10 милиони евра врз потребите на АРМ за модернизација, подигнување на животниот стандард на припадниците на АРМ…

Точно е дека во последните две до три години буџетот на АРМ имаше тренд на намалување, но мора да напоменам дека тоа се случува во услови на светска економска криза. Најавата за зголемување на буџетот во одбраната за оваа година се оствари, но како што е познато со предвидениот ребаланс, тој ќе биде намален за десетина милиони евра. Свесни сме за објективните сложени економски услови, кои во прв ред се предизвикани од светската економска криза, но доколку сакаме да ја задржиме планираната динамика на развојот и трансформацијата на АРМ, мора во иднина да се вложат напори за нејзино планско и континуирано финансирање. Со најавите за последниот ребаланс на буџетот сосема е извесно дека финансиските средства, предвидени за модернизација на АРМ ќе бидат во најголем дел редуцирани. Иако животниот стандард на вработените во Армијата гледано од финансиски аспект нема да се подобри, сепак е добро тоа што средствата предвидени за плати нема да бидат скратени. Ние, во АРМ имаме разбирање за економската криза која го зафати целиот свет, сведоци сме дека некои земји особено од регионот сеуште не се во можнст да излезат од рецесија, па затоа како и во изминативе години, ќе сториме се, во услови на намален буџет да не биде загрозена борбената готовност и извршувањето на задачите. Без оглед на се, сите субјекти во државата треба да имаат предвид дека безбедноста на државата нема цена, бидејќи без неа, можеме да изгубиме и она што го имаме.

5. Во насока на петкратното убиство што се случи кај Смиљковското езеро и информациите за постоење радикален исламизам и „тероризам“ на територијата на РМ, АРМ  ја следи ли состојбата, има ли капацитет да ја извршува основната задача – одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на државата?

Петкратното убиство кај Смиљковското езеро не само што ги вознемири граѓаните на Република Македонија, туку и пошироко во регионот. Сметам дека со овој чин не беше загрозен територијалниот интегритет на Република Македонија, а убиството како акт имаше за цел да се предизвика страв и несигурност кај граѓаните, но и одредени немири. Што се однесува за постоењето на радикален исламизам и тероризам на територијата на Република Македонија, постојат надлежни институциии кои треба да го кажат последниот збор по ова прашање. Генералштабот  во рамките на своите надлежности ја следи редовно состојбата, особено во командите и единиците и е во постојана координација со стручните служби во Министерството за одбрана, пред се Секторот за воена служба за безбедност и разузнување. АРМ ќе се прилагоди и ќе се обучува во склад со новите безбедносни предизвици, штитејќи го територијалниот интегритет и суверенитет, како и слободата на граѓаните. Можам да кажам дека АРМ има  капацитет за одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на државата, што е впрочем и нејзината основна задача определена со Уставот на Република Македонија.

6. Кој е Вашиот директен предлог, она што треба да се направи за резервниот состав?

По прашање на резервата, нашите приоритети треба да се базираат врз потребата од изедначување на оспособеноста и опременоста на резервата, на ниво на активната компонента. Врз база на законските регулативи кај нас е дефинирана активна и општа резерва. Без оглед на модалитетите кои ќе ги избереме за воспоставување на системот на резервни сили, пред нас претстои сериозна задача за трансформацијата на резервата во поефикасна вооружена компонента, со соодветна и прилагодена организациска структура. Тоа ќе значи редефинирање на резервата во одбранбенбениот систем и несомнено вклучување на сите субјекти од Министерството за одбрана и Генералштабот, во процесот на планирање на обуката, вежбите и опременоста на резервата, во насока таа во наредниот период постепено да се изедначува по обученоста со активниот состав. Како едно од главните прашања со кое во блиска иднина ќе треба сериозно да се разгледа е начинот на пополната на резервата. Сметам дека активната резерва, треба да се пополнува  со војници на редовно, односно доброволно служење на воениот рок (10 до 20 проценти од активниот состав),  што ќе ни даде идеална можност за селекција на најдобрите војници за прием во професионалниот состав на Армијата.

 7. Каква е безбедносната состојба?

 Секогаш кога се работи за донесување на крупни одлуки во врска со Република Македонија на меѓународен план, одредени структури превземаат одредени активности со кои сакаат да ја дестабилизираат и да ја претстават во лошо светло. Со проценката  на безбедносната состојба  во државата се бават други институции во Република Македонија. Меѓутоа, врз база на размената на податоците во рамките на надлежните институции, ние не располагаме со информации кои говорат за влошување на безбедносната ситуација, заради што во моментов може да констатирам дека безбедносната ситуација во Република Македонија е стабилна.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail