Интервју со началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески за списанието „Штит“

Господине генерал, на крајот сме на уште една година, а на почетокот на годината во којашто одбележуваме 20 години од формирањето на АРМ. Како ги оценувате изминатите години на растеж и развој на АРМ, особено изминатата година, имајќи предвид дека за прв човек на Армијата бевте назначени на Денот на Армијата на Република Македонија?

            Развојот на АРМ е тешко да се опише само во неколку реченици, ако се земе  во обзир фактот дека се работи за временски период кој не е така краток и кој  за припадниците на Армијата, беше постојано исполнет со динамика и многу предизвици. Без посебно да навлегувам во подлабока анализа на одредени фази од развојот на АРМ, морам да истакнам дека изминативе дваесет години за АРМ значеа: докажување, напорна работа, доследност, професионализам и пред се борба за изградба на Армија која ќе може да ги извршува нејзините мисии и задачи предвидени со Уставот и законите на Република Македонија, но истовремено и Армија која ќе биде во чекор со современите армии во светот. Денес од оваа временска дистанца, со задоволство можам да констатирам дека генерациите припадници на АРМ, без разлика на чин, должност или национална и полова припадност,  успешно ја издигнаа Армијата во една од најуспешните институции во државата, што се должи пред се на нивната посветеност кон реформите, која се темели на  лојалноста кон професијата и високиот морал. Воедно, Армијата претставува институција во која граѓаните на Република Македонија имаат најголема доверба, што посебно беше потенцирано и од Претседателот на Република Македонија.

            Годината која е зад нас, е уште една во низот на години исполнети со напорна работа и исполнување на обврските и плановите. Но, како главни препознатливи параметри за АРМ во 2011 година, би ги издвоил:  Финализирање на процесот за изработка на новата структура на силите, продолжување со процесот на оценување на декларираните единици според ОСС (Operational Cpability Concept) Концептот за оперативни способности на НАТО, постапно воведување на ЛИС (логистички информативен систем), учеството во мисиите предводени од НАТО, ЕУ и ООН , активно учество во регионалната меѓуармиска соработка пред се во рамките на Јадранската група, како и на Конференцијата на началниците на ГШ на армиите од Балканот (Б9) на која во 2011 година бевме домаќини, воспоставување на хиерархијата на системот на воени доктрини, усвојување на поголем број правила и упатства за регулирање на животот и работата во повеќе сфери. При тоа, и покрај редуцираните буџетски средства, како резулатат на економската криза, би сакал да истакнам дека успеавме да ги реализираме поставените задачи, што се должи на високиот професионализам, сериозноста и разбирањето за состојбите од страна на припадници на АРМ.

За наредната година е најавено зголемување на буџетот за одбраната. Што конкретно ќе значи тоа за стандардот на припадниците АРМ и кои единици на Армијата ќе имаат приоритет во опремувањето?

Кога сме кај прашањето за финансирање на одбраната, на јавноста и е познато дека во наредниот период буџетот на Армијата е планирано да се зголемува, така што во наредните десет години, тој би требало да  достигне над 2 % од БДП. Јас во оваа прилика ќе потсетам на она што е предвидено во нашиот долгорочен план за модернизација, со кој во наредната декада Армијата треба да биде опремена со: напреден индивидуален борбен систем, современи оклопни транспортери, тактички комуникациски средства и системи, неборбени товарни, теренски и специјални моторни возила, радар, оперативен центар за воздушно набљудување и систем за противвоздушна одбрана на мали височини. Ова се капитални проекти кои ќе овозможат постапна модернизација и опремување, во функција на осовременување на АРМ, првенствено заради успешно извршување на основните задачи, но и за одговор на новите безбедносни предизвици.

Буџетот во 2012 година е зголемен во однос на 2011 год за 9% во услови кога кај останатите земји од регионот како и кај некои земји членки на НАТО се врши  намалување. Институциите во Република Македонија  задолжени за одбраната, а особено Претседателот на Република Македонија, Владата и Собранието на Република Македонија имаат разбирање од потребата за  зголемување на буџетот во 2012 година. Што се однесува до неговата реализација  во наредната година,  врз база на она што е планирано, главен приоритет ќе биде даден на воведување на новата борбена униформа во сите единици на Армијата, но паралелно ќе се започне и со реализација на дел од планираните проекти. Приоритет во опремувањето ќе имаат декларираните единици од причина што имаме обврска и за исполнување на партнерските цели, но и обврска за нивно опремување во согласност со стандардите предвидени за извршување на мисиите предводени од НАТО и ЕУ. Секако дека и понатаму еден од главните императиви останува подигнувањето на стандардот на припадниците на АРМ, а пред се на објектите во кои се разместени единиците, заради што Генералштабот ќе направи напор преку соодветните органи во Министерството за одбрана, старата и дотраена инфраструктура постепено да се реновира и зановува.

Ниедна армија не може да се опреми за една или две години, па затоа е потребно да изнајдеме модус за модернизација и опремување во рамките на долгорочниот план за развој на одбраната, односно набавените средства да се исплаќаат во период од 10 години.

Кога сме кај опремувањето на единиците, деновиве беше промовирана новата маскирна униформа која своја промоција надвор од земјата ќе има со заминувањето на новиот контингент на АРМ во мисијата ИСАФ во Авганистан.  

Припадниците на АРМ од идната година ќе носат нова борбена униформа, која ќе биде препознатлива по својата автохтона дигитална шара. Очекувам до средината на 2012 година со новата борбена униформа да се опреми комплетниот состав на АРМ, а борбената униформа со универзална шара први ќе имаат чест да ја облечат припадниците на АРМ кои се дел од контингентот за наредната ротација за ИСАФ мисијата кој ќе биде испратен во Авганистан на почетокот од Јануари 2012 година. Тоа значи дека во 2012 година, покрај прославата на Јубилејот ,,20 години АРМ” ќе биде запаметена и по воведувањето на новата борбена униформа .

Како ја оценувате интероперативноста на декларираните единици на АРМ, нивната опременост и оспособеност за учество во НАТО-предводените операции за поддршка на мирот?

Кога зборуваме за декларираните единици, ценам дека бевме крајно транспарентни од причина што нивното оценување согласно прифатениот ОСС Концепт на НАТО, го спроведувавме во изминативе четири години со реализација на серија вежби ,,Македонски Блесок”. Со задоволство можам да констатирам дека динамиката на оценувањето на декларираните единици се одвива во согласност со плановите за вежби од кои централно место заземаат оние кои се наменети токму за оценување на декларираните единици. Сведоци сме дека до сега се сертифицирани: средниот пешадиски баталјон од 1.мпбр, четата на Воена Полиција и четата за длабинско извидување од ренџерскиот баталјон, како единици кои целосно го заокружија процесот на оценување. Претстои продолжување на оценувањето на средната баталјонска борбена група и хеликоптерскиот детачмент, како и механизираната пешадиска чета од 2.мпбр и одделението за АБХО како дел од декларираните единици за учество во борбената група на ЕУ.

Во моментов ценам дека декларираните единици на АРМ, посебно оние сертифицираните, се во можност успешно да извршуваат задачи во мисии за поддршка на мирот, предводени од НАТО. Меѓутоа, во иднина потребно е  доопремување и модернизација на декларираните единици.

Во наредниот период се предвидува набавка на специјална опрема за Армијата која се нарекува „Војник на 21 век”. За што, всушност, се работи?

Всушност се работи за планирана аквизиција за која веќе споменав, а тоа е таканаречениот ,,Напреден борбен систем за војник на иднината” кој воедно претставува и една од прифатените партнерски цели. Овој современ борбен систем, кој е наменет за опремување на ,,војникот на 21 век” или на иднината, предвидено е да се состои од повеќе подсистеми или целини, од кои највазни се

-  модуларен систем на вооружување со термален нишан, ласерски далечиномер,  дигитален компас, GPS (Global Position System) уред за одредување на позицијата и ориентација во просторот, ласерски поинтер, дневен видео нишан  и дневно -  ноќен оптички нишан за блиска борба;

- заштитна облека за сите временски услови и напредна индивидуална опрема согласно новите технолошки достигнувања;

Вака комплетираниот систем треба да обезбеди зголемување на прегледноста при изведување на операциите, поголема прецизност, мобилност и борбена ефикасност на војникот  во новиот милениум. Со заокружувањето на овој исклучително важен проект за опремување на декларираните и маневарските единици ќе се постигне клучната интероперабилност со современите армии, при што неговата примена ќе овозможи несметано учество во НАТО водени операции со борбени единици, успешно изведување на комбинирани вооружени операции во урбани средини, употреба на единиците во екстремно топли или ладни климатски услови и друго.

Во годините што изминаа АРМ со своето учество во мировните мисии ширум светот стекна голем углед и стана респектабилен партнер на армиите на земјите-членки на НАТО, но и на земјите кои не се членки на Алијансата. Како го оценувате нашето досегашно учество во мисиите предводени од ООН, од НАТО и од ЕУ? Како понатаму?

Познато е дека АРМ веќе девет години учествува во мисиите предводени на почетокот само од НАТО, а подоцна и од ЕУ и ООН. Доколку учеството во сите досегашни мировни мисии, го цениме од стручен аспект, можам да кажам дека тоа е повеќе од успешно. Но, ваквата оценка се темели врз неколку важни параметри кои мора да се земат предвид кога се зборува за успешноста на меѓународните мисии од призма на  земја членка на ПзМ и аспирант за членство во НАТО, како што е Република Македонија. Од оваа временска  дистанца, секако дека мора да се потсетиме дека АРМ учеството во мисиите предводени од НАТО постапно го зголемуваше во зависност од достигнатиот степен на интероперабилност, компаративност и оперативна способност пред се на декларираните единици согласно стандардите на Алијансата. На учеството во мисиите им претходеше учество на поголем број наши припадници на меѓународни вежби во организација на НАТО, а подоцна и Концептот за оперативни способности, преку кој имаме можност заедно со Алијансата поцелосно да ја ,,скенираме” подготвеноста на нашите декларирани сили.

Низ овие девет години меѓународно искуство од мировните мисии, Македонскиот војник на различни краеви од светот се наметна во прв план со својата храброст и издржливост, но ништо помалку не заостануваше неговата врвна обученост и психофизичка подготвеност. Благодарение на високите  оценки кои ги добивавме од највисоки командни структури на НАТО, денес АРМ не само што е посакуван, туку е и рамноправен партнер на Алијансата. Како што е познато, до сега во сите мисии: ИСАФ, ,,Слобода за Ирак”, ,,АЛТЕА” и ,,УНИФИЛ” учествувале над 2500 припадници на АРМ од кои над 1900 се одликувани.

Но, кога станува збор за понатамошното учество во мисиите надвор од Република Македонија, јас ќе го повторам она што во една прилика веќе го изјавив, а тоа е дека ќе ги следиме насоките на надлежните субјекти во државата, како и препораките на Алијансата, што значи дека бројноста на силите ќе ја прилагодиме во зависност од потребите и врз база на нашиот интерес. Тоа конкретно за мисијата ИСАФ во Авганистан како најголема мисија на НАТО, значи во иднина поголемо ангажирање со стручен персонал за менторирање и обука. Сепак, кога зборуваме за зголемување на бројот на припадниците на АРМ во мисиите надвор од Република Македонија, мора да потсетам дека испраќањето на единици на АРМ во меѓународни мисии е пред се политичка одлука, а секакво нивно понатамошно и идно ангажирање надвор од државата, мора да биде одобрено од институциите на системот, а наша обврска е да ја одржуваме борбената готовност и обученоста на единиците на потребното ниво, како би можеле да одговориме на евентуалните понуди за мировни мисии.

Во однос на претстојниот јубилеј, 20 години АРМ, припадниците на Армијата со својот професионален однос со право заслужуваат тој да се одбележи на достоинствен начин. Што се предвидува на тој план?

Министерството за одбрана и ГШ на АРМ кон крајот на оваа година веќе започнаа со планирање на одбележувањето на овој голем јубилеј. Би сакал да нагласам дека тоа ќе биде манифестација за прославување на јубилејот ,,20 години АРМ” која планираме да се одбележува во текот на првата половина од идната година, а својата кулминација би требало да ја достигне со прославата на 18-ти Август – Денот на АРМ. Она што е особено важно е дека во организацијата на манифестифестацијата, покрај МО и ГШ на АРМ ќе бидат вклучени и Владата на Република Македонија, Министерството за култура, локалната самоуправа и други субјекти. Постои заложба да се организираат бројни активности низ целата држава преку научни трибини, стручни дебати, конференции, изложби, посета на училишта и други облици на претставување на Армијата пред граѓаните и јавноста на Република Македонија. Засега работната група која е задолжена за овој проект работи според утврдена динамика и сметам дека таа ќе биде реализирана.

Господине генерал, Република Македонија одамна ги исполни сите критериуми за членство во НАТО, но од познати причини сè уште сме во „чекалницата” на Алијансата. Можеме ли да очекуваме на наредниот самит во Чикаго да биде исправена неправдата што & беше нанесена на нашата земја и 20-годишниот јубилеј да го одбележиме и како членка на НАТО?

Приемот на Република Македонија во Алијансата е политичко прашање. Наша должност како Армија е да ги совладаме војничките пречки и со исполнување на стандардите на НАТО да помогнеме да се разреши ова ирационално политичко прашање. Меѓутоа нашата армија мора да е подготвена да ја остварува својата мисија, без оглед на тоа дали Република Македонија ќе постане или не членка на НАТО.

Да ли ќе бидеме и да ли ке постанеме членка на НАТО на следниот самит во Чикаго останува да бидеме оптимисти и доволно мудри, а тоа пред се зависи од политичката одлука на НАТО членките.

Крајот на годината и почетокот на новата е период кога се сублимираат резултатите, но и се изразуваат очекувањата од претстојниот период. Која е вашата новогодишна честитка до припаданиците на АРМ и што ќе им порачате за наредниот период?

Како Началник на ГШ на АРМ кој е на должност во последниот квартал од 2011 година, можам да кажам дека измина една исклучително тешка година, од аспект на буџетирањето на одбраната, како одраз на тешката економска состојба во глобални рамки. Но, мора да бидеме задоволни од она што во изминатата година е завршено, а како Армија останавме доследни кон обврските и реализацијата на плановите и покрај објективните потешкотии. Крајот на годината е период кога се   изработуваат анализи, се сумираат резултатите, но и кога се соочуваме со предизвиците за наредната година. Јас по природа сум отсекогаш оптимист, а релативно младиот состав на Армијата кој е исполнет со ентузијазам и желба за докажување, ми дава за право во новата 2012 година да гледам со реални очекувања за исполнување и реализација на планираните активности, но и продолжување и заокружување на дел од проектите.

Во оваа прилика, на сите припадници на АРМ им ја честитам Новата 2012 година и им посакакувам добро здравје како на нив, така и на нивните семејства, а во Новата Година да влеземе сите заедно со поголем елан за остварување на уште поголеми успеси. Јубилејната година во која ќе зачекориме за сите припадници на АРМ треба да биде предизвик да се постигне повеќе. Јас верувам дека имаме капацитет, знаење и желба да работиме напорно и посветено, а резултатите ќе дојдат сами по себе.

Во наредната година очекувам и убеден сум дека ќе продолжиме со реформите и со извршување на поставените задачи, со што и понатаму ќе даваме силен импулс кон Евроатланската интеграција на Република Македонија.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail