ИНТЕРВЈУ ЗА ДНЕВНИОТ ВЕСНИК ,,Дневник“

КОСОВО НЕ НИ Е ЗАКАНА, ТУКУ НОВ ПАРТНЕР

Врз основа на размената на податоците во рамки на надлежните институции, каде што за нас клучна улога има Службата за безбедност и воено разузнавање во МО, ние не располагаме со информации што говорат за влошување на безбедносната ситуација од повисок интензитет, особено на делот од границата со Kосово, вели Kотески во своето прво интервју како нов началник на Генералштабот на АРМ.

Kаква модернизација на АРМ планирате и дали е веќе испланиран буџет за тоа во однос на купување нова опрема, вооружување, со оглед на тоа што досега најмногу опрема сме добивале во вид на донации од нашите стратегиски партнери од НАТО – САД, Германија и Турција?

- Kако и во сите армии во светот, така и за нашата, кога зборуваме за опремување, може да се каже дека ,,списокот на желби“ е секогаш голем. Но, врз основа на приоритетите, нашите планови за модернизација на Армијата во наредната деценија се состојат во набавка или развој на напреден индивидуален борбен систем (опрема за пешадијата), современи оклопни транспортери, тактички комуникациски средства и системи, неборбени товарни, теренски и специјални моторни возила, радар, оперативен центар за воздушно набљудување и систем за противвоздушна одбрана на мали височини.
Она што е особено значајно е фактот што релевантните државни субјекти кои имаат надлежност во донесувањето на буџетот на Република Македонија, се во целост запознаени со планираната динамика за модернизација на АРМ, како и имплементацијата на новата структура на силите. Неодамна, заедно со министерот за одбрана имавме средба со врховниот командант на вооружените сили, претседателот на Владата и со Kомисијата за одбрана и безбедност во Собранието, на која беше искажана решеност буџетските средства за одбраната да се зголемуваат, така што за десет години би требало да се достигнат над 2 процента од БДП, со што значително ќе го подигнеме стандардот на припадниците на АРМ.

Со оглед на тоа што САД се повлекува од мисијата ИСАФ во Авганистан, дали и АРМ планира редуцирање на силите во оваа мисија од сегашните 200 војници и дали и АРМ ќе ги пренасочи силите на друго место во светот, како на пример во кризната Либија?

 - АРМ во мисијата ИСАФ е присутна девет години и во моментов во оваа мисија имаме распоредено околу 180 припадници, од кои најголемиот дел имаат за задача во обезбедување на главната команда на ИСАФ. Има најави од неколку земји-членки на НАТО за намалување на силите или нивно целосно повлекување од Авганистан. Ние, како и досега, ќе ги следиме насоките на надлежните субјекти во државата, како и препораките на Алијансата и ситуацијата на терен, што значи дека бројноста на силите ќе ја прилагодиме во зависност од потребите, како што впрочем тоа беше направено и во мисијата ,,Слобода за Ирак”. Врз основа на последните проценки и насоки од НАТО, во наредниот период и понатаму во фокусот ќе биде јакнењето на капацитетите и обученоста на авганистанските безбедносни сили, како еден од клучните фактори за понатамошно јакнење на безбедноста и стабилноста на оваа земја. За нас, тоа ќе значи поголемо ангажирање со стручен персонал за менторирање и обука, што во основа се разликува од моменталниот ангажман на најголемиот дел од припадниците на АРМ во мисијата ИСАФ. Сепак, испраќањето на единици на АРМ во меѓународни мисии е пред се политичка одлука, така што секакво идно ангажирање надвор од државата, мора да биде одобрено од институциите на системот.

Македонија бележи присуство во мисиите на Обединетите нации со само 1 (еден) претставник, во рамки на УНИФИЛ мисијата во Либан. Со оглед на тоа што нашиот меѓудржавен спор за името со соседна Грција го решаваме во Обединетите нации, дали се планира зголемување на бројот на наши претставници во мисиите на ООН, со оглед на тоа што соседна Србија учествува во десет такви мисии?

- Учеството во мисијата УНИФИЛ во Либан, во рамки на ООН, претставено со еден штабен офицер е резултат на слична процедура како онаа со НАТО. Во иднина, доколку од АРМ биде побарано учество во некоја од мисиите на ООН, не гледам никаква пречка за наше учество од аспект на обученост и оперативна способност.

Дали планирате да го средите хаосот со кроењето на листите со војници за учество во меѓународните мисии, за што минатата година, според шпекулациите, имаше и тепачка меѓу двајца армиски генерали?

- Ниту во минатото, ниту сега – не постоел и не постои хаос во како што го нарекувате ,,кроењето” на листите со војниците за учество во меѓународни мисии! Кога говориме за избор и селекција на припадниците на АРМ за учество во меѓународните мисии, воспоставени се критериуми во однос на здравствената состојба, психофизичката подготвеност, покажаните резултати во работата и однесувањето, употреба на англискиот јазик и обученоста на секој кандидат, без разлика на чинот и формациското место на кое е поставен. Никој нема право да дозволи да се испратат недоволно обучени и психофизички неподготвени лица во мисија, бидејќи сите сме свесни дека со таквиот акт директно можеме да ја доведеме во прашање безбедноста не само на тие лица, туку и на целата мисија. Но, доколку се утврди било кој од АРМ да врши притисок или било какви други незаконски дејствија со кои се нарушува редовната процедура за избор и селекција на кандидати за учество во меѓународните мисии, јас ветувам дека ќе бидат преземени сите законски мерки за санкционирање кои ни стојат на располагање, па дури и отстранување од редовите на Армијата и кривично гонење на таквите, при што нема да бидат поштедени ни старешните со највисоки чинови.

Со оглед на последните раздвижувања во регионот и пред се случувањата на Косово, дали АРМ планира активно присуство на територијата на оваа новоформирана држава? На пример со воено аташе.

- АРМ во мисијата КФОР учествува посредно преку Координативниот центар на земјата-домаќин, кој е воспоставен од средината на 2007 година, со задача да спроведува стандардни процедури за единиците на КФОР што транзитираат низ Република Македонија пред влез на територијата на Република Косово. За поконкретно присуство во рамките на мисијата на НАТО-КФОР, засега не може да стане збор, но она што сакам да го истакнам е развојот на билатералната соработка со Косово на полето на одбраната, која постојано се движи во нагорна линија. Интересот за соработка е голем и обостран, особено од косовската страна, која посебно е заинтересирана за научените лекции на АРМ од мисиите предводени од НАТО и ЕУ, како и во делот на обуката и вежбите, користењето на армискиот полигон ,,Криволак”, Регионалниот тренинг-центар за комуникации, Воената Академија и друго. Ова е една од причините што уште пред една година, Министерството за одбрана, во рамки на своите надлежности, назначи воено аташе на Република Македонија за Република Косово,  кој  задачите ги извршува од Скопје, или со дипломатски речник – нерезидентно.

Ако се земат предвид безбедносните ризици што доаѓаат од северната граница на републикава, како ја оценувате безбедносната ситуација во Македонија и на нејзините граници и дали АРМ е подготвена за можните воени предизвици?

- Верувам дека е познато дека безбедносната проценка на границите на државата и надвор од неа е во надлежност на други институции на Република Македонија, па во однос на ова прашање, не би можел да ви дадам поконкретен одговор. Но, врз основа на размената на податоците во рамки на надлежните институции, каде што за нас клучна улога има Службата за безбедност и воено разузнување во МО, ние не располагаме со информации кои говорат за влошување на безбедносната ситуација од повисок интензитет, особено на делот од границата со Косово. Доколку дојде до такво нешто, наша обврска е да постапиме согласно надлежностите кои произлегуваат од Уставот и законите, а тоа значи подигнување на степенот на борбената готовност кај дел од единиците. За такво нешто, во моментов не може да стане збор, бидејќи безбедносната ситуација во регионот е стабилна.

Колку изнесува активниот, а колку резервниот состав на АРМ и дали таа бројка е доволна за одбрана на земјата од можни надворешни, па и внатрешни опасности?

 - Активниот состав на АРМ брои околу осум илјади припадници, додека моменталниот резервен состав го чинат околу пет илјади резервисти. Со новата структура на силите, планираме активната резерва да биде со силина од 1800 припадници, поради што во тек е изработка на Концепт за резервни сили со кој ќе бидат дефинирани правата, обврските, обуката, финансирање и редовното ангажирање на резевистите на АРМ. Согледувајќи ја пошироката безбедносна ситуација, врз база на реалните проценки на опкружувањето, како и заложбата и очекувањата Република Македонија да стане полноправна членка на НАТО, ценам дека можеме успешно да се справиме со идните безбедносни предизвици, без оглед на тоа од каде доаѓаат. Ваквата констатација се должи и на фактот што меѓу првите во регионот воведовме професионализација на војничкиот состав, што се потврди како клучно при извршувањето на мисиите предводени од НАТО и ЕУ. Но, иако согласно законските регулативи, на обврската за служење на воениот рок е ставен мораториум, не е исклучено и да се разгледа можноста за пополнување на Армијата и со одреден процент (не повеќе од 20 проценти) на регрути. Прашањето за резервниот состав, како и пополнувањето на АРМ со одреден број на регрути, бара сестран и сериозен пристап, заради што во наредниот период заедно со Министерството за одбрана и другите институции треба заедно да го разгледаме овој предлог.

Дали, со вашето доаѓање на чело на Генералштабот на АРМ, се планирани некакви други структурални промени во генералштабот?

- За реализација на новата трансформација на Армијата која би требало да започне во 2012 година, неопходно е да се изврши децентрализација во персоналниот менаџмент и финансиските овластувања и ова е едно од прашањата на кои јас инсистирам да се решат.

 Каква е вашата соработка со новиот министер за одбрана Фатмир Бесими и дали има притисок од негова страна и од било-кој друг, за зголемување на бројот на Албанци во структурите на АРМ?

- Со министерот за одбрана соработувам повеќе од два месеци после моето  поставување на функционалната должност, така што во овој период имаме одлична соработка. Од самиот почеток со министерот заедно ги дефиниравме приоритетите, заради што сметам дека ја имам неговата целосна поддршка, што се темели врз фактот што тој за многу кратко време ги увиде специфичностите на воената организација, а во него гледам човек кој има многу ентузијазам и силна желба да направи се што е во негова надлежност да се унапредат реформските процеси во одбраната, а особено развојот на АРМ. До сега од никого, вклучувајќи го и министерот за одбрана, не сум имал никаков притисок за зголемување на бројот на Албанците во структурите на АРМ. Како што е познато, АРМ е институција во чиј состав е речиси во целост достигнат проектираниот процент на застапеност на припадниците на етничките заедници, вклучувајќи ја и албанската како најбројна.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail