Интервју за Интернет порталот ,,Без пардон“

Какво е чуството да се биде прв униформиран човек на армијата на Р.Македонија ?

- Да се биде на чело на Армијата на Република Македонија, како носител на највисоката должност – Началник на Генералштабот, е пред се голема одговорност за оној кој ја извршува. Како што истакнав и на церемонијата за примопредавање на должноста, која се случи на Денот на АРМ во Охрид, чувствата не можат да се сокријат. Секако дека сум среќен што мојата успешна кариера ја крунисав со моето поставување на највисоката должност во Армијата, но во исто време сум и особено горд што како деветти Началник на Генераштабот на АРМ, ја водам најуспешната институција во Република Македонија. За тоа најдобро говорат резултатите кои Армијата во континуитет ги постигнува, на терен потврдената висока обученост и професионализам, пред се на меѓународен план, но и високиот рејтинг и довербата кај граѓаните на Република Македонија. Токму овие атрибути кои АРМ ја исфрлуваат во прв план, се она што не само мене како Началник на Генералштабот ме прават особено горд, туку и секој припадник на Армијата, па и ако сакате секој граѓанин на Република Македонија. Затоа, денес да се биде како што велите, прв униформиран човек на Армијата, претставува уште еднаш ќе нагласам, исклучителна одговорност, но и обврска да продолжиме по патот на успехот, заради што покрај силната желба за постигнување врвни резултати и афирмација, потребни се и: знаење, стручност, визија, лидерство и пред се дисциплина, која е основен темел за успешно функционирање на секоја воена организација.

Што подготвувате и како би го промовирале истото во неколку реченици?

- Високите резултати кои ги постигнавме, како и меѓународниот углед се стекнати со огромни напори и во исклучително тешки услови, а како што е познато најголем дел од нив беа ефектуирани со беспрекорното извршување на мисиите предводени од НАТО, Европската Унија и Организацијата на Обединетите Нации, заради што АРМ денес е не само рамноправен, туку и посакуван партнер во системите за колективна безбедност и одбрана. Во оваа прилика сакам да истакнам дека достигнатиот степен на интероперативност, компатибилност и оперативна способност, АРМ ги достигна во изминатиот период од десетина години, при тоа, заедно со Министерството за одбрана само во изминатите седум години, спроведе најсеопфатни и најтемелни реформи во нејзината историја, со цел да се достигнат потребните стандарди на Алијансата. Како што знаете, полноправното членство во НАТО и ЕУ, претставува императив и цврста заложба на сите политички субјекти во Република Македонија, за што постои и консензус и широка поддршка од страна на граѓаните. Тоа, за Министерството за одбрана и АРМ кои го сочинуваат највиталниот дел од одбраната на Република Македонија, значи продолжување со реформите и следење на препораките од Алијансата, од каде слободно можам да кажам дека се повеќе сме третирани како полноправна членка, отколку како земја членка на ПзМ. Затоа, во наредниот период за реализација на долгорочните планови за развој на одбраната, покрај уставните и со законите определени задачи, за АРМ клучно и од особена важност ќе бидат следните параметри:
- имплементацијата на новата структура на силите, како одговор на новите безбедносни предизвици, но и потреба за креирање на новиот лик на АРМ за блиска иднина, како Армија на земја-полноправна членка на НАТО;
- продолжувањето и доследното спроведување на реформските процеси во одбраната и следење на новите стандарди на НАТО со цел да се заокружи процесот на изградба на модерна, високообучена и професионална Армија;
- поголема транспарентност и отвореност кон јавноста, со што Македонскиот војник ќе биде уште поблиску до обичниот граѓанин на Република Македонија;
- подобрување на животниот стандард на припадниците на АРМ и реализација на плановите за долгорочен развој, опремување и модернизација на Армијата;
- јакнење на дисциплината, моралот и единството кај припадниците на АРМ и издигнување на војничката професија на повисоко рамниште;
- продолжување на соработката и координација со сите субјекти во доменот на одбраната и безбедноста како и давање поддршка на цивилните структури;
- понатамошно јакнење на соработката со партнерите во НАТО, како и меѓу- армиската соработка на билатерален и регионален план.
На кратко, ова би биле главните императиви кои според мене ќе играат главна улога во наредниот период, доколку сакаме како Армија да го одржиме чекорот не само со новопримените членки во НАТО, туку и во рамките на новата Европска безбедносна архитектура, каде со сигурност, Република Македонија и АРМ ќе имаат свое место и конкретен придонес.

Важите за Почитуван Генерал помеѓу колегите. Дали сметате дека е така ? или пак тоа е само … ?

- Одговорот на ова прашање, даден од моја страна по дефиниција би требало да биде субјективен заради тоа што во принцип би сакал другите да зборуваат за мене. Но сепак ќе се обидам со факти да бидам што пообјективен и да ви одговорам. Како што знаете, Армијата е специфична институција и функционира врз строго зацртани правила, прописи и регулативи, без чие доследно почитување и примена, едноставно би завладеал хаос. Еден од главните принципи во сите армии на светот е почитување на едностарешинство и субординацја, што значи, строго почитување на чиновите (постар и помлад) и поставеноста на должностите во воената хиерархија. Со oбичен речник, би можело да се каже дека без обѕир на личноста која е поставена на одредена должност, сите оние кои му се потчинети, мораат да го почитуваат.
За себе можам да кажам дека низ целата кариера сум бил почитуван, како од потчинетите, така и од претпоставените. Тоа се должи пред се на стручноста, професионализмот, правичноста и дисциплината, без кои високите резултати во работата, ќе беа речиси невозможни. Значи, доколку патот во кариерата го трасирате со стручност, ентузијазам и лидерство, со кое во фокусот ќе го ставите војникот и старешината како човек, имајќи разбирање за сите негови проблеми и потреби, успехот доаѓа сам по себе, а секако и почитувањето како неизбежна сатисфакција, кога работите во униформа.
Да бидете почитуван значи да ги почитувате своите соработници, потчинети и претпоставени.Секогаш ми било важно да ме почитуваат оние што се професионални оние што се чесни и оние што се продуктивни и ефикасни во својата работа.

Сметам дека сум почитуван и мислам дека не постои ниедна причина да не биде така, впрочем се она што на личен план досега сум го постигнал, ми дава за право да верувам во ова, а секако дека во пракса тоа ќе го потврдам и во наредниот период.

Дали кога започнавте да се занимавате со оваа професија, мислевте т.е имавте амбициида станете началник на ГШ на АРМ ?

- Доколку сте ја прочитале мојата биографија, ќе видите дека уште од мојата петнаесетта година носам униформа. Тоа доволно зборува за мојата љубов кон воениот позив и Армијата воопшто. Воден од силниот мотив да го дочекам денот кога како офицер ќе застанам пред војничкиот строј, школувањто го завршив со одличен успех. Според мене, секој офицер доколку вистински ја сака својата професија (а нема причина да не е така), уште на почетокот на кариерата, треба да размислува за достигнувањето на височините, а тоа е генералскиот чин. Е, за тоа треба напорна работа, чесно натпреварување со колегите, непрекидно учење, стручност, лидерство, лично усовршување и што уште не… Нашата професија е племенита, пред се заради работата со млади луѓе, запознавање на различни карактери и доживување на случки и ситуации кои ви се врежуваат во меморијата засекогаш. Но, едно е сигурно, сите сме горди на нашата професија, затоа што со неа обучуваме млади луѓе кои стекнуваат вештини за одбрана на татковината. Армијата е средина во која нема застој и одмор, таа е постојано во движење и доколку не сте вклопени успешно во таа динамика, не можете да фатите чекор со успешните. За мене, во кариерата отсекогаш било најважно тоа што го работам да биде максимално професионално, чесно и врз база на воспоставените принципи ,,фер плеј“ кон сите, а на претпоставените сум оставал да го кажат последниот збор за водење во кариерата. Секако дека високите резултати кои ги постигнував (што во голем дел е заслуга и на сите оние со кои непосредно работев), беа основните параметри кои ми го трасираа патот до она што сум денес.

Дали сте политички обоен?

 - Искрено НЕ !

Зошто некои од медиумиве ве посочија како близок човек на Актуелната власт и партијата ВМРО ДПМНЕ?

- Во оваа прилика, сакам јасно и недвосмислено да изјавам дека никогаш не сум бил член на било која политичка партија, ниту пак сум искажувал некакви симпатии и приврзаност кон било која политичка опција во Република Македонија. Во една прилика, за еден медиум неодамна изјавив, а тоа сега и ќе го повторам: мојата единствена партија е Република Македонија, за неа творам, за неа ќе се борам како и досега и за неа како Началник на Генералштабот ќе сторам се АРМ да биде уште подобра и поуспешна. Тврдењата дека сум бил близок до некоја партија се крајно неаргументирани ги сметам како шпекулација и затоа нема да ги коментирам. Но, едно сакам да биде до крај јасно; во Армијата нема место за политика, Армијата мора да остане не само чиста и отпорна на политички влијанија и манипулации, туку и да не дозволи инволвирање на личноста од политичкиот живот во нејзините редови. Можете да замислите, на што би личела АРМ кога оние кои треба да ја водат, би се воделе од политички убедувања. Едноставно би се нарушил системот на субординација и едностарешинство, за кои споменав, а верувам дека сериозно во прашање би било доведено и командувањето и контролата, без кое не може да се замисли извршување на задачите. Јас, заедно со сите мои потчинети, ќе сторам се Армијата и понатаму да остане деполитизирана институција, во што не се сомневам дека имам максимална поддршка од Министерот за одбрана и дека како и во иднина припадниците на АРМ ќе бидат рангирани според резултатите во работата и стручните квалитети, а не според политичката определеност, која никогаш не била, ниту пак ќе биде критериум за вреднување во АРМ.

Со колку војска располага македонската Армија и какви се полкови има?

- Како што е познато, уште во 2005 година, со донесувањето на Стратегискиот одбранбен преглед, беше дефинирано со колкав човечки и материјално-технички капацитет ќе располага АРМ. Таа денес брои околу осум илјади припадници, а организациско-формациската структура е устоена согласно стандардите на НАТО. Генераштабот претставува највисоко стручно и командно тело, преку кое Претседателот на Република Македонија како Врховен командант на вооружените сили, командува и има увид за состојбите во одбраната. Генераштабот под себе има три првопотчинети команди: Здружената оперативна команда, Командата за обука и Командата за логистичка поддршка, како и три првопотчинети единици: полкот за специјални операции, Центарот за електронско извидување и Центарот за контола на воздушниот простор. Најголемиот дел од маневарските единици се потчинети на Здружената оперативна команда, а тоа се: првата и втората механизирана пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ, артилерискиот, оклопниот и баталјоните за воена полиција и врски, како и четата за атомско-биолошка одбрана. Во рамките на Командата за логистичка поддршка се наоѓаат единиците за борбено-сервисна и логистичка поддршка, а тоа се четирите логистички баталјони, но и инженерискиот баталјон и баталјонот за почести опслужување (гарда). Командата за обука покрај центрите за обука, во својот формациски состав ги има и сите полигони и вежбалишта во АРМ. Веројатно ви е познато дека во составот на полкот за специјални операции се баталјонот за специјални намени (,,Волци“) и ренџерскиот баталјон. Накусо, ова е составот на АРМ денес, а со стапување во сила на новата структура на силите, бројната состојба нема да се измени, туку таа ќе биде прилагодена кон успешното справување со новите предизвици кои стојат пред нас.

Кога би имале можност дали би избрале поинаков начин на живот и дали сте успешен и добар човек?

-  За одговор на ова прашање потребна е подлабока анализа, но ако мислите дали би ја избрал истата професија тогаш мојот одговор би бил – Да.
Мислам дека сум успешен и добар. Успешноста не подразбира да сте само успешен во кариерата тоа подразбира и да ли имате успех и во семејството ,(успехот на сопругата и децата), како и во други свери во животот.Успехот и хармонијата во моето семејство ми дава право да кажам дека сум успешен .
Дали сум добар тоа треба да го кажат другите , меѓутоа по ова прашање се раководам со мислата помогнете му на секој кој заслужува , а вам Бог ќе ви помогне.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail