Никој во НАТО нема да каже дека не сме подготвени за членство

 NovaMakedonija- ИНТЕРВЈУ СО МИНИСТЕРОТ ЗА ОДБРАНА, ЗОРАН ЈОЛЕВСКИ 08 април 2017

07042017185336_web_zoran_jolevski_d_andonovski_(9)Неодамна во краток период и Вие и претседателот Ѓорге Иванов, како врховен командант, изјавивте дека Република Македонија е пред сериозни предизвици на безбедносен план, особено поради опасноста од прелевање на бегалската криза и заканите од меѓународниот тероризам. Во каква кондиција се МО и АРМ за да одговорат соодветно на ваквите предизвици?

- Одбраната и безбедноста се еден од носечките столбови на државноста. Факт е дека граѓаните на Република Македонија најголема доверба имаат токму кон Армијата на Република Македонија, и тоа поради фактот дека припадниците на АРМ, секогаш, без исклучок, ги користеле сите свои капацитети и успешно се справувале со сите предизвици по безбедноста. Подолг период се соочуваме со т.н. мигрантска криза и, да бидам искрен, досега пред домашната и меѓународната јавност покажавме дека успешно се справуваме со оваа криза што ја зафати речиси цела Европа. Припадниците на АРМ беа вклучени во справување со кризата како поддршка на Министерството за внатрешни работи и припадниците на граничната полиција. Потоа, во координација со државите на балканската маршрута, а врз основа на одлуката на Европската комисија од октомври 2015 година, истата таа беше затворена. Искуството што нашите војници и офицери го имаат стекнато во изминативе години, пред сè од учеството во меѓународните мировни мисии, значително придонесе за нивно соодветно реагирање. Јас отсекогаш сум велел дека се потребни засилена контрола, обезбедување размена на биометриски податоци за оние што транзитираат и исклучително блиска соработка со сите земји засегнати од оваа појава. На тој начин се влијае и врз намалување на можностите за појава на терористички активности, кои се најголемото зло на денешницата. Да одговорам директно на Вашето прашање, јас со гордост истакнувам дека нашата армија е подготвена да се соочи со сите предизвици, а тоа го видоа и потврдија голем број високи претставници на земји-членки на Европската Унија и на НАТО.

Кои се плановите на МО за зголемување на ефикасноста?
- Јас често знам да кажам дека Министерството и армијата се еден голем танкер, кој се движи во добра насока.Танкер на кој со мудри потези можете да му ја подобрите насоката. Токму на тој начин и работам како министер. Танкер што со мудри потези можете да го направите поефикасен. По преземањето на функцијата министер за одбрана истакнав дека за секоја успешна организација, а тоа значи и за успешна армија, потребно е да се има добро мотивирани, обучени и опремени членови на таа организација, а во овој случај припадници на армијата. Македонија не е голема земја и затоа треба да се концентрира на развој на помали, но висококвалитетни единици на армијата. Македонија не треба да се стреми кон голема и многубројна армија, туку кон мала, ефикасна, високообучена и современо опремена армија. Не случајно една од моите први посети на странски команди беше посетата на командата на Специјалните сили на САД, во Тампа, со тогашниот командант на Полкот за специјални операции, генералот Ѓурчиновски. Тоа резултира во заеднички обуки на нашите специјалци со најелитните единици на САД. Во последниве две години направиме квалитативна промена во учеството во меѓународните вежби. Така, припадниците на воената полиција и на Полкот за специјални операции беа доминантни во учеството на АРМ на најголемата вежба на европскиот континент минатата година, „Анаконда“. Исто така, воспоставени се директна и редовна комуникација и соработка со Командата за специјални операции на НАТО. Нашите припадници веќе две години учествуваат на вежбите на оваа команда и сигурен сум дека тоа ќе стане традиција. Минатата недела се вратија припадници на „Волците“ што учествуваа на тринеделна вежба во Германија заедно со елитните единици на САД. Пред неколку месеци, по неколку средби и разговори со моите полски колеги, добивме понуда оваа партнерска земја интензивно да соработува во обуки и вежби со нивните елитни единици. Исто така, воспоставена е посебна секција на Полкот за специјални операции во зградата на Министерството за одбрана. Во процесот на модернизација, полкот има посебно место. Како министер за одбрана, им давам приоритет на неговото пополнување и опремување. Во процес на преговори сум за заеднички вежби на полигонот „Криволак“ со припадници на елитните единици на другите земји-членки на НАТО. Паралелно со ова се прават напори за натамошно јакнење на Воената академија и нејзино прераснување во регионална институција. Покрај студирањето на питомци од регионот, упатуваме наши питомци на по еден семестар во универзитетот „Норвич“, најстар приватен воен универзитет во САД. Минатата година успеавме наш кандидат да биде примен на Воената воздухопловна академија во Колорадо, САД, а оваа година е отворена можноста да добиеме кадет на четиригодишно школување на престижниот „Вест Поинт“. Исто така, веќе две години имаме наш питомец на Воено-техничката школа во Загреб, која во поранешна Југославија беше најдобар воено-технички факултет.

Можете ли да го елаборирате циклусот на модернизација за наредниве десет години?
- Видете, од формирањето на нашата армија се носеле краткорочни, среднорочни и долгорочни планови за развој. Долгорочниот план за развој на одбраната е документ што опфаќа елементи за ефикасен и плански развој на армијата. Првпат е донесен во 2011 година, но поради изменетата геополитичка реалност, тој е ревидиран и во моментов го опфаќа периодот 2015-2027 година. Овој документ се базира на долгорочниот план за развој на одбраната донесен од Владата во јануари 2014 година. Сепак, морам да напоменам дека овој документ е жив документ, кој редовно се ажурира и дополнува во согласност со безбедносните предизвици и економски можности на државата. Само по три месеци од стапување на функцијата во јуни 2014 година, формирав 12 интегрирани проектни тима, кои содржеа главно членови од АРМ, експерти од својата област и експерти од Министерството за одбрана. Секој тим имаше иста задача од својата област, како анализа на моменталната состојба, утврдување на побарувањата од единиците, изработка на проекти со информации за целта, очекуваните резултати, трошоците, времетраењето и слично. За нас е важно опремата што ќе се набавува да биде во согласност со потребите на АРМ, за да може да ја извршува својата уставна функција, заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија и да биде во согласност со НАТО-стандардите. Извештаите што ги изработија овие тимови беа усвоени од Програмската група, а потоа и од Управната група. Ова кажува дека процесот ги има поминато сите структури. Потоа, во јули 2015 година, се пристапи кон процесот на аквизиција на воена опрема. Она што сакам да информирам е дека овие планови, односно набавки за модернизирање на опремата се класифицирани информации со степен државна тајна и токму затоа за нив не може да се изнесуваат информации во јавноста. Набавките што се прават се во согласност со претходно направените анализи на производители на соодветна опрема. Компаниите што се повикуваат на тендер се од земјите-членки и партнери на НАТО. Натамошниот процес за одлука е ист за сите производители што ги нудат своите производи во согласност со нашите побарувања. Најпрво мора да ги исполнуваат сите тактичко-технички карактеристики, каде што безбедноста на нашите припадници е на прво место, а изборот ќе биде за оној што понудил најниска цена.

Воздухопловната бригада веќе ги виде и резултатите од модернизацијата кога минатиот месец два хеликоптера по извршениот ремонт беа ставени во функција, одреден број се во моментов на ремонт, а неколку неодамна беа транспортирани и набргу ќе се почне да се работи и на нив. Кон средината на оваа година очекуваме хеликоптерите на кои сега се врши ремонт да бидат вратени во Македонија и ставени во функција. Набргу ја очекуваме и високософистицираната опрема за Полкот за специјални операции. Македонскиот војник ќе биде опремен како и војникот на армиите на САД, Велика Британија, Франција. Потребите за заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија и стандардите на НАТО се водилка за реформите во преструктурирањето и опремувањето со современа воена опрема на АРМ.

Дали овој период е вистински момент за набавка на нова опрема за армијата, а, од друга страна, зошто се чекаше толку долго?
- Неодамна на еден медиум бевме прозвани дека во оваа состојба немало потреба да се пристапува кон ваков тип сериозни набавки. Армијата не смее да биде ничиј заложник. Дополнително, набавката на опремата не се врши во моментот на склучување на договорот со производителот. Тоа е процес што трае, односно за да се произведе она што го бараме е потребно време. Исто е и со плаќањето и токму затоа овие договори се склучуваат на подолг временски период од 10 години, до 2027 година. Опрема за армијата е потребна, зашто таа е одговорна за најсветото – нашата татковина. Безбедноста на државата, зачувување на нејзиниот суверенитет, интегритет и целовитост се должност на АРМ, а ние како одговорна институција сме должни да ја опремиме армијата со нова, модерна и квалитетна опрема. Гледаме што се случува во Европа и регионот во поглед на модернизацијата. Погрешно ќе биде овој процес да се запре и да се чекаат некои други времиња. Како што објаснив погоре, иако имаше усвоено долгорочен план за развој на одбраната во јануари 2014, за добро да се подготват спецификациите требаше повеќе од 120 високи старешини да работат половина година за да ги доведат овие проекти до следната фаза на аквизиција.

Каков е вашиот став за враќање на регрутниот состав, прашање што се наметна поради подготвеноста на граѓанството при последните кризни ситуации – бегалската криза и поплавите?
- Професионализацијата е една од суштинските реформи на армијата минатата декада, реформа што доби највисоки оцени од Алијансата. Македонија има одлично подготвена професионална војска. Јас одговорот на вашето прашање би го формулирал како одговор на прашање како да се зголеми опфатот на младите што поминуваат низ обука во армијата. Верувајте, многу време, разговори, анализи имам посветено на ова прашање. Моето лично искуство од служење во армијата е многу позитивно. Иако имав завршено поголем дел од испитите од моите постдипломски студии, 11-те месеци што ги поминав како војник во армијата беа од голема корист за мене како човек. Затоа, како татко на два сина, јас сум за враќање на регрутниот состав. Но пред да се донесе одлука треба да се направи добра анализа на многу фактори, за да се донесе вистинската одлука. Зголемувањето на опфатот на млади луѓе што ќе служат во армијата може да се постигне преку воведување задолжително служење на воениот рок или, пак, преку привлекување многу повеќе кандидати за доброволно служење на воениот рок. Најлесен начин за зголемување на опфатот е преку воведување законска обврска. Но тука треба да се направи анализа колкави буџетски средства се потребни, која е ефикасноста на вака потрошените средства врз борбената готовност на армијата и сл. Втора опција е да се направи доброволното служење на воениот рок многу поатрактивно. На пример, во разговорот со мојата норвешка колешка ми беше кажано дека во Норвешка имаат тројца кандидати за едно место за доброволно служење.

Министерството за одбрана оваа година ѝ даде голем приоритет на популаризацијата на воениот позив – проект што се реализира низ сите 94 средни училишта во Македонија, со што сакаме да ги запознаеме сите млади граѓани со тоа што значи да се биде припадник на АРМ. Од нив ќе ги црпиме и идните армиски професионалци, идните подофицери и офицери. И да бидам јасен, проектот го реализираме не затоа што немаме доволен број пријавени лица на конкурсите за професионални војници или кадети на Воената академија, туку затоа што веруваме дека со што поголем број пријавени ние добиваме и поголем квалитет на примените лица. Извештаите што ги добивам од терен се многу добри. Паралелно ќе побарам од Генералштабот на АРМ да направи анализа на обуката и да даде предлози како ќе ја направи обуката на регрутите поатрактивна. Треба да го направиме доброволното служење на воен рок многу атрактивно.

Црна Гора е пред портите на НАТО, а ние, иако бевме многу пред нив, сè уште сме блокирани во нашите намери. Како го оценувате овој најнов развој на настаните?

- Јас уште првиот момент кога Црна Гора доби покана за членство во НАТО ѝ се јавив и ѝ честитав на мојата колешка, тогашната министерка за одбрана, Милица Пејановиќ Ѓуришиќ. Минатата недела, кога се ратификува поканата на Црна Гора во Сенатот на САД, му честитав на мојот добар пријател, министерот за надворешни работи д-р Срѓан Дармановиќ, со кого заедно лобиравме како амбасадори за приемот на Македонија и Црна Гора во НАТО. Проширувањето и зацврстувањето на Алијансата се придобивка за сите нас и за колективната безбедност. Македонија го следи цврсто поставениот пат кон членство во Европската Унија и во НАТО. Точно, ние сме рекордери според бројот на отворени и успешно затворени годишни циклуси на Акцискиот план за членство. Тоа од една страна нè вознемирува, но од друга нè мотивира да бидеме уште подобри, поефикасни, посилни. Никој во Алијансата нема да ви каже дека армијата на Република Македонија и Македонија не се подготвени за членство. Никој. Но факт е дека една членка на големото евроатлантско семејство треба да ги почитува и применува стандардите и вредностите на целата Алијанса и да дозволи влез на Македонија во НАТО. Тоа мора да се случи и ние одамна го имаме заслужено тоа. А во меѓувреме, АРМ ќе продолжи да се развива и да се однесува како армија на НАТО, зашто тоа ние го правиме за процесот на членство, но да не заборавиме, првенствено го правиме и за нас самите и нашата безбедност, за што не постои алтернатива.

 

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail