МО Шекеринска: Ја испраќаме пораката дека Регионот може да биде само подобар и побезбеден со Македонија како дел од НАТО – интервју за ТОПТЕМА НА ВАША СТРАНА, ТВ ТЕЛМА 12.06.2017 (посета Брисел)

Новинар: Боби Христов

youtube image--

ТВ Телма: Госпоѓо Шекеринска ако се обидеме да го сублимираме целиот ден и сите различни аспекти особено во Европската унија и во НАТО, се би било во една реченица. Ако испорачате, ние ќе возвратиме. Меѓутоа што е тоа „ќе возвратиме“, особено на планот на ЕУ е поразлично од претходните години кога бевме научени само на одлагање и одлагање.

 2017.06.12 - TV TelmaМО Шекеринска: Она што се случуваше во Македонија во изминативе неколку месеци па и неколку години, мислам дека доведе до ситуација да добиеме втора шанса. Зошто? Затоа што и Европската унија исто така виде дека кога немаш политика, кога немаш инструменти, кога немаш одлуки, вакуумот се пополнува со многу неповолни нешта.

Она што е јасно е дека Македонија има нова Влада и она што денеска го испративме како силна порака е дека таа Влада не сака да глуми реформи, туку дека таа Влада сака тие реформи да ги испорача пред се за своите граѓани, но и како порака до Европската унија и до НАТО. Не мислам дека Унијата и НАТО се променија, но ние дојдовме во Брисел за да покажеме дека нашата волја политичка, дека нашиот политички збор ќе држи место и дека тие зборови ќе бидат пропратени со акција.

ТВ Телма: Што ќе значи конкретно таа акција, бидејќи од сите пораки очигледно е дека барем Брисел, нема да ви даде како Влада 100 дена за прилагодување, резултатите ќе мора да се испорачуваат веќе од утре, со доаѓањето на Прибе, следната посета на Хан, извештајот акциски што треба да го подготви Прибе до 10 јули. Што значи тоа во контекст што од утре веќе ќе треба да се испорача?

МО Шекеринска: Ние уште во време на предизборната кампања минатата година, кажавме дека нема де имаме право на 100 дена, заради тоа што Македонија нема 100 дена за губење. Целиот овој процес со изборот на Влада, со процедурите во Собранието, дополнително ни го стесни маневарскиот простор и на некој начин Македонија ќе треба да изведе чудо за да до крајот на годината покаже дека реформите не се само на хартија, туку дека тие стануваат политичка реалност.

Се согласувам дека тоа некогаш не е фер, она што не сме го сработеле за неколку години сега да се очекува да го завршиме за три месеци, но мислам дека тоа го очекуваат од нас и македонските граѓани. Зошто? Заради тоа што, се заморија и изгубија многу шанси поради чекање. Нашата цел ќе биде да се фокусираме на областите каде што во следниве три-шест месеци можеме да испорачаме нешто.

ТВ Телма: Од каде ќе се почне? Извештајот на Прибе е голем, врз основ на него се напишани итните приоритети. Јасно е дека Прибе кога ќе дојде во Македонија неделава, нема да најде речиси ништо исполнето, односно само еден нацрт извештај за реформа на УБК. Од што ќе се почне и што е тоа што вие го донесовте денеска овде за да ја добиете таа порака: „Испорачајте, ние ќе возвратиме“.

МО Шекеринска: Сметам дека немаме право да тераме една реформа, која после тоа ќе продолжи во друга реформа. Неколку крупни реформски пакети мора да ги почнеме „од вчера“. Едната од нив е реформа на правосудството, која и самите се свесни дека ќе бара повеќе време. Но не е целта да кажеме кога е последниот рок, туку веднаш да почнеме со зголемување на конкурентноста во судството, со зголемување на нивната одговорност пред сите оние што ги бираат.

Втората област се секако медиумите. Не е прашањето дали ќе се промени само Законот. Битно е да видат дека македонската Влада нема да продолжи да ги корумпира медиумите, како оние претходните. Битно е да престанеме да го користиме инструментот наречен тужба за клевета за да ги притискаме новинарите. Ова се работи кои што можеме да кажам во релативно кус рок да ги испорачаме.

Третиот важен дел е создавање на демократски институции, кои што ќе ја контролираат власта. Тука превземавме обврски. Тие ги покажавме и во македонското собрание, собранието навистина да биде центар на политичките случувања. Владата навистина да одговора пред избраните претставници на граѓаните.

И четвртата област која што и ние ја спомнавме, а која влијае на сите е борба против корупција преку зголемена транспарентност. Сакаме на граѓаните на Македонија, меѓутоа и на ЕУ и НАТО, да покажеме: како се трошат парите, како функционираат институциите и кој носи одговорност за сработеното и за нè сработеното.

ТВ Телма: Да ги направите и најдобрите европски закони, се соочувате со суровата реалност, а тоа е дека за голем дел од законите особено за судските реформи треба консензус или двотретинско мнозинство. Како ќе се обезбеди тоа во политиката на инаетење која што досега беше пракса во Македонија?

МО Шекеринска:  Прво да кажам, и дека нашиот впечаток е дека праксата која ја воведе поранешната Влада, да решиме сè со нов Закон, е лоша пракса. Ќе се трудиме во многу од овие области – Вие спомнавте некои од нив, медиуми, правобранителот и други, да ги решиме проблемите на тој начин што ќе ги применуваме законите кои не се лоши. Меѓутоа, проблем беше во нивно спроведување. Но, се согласувам со вас дека кај еден дел од законите ќе треба да бараме 2/3 мнозинство. Ние првите чекори кон покажување поинаков стил на политика ги направивме. Опозицијата доби да раководи важни Комисии, во одреден број на Комисии е дури и мнозинство. Тоа е одреден политички бенефит за ВМРО-ДПМНЕ, но тоа е и политичка одговорност. Ние сметаме дека во еден инклузивен процес во кој ќе ја поканиме и опозицијата,  и граѓанските организации и експертската јавност, да дискутираме за судските реформи, дека полека но сигурно Македонија ќе ја движиме кон ситуација да има 2/3 поддршка за одреден реформски пакет. Фактот дека Прибе ќе дојде и дека еден дел од неговиот тим ќе се сконцентрира и на овие реформи, фактот дека имаме препораки на Венецијанската комисија околу судските реформи, може да ни го олесни тоа. Ако некои изберат да продолжат со инатења и со блокади тоа е нивен избор. Сметам дека притисокот и од јавноста и од ЕУ и од НАТО ќе биде преголем. На Македонија и се потребни решенија, секој може да придонесе. Власта ќе ја носи најголемата одговорност, но ние подадовме рака кон опозицијата. Нејзина е одговорноста дали ќе ја прифати или не.

ТВ Телма: И сега дојдовме до двете прашања кои ги обединуваат двете ваши функции – вицепремиер и Министер за одбрана. Во ЕУ целта е отворање на поглавјата 23 и 24, односно почеток на преговори, во НАТО членството. Над двете виси проблемот со името. Можни ли се, особено на планот на ЕУ некакви креативни, нови решенија, кои што би овозможиле старт на преговорите, а во подоцнежна фаза и решавање на името. Има ли такво расположение во ЕУ?

МО Шекеринска:  Расположенијата не треба да ги чекаме, тие треба да ги создаваме. Нашата цел со денешната посета на Брисел, со посетите кои што премиерот ќе ги направи во Бугарија, со посетата на МНР на Грција, ќе биде да покажеме нов тип на политика. Политика на отвореност, на добрососедство , на неполитизирање на билатералните односи. Целта е да испратиме пораката дека регионот може да биде само подобар и посигурен ако Македонија се обезбеди себе си со членство во НАТО и со преговори за ЕУ. Еден период безбедноста на Западниот Балкан престана да биде прашање. Можеби тоа беше 2008, 2010, 2011. Во последните неколку години сите наши соседи, ЕУ и НАТО видоа што се случува кога една мала Македонија оди кон нестабилност.

ТВ Телма: Го слушнавме и г-динот Хан денеска вели Европа треба да испорача и да ги има предвид грешките што ги направи кон МК. Потребен е нов приод. Го слушнавме и г-динот Столтенберг на прес-конференцијата со Премиерот. Вели безбедноста на Западниот Балкан, стабилноста е клучна за НАТО. Меѓутоа, сето тоа завршува на она заемно прифатливо решение. Колку оваа влада е подготвена со своите партнери да работи на тоа подотворање на вратите, па дури и под привремената референца?

МО Шекеринска:  Ние како Влада покажавме дека ќе сакаме да развиваме добри односи со соседите. Тоа мислам дека ќе биде видливо, мислам дека тоа веќе се цени. Прашањето ја чинеше Македонија многу и тешко е да се очекува дека тоа може лесно да се реши. Да беше лесно, ќе се решеше на почетокот на нашата независниот. Меѓутоа, ние сакаме повторно да го обезбедиме она што беше стандард од 2007 – да, сакаме да го решаваме проблемот, меѓутоа ајде да не дозволиме проблемот да стане блокада во сите наши меѓусебни односи. Дали тоа ќе биде тешко да се направи – апсолутно да. Но, наша задача е на тоа да се посветиме. Мислам дека и во ЕУ и во НАТО беа гласни и политичарите и структурите кои велеа – дајте да не ја повториме грешката. Пораката која што ја добивме од ЕУ е дека ако Македонија испорача, и ЕУ ќе мора да испорача. Не заради обврска,  туку заради паметна одлука. И ние ќе работиме на тој тип – создавање на нова клима во односите со нашите соседи, за да се отвори вратата, да ја стабилизираме државата и за да можеме на тие прашања да пристапиме од еден многу поконструктивен и многу попозитивен начин.

ТВ Телма: За крај, ќе имаме одмрзната препорака во декември?

МО Шекеринска:  Јас сум сигурна дека ако секој го направи своето, одмрзнатата препорака е реалност.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail