ИНТЕРВЈУ НА МИНИСТЕРОТ ЈОЛЕВСКИ ЗА ГЛАСОТ НА АМЕРИКА НА МАКЕДОНСКИ ОД САМИТОТ НА НАТО ВО ВАРШАВА

Каква е атмосферата, има ли лобирање по ходниците на Самитот?
ЗЈ: На сите самити на НАТО, лобирањето, односно претставувањето на аргументите на земјите за своите прашања е многу значајно. Така и ние, делегацијата на Република Македонија [тука сум заедно со мојот колега Поповски], лобираме за што подобра позиција на Република Македонија на завршниот документ на овој Самит.
Каква порака очекува Макеоднија во Варшава со оглед на тоа дека нема решение за името?
Од она што го имаме како информација, во тек е подготовка на завршниот документ на Самитот. Најверојатно ќе го имаме сличниот вординг како што имавме на претходниот самит во Кардиф и претходните два-три самита. Ние го користиме секој момент да ги истакнеме аргументите зашто Република Македонија заслужува да биде членка на НАТО, а нов дополнителен аргумент е тоа што го направивме во текот на минатата година, односно како се справивме со мигрантската криза. Со тоа покажавме дека навистина заслужуваме да бидеме дел од ова семејство бидејќи припадниците на АРМ дадоа поддршка на полицијата во справувањето со една од најголемите мигрантски кризи во последните години во Европа.
Министре, дали по влезот на Црна Гора ќе следи забавување на процесот на проширување за останатите во регионот. Има ли регионот алтернатива на НАТО со оглед на растечкото руско влијание изминатите години?
Тоа што е многу значајно е дека тука се зборува за продолжување на политиката на отворени врати на НАТО. Можноста за прием на нови членки е постојано отворена. Сите соговорници кои ги имавме тука во Варшава и претходно во процесот на лобирање пред овој самит, истакнуваат дека политиката на отворени врати и политиката на проширување на НАТО ќе продолжи. За Република Македонија нема друга алтернатива, нашата иднина е интаграцијата во евроатлантските структури. Со оваа интеграција ние понатаму ќе ја зацврстиме АРМ, а треба да истакнеме дека реформите кои ги правиме во АРМ, во одбранбениот сектор и другите сфери ги правиме пред сè за нашите граѓани. Да имаме армија која што е силна, армија која што е гарант за територијалниот интегритет и стабилноста на Република Макеоднија. Со учество во мировните мисии на ООН, на НАТО и на ЕУ покажуваме дека припадниците на АРМ се прилично добро обучени и дека го заслужуваме местото во Алијансата. Впрочем пред неколку недели, тука во Полска бев на една од најголемите вежби во последните десет години во Европа, „Анаконда 2016“, каде имаше повеќе од 33.000 војници од земји-членки на НАТО и земји-парнери. Нашите војници се покажаа како мошне квалитетни и добивме највисоки оценки за нивното учество на оваа вежба.
Каков треба да биде односот помеѓу аспирантите и Алијансата?
Битно е соработката меѓу Алијансата и аспирантите да продолжи и понатаму. Во таа насока е и утрешниот состанок тука во Варшава каде зборуваме за интероперабилноста на земјите членки на НАТО и на партнерите. Јас како министер ќе говорам за потребата земјите-партнери да бидат што повеќе вклучени во активностите на НАТО – заеднички вежби, заеднички подготовки и мисии.
facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail