Јолевски: Ќе направиме сѐ за да станеме дел од НАТО

Интервју за Република | 11.07.2014 10:22
http://republika.mk/?p=281719

Ќе продолжиме да работиме напорно за да достигнеме уште повисоко ниво на интероперабилност на АРМ со вооружените сили на земјите-членки на НАТО затоа што тоа е добро првенствено за нас, нашата безбедност и за нашиот просперитет, но и за регионот, Европа и за целата меѓународна заедница

Преговарачот за името Зоран Јолевски е ново име во новата влада на Никола Груевски. Јолевски од амбасадорското столче во Вашингтон се пресели во министерската фотелја во Министерството за одбрана. Неговиот предизвик е, како што вели, исполнување на стратегиската цел – членство во НАТО.

Се вративте од Вашингтон за да ја преземете одбраната. Кој беше Вашиот предизвик и што очекувате да биде променето во Армијата кога ќе ја напуштите функцијата?
Јолевски: Прво, сосема се согласувам со вас дека да се биде дел од одбраната е голем предизвик. Сепак, јас би додал дека е и голема одговорност и голема чест. Во рамките на моите овластувања како министер за одбрана, можам да ја уверам македонската јавност дека ќе ги искористам сите свои знаења, контакти и сето здобиено искуство во унапредувањето на овој сектор. Наша заедничка заложба е исполнувањето на стратегиските цели – членство во НАТО и во Европската унија и секако дека голем дел од напорите ќе се движат во таа насока. Имајќи предвид дека реформите, во суштина, директно влијаат на припадниците на АРМ и на вработените во Министерството за одбрана, а потоа и на сите граѓани на Република Македонија, мора да се каже дека модернизацијата, како и континуираната едукација на лицата што се дел од одбраната е наша главна заложба. Ќе посветиме внимание на образованието и на интелектуалната надградба на вработените во Армијата, значи посветуваме внимание на развојот на најважниот елемент за една институција – човечкиот фактор! Тоа се нашите приоритети на кои ќе работиме бескомпромисно.
Армијата на Република Македонија е институција-предводник во многу работи. Мораме да имаме предвид дека таа, од аспект на реформите и на развојот, е на ниво на сите други полноправни земји-членки на НАТО. Тоа е, навистина, доказ дека Република Македонија заслужува да биде дел од Северноатлантскиот совет. Истовремено, би сакал да додадам дека во рамките на Армијата, застапеноста на немнозинските етнички заедници е 27,5 проценти, додека, исто така, големо внимание посветуваме и на спроведување на резолуцијата 1325, односно родовата рамноправност и родовата перспектива. Ние се трудиме со сите сили да го зголемиме процентот на застапеност на женскиот пол над нивото на кое е денес – 8,5 проценти.

Кои ќе бидат Вашите приоритети во модернизацијата на Армијата и во одржувањето на високото ниво на борбена готовност?
Јолевски: Модернизацијата на Армијата е многу значајна, но истовремено е и релативно подолг процес имајќи ја предвид буџетската рамка на Република Македонија. Во согласност со новиот Долгорочен план за развој на одбраната: 2014 година – 2023 година, кој вклучува План за модернизација, ние утврдивме динамика и начин на кој ќе пристапиме кон овој сериозен предизвик. Во однос на одржувањето на борбената готовност, Армијата на Република Македонија, како и досега, продолжува со реализацијата на своите вежбовни активности, кои, исто како и учеството во меѓународни мировни мисии, имаат добиено високи оценки од страна на нашите странски партнери. Моја цел е Македонија да има мала, мобилна, ефикасна, добро обучена и модерна армија, која е подготвена да се соочи и со најсериозните предизвици.

Имаше забелешки и од НАТО и од високи старешини на АРМ дека поради различни причини опаѓаат високите стандарди што ги исполнивме многу одамна како услов за членство во алијансата. Каков е вашиот впечаток? Дали, навистина, во минатите години била занемарувана Армијата?
Јолевски: Армијата на Република Македонија има капацитет да ги исполнува своите уставни обврски и одговорности. Нашите војници и старешини се добро обучени и се подготвени да се носат со сите задачи што произлегуваат од униформата на Армијата. Секако дека светската финансиска и економска криза влијаеше негативно на буџетот на Република Македонија, а со тоа и на буџетот на Министерството за одбрана, но ние најдовме и континуирано сме во потрага по уште поефикасни решенија за тој предизвик. Имено, со иновативни одлуки и со преземање на концептот што го практикува и самиот НАТО – концептот „паметна одбрана“, ние ги одржуваме и ги развиваме нашата борбена готовност и нашите капацитети. Дозволете во оваа пригода да посочам дека од минатата година во Република Македонија, односно во Министерството за одбрана, функционира и првиот Центар за образование и за едукација на НАТО, ексклузивно насочен кон односите со јавноста. Истото можам да го кажам и за намерите Воената академија да стане лидер во областа на кибернетската безбедност, како област што мораме да ја развиваме во иднина.
Директниот одговор на вашето прашање, наједноставно може да се види преку коментарите на нашите партнери во меѓународните мировни мисии, особено во рамки на ИСАФ во Авганистан. Македонските мировници секогаш и секаде покажуваат исклучително високо ниво на професионализам и на вештини што се препознатливи уште од самиот почеток. Нашите „амбасадори на мирот“ успеваат целосно да ги извршат своите задачи и со тоа да покажат дека Армијата на Република Македонија е респектабилна сила што со исклучителна сериозност им пристапува на своите одговорности.

Останувате ли на функцијата преговарач во спорот за името?
Јолевски: Можам да Ве уверам дека Република Македонија останува целосно посветена на процесот под покровителство на Обединетите нации за наоѓање заемно прифатливо решение, кое ќе го заштити идентитетот и дигнитетот на Македонците. Преговарачот е важен елемент во преговорите, но, како и секаде во светот, кога станува збор за прашање од национален интерес, насоките и рамката на преговори се дефинираат врз основа на консултациите и насоките од државниот врв. Преговарачот е само една алка во тој процес. Тој дава свои видувања за преговорите, учествува во дискусијата за дефинирање на позицијата и откако ќе се изгради став по одредени прашања, користејќи дипломатски и преговарачки вештини, тој ги пренесува позициите на средбите со посредникот и со преговарачот од другата страна. Тоа што е значајно е дека Македонија е во комуникација со посредникот Нимиц, дека подготвени ја очекуваме неговата посета, која се надеваме дека ќе биде наскоро. Тоа значи дека нема никаков застој во контактите со амбасадорот Нимиц и Македонија со целосен капацитет учествува во овој процес.

Како ги оценувате шансите за покана за членство во НАТО на следниот самит во Велс?
Јолевски: Република Македонија е подготвена веднаш да ги преземе сите одговорности што произлегуваат од полноправното членство во Северноатлантската алијанса. Тоа го имаат оценето нашите партнери и самата алијанса. Единствената пречка е спорот за нашето име, кој го има една земја-членка. Јас би сакал да ве уверам вас и македонската јавност дека ние ќе дадеме сè од себе за ја достигнеме таа наша стратегиска цел. И повеќе од тоа – ние ќе продолжиме да работиме напорно за да достигнеме уште повисоко ниво на интероперабилност на АРМ со вооружените сили на земјите-членки на НАТО зашто тоа е добро првенствено за нас, нашата безбедност и нашиот просперитет, но и за регионот, Европа и за целата меѓународна заедница.
Со оглед на планот на САД за повлекување на своите војници од Авганистан, кога можеме да очекуваме и Македонија да го направи тоа?
Јолевски: Армијата на Република Македонија и Република Македонија повеќе од една декада успешно придонесуваат кон градењето на мирот, демократијата и еднаквоста и во Авганистан, но и во други делови од светот. Нашите планови се да го комплетираме нашето учество во Авганистан, во овој формат, до крајот на годината, но, исто така, да продолжиме да придонесуваме во рамките на мисијата на НАТО пост ИСАФ, по 2014 година, секако, во согласност со нашите капацитети и можности. Тоа укажува на фактот дека Република Македонија и во иднина ќе биде посветена на ширење на современите вредности, во сите делови на светот. Владата на Република Македонија зазеде став дека ќе останеме со нашите сојузници во Авганистан, во согласност со целите на идната мисија на НАТО во оваа земја.

Дали се предвидени нови мисии за припадниците на македонската армија?
Јолевски: Намерата на Република Македонија и на Министерството за одбрана е да помогне во обезбедување на мирот, на глобално ниво. Оттука произлегува и одлуката за учество во меѓународни мировни мисии, таму каде што тоа се бара од нас, и во согласност со нашите капацитети. Во моментов, нашите припадници ја реализираат намерата на нашата држава во рамките на силите ИСАФ во Авганистан, во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, односно операцијата ЕУФОР-АЛТЕА, како и во мисијата на ООН во Либан, УНИФИЛ. Споменав и претходно дека Република Македонија е подготвена да учествува и во мисијата во Авганистан по 2014 година, „Одлучна поддршка“, и тоа нашите партнери го знаат. Република Македонија ќе ги разгледа сите барања за учество во меѓународни мировни мисии на ООН во иднина и во согласност со капацитетите и стратегиските определби на државата, ќе донесе соодветна одлука.

Проектот „АРМ мој вистински дом“ на тогашниот министер Зоран Коњановски не беше толку посветено воден од неговите следбеници. До каде е обезбедувањето на станови за воените лица и дали овој проект е мртов или ќе добие реализација во Вашиот мандат?
Јолевски: Во однос на ова прашање би сакал да ве информирам дека овој проект никогаш не бил згаснат. Во тек е привршување на задачите и активностите што произлегуваат од процесот на обезбедување на проектната документација. Министерството за одбрана подготви информација до Владата на Република Македонија во која е прикажан изработениот ажуриран динамички план со кој се предвидени сите идни постапки и чекори што треба да се преземат за реализација на овој проект. Дозволете да додадам дека овој проект, кој го решава станбеното прашање на повеќе од 500 припадници на Армијата на Република Македонија, директно ќе влијае на нивниот морал и на нивната мотивираност, а јас како министер ќе дадам целосна поддршка на овој проект.

Разговараше: Ненад Мирчевски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со министерот Зоран Јолевски е објавено во 96. број на неделникот Република, 4.07.2014)

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail