„МАКЕДОНИЈА Е ПОДГОТВЕНА ДА ЈА ПРЕЗЕМЕ ОДГОВОРНОСТА ОД ЧЛЕНСТВОТО ВО НАТО“

ИНТЕРВЈУ НА МИНИСТЕРОТ ЗА ОДБРАНА, ЗОРАН ЈОЛЕВСКИ ЗА НЕДЕЛНИКОТ „КАПИТАЛ“, 17.10.2014

Македонскиот министер за одбрана, Зоран Јолевски во интервју за „Капитал“порачува дека македонската држава е сосема подготвена да ја преземе одговорноста од членството во НАТО, но дека и покрај сите исполнети реформи, главна пречка за реализација на овие заложби е спорот за името со Грција

- Господине Јолевски, какви приоритети поставивте пред вас со доаѓањето на функцијата? Како Вие ја гледате современата македонска одбрана?

Република Македонија уште од своето осамостојување започна активно да работи на развојот на нејзината Армија, која и согласно Уставот е гарант на суверенитетот и територијалниот интегритет, како и на безбедноста и стабилноста на нашата татковина. Мене ми е огромна чест, но и одговорност, што сум на кормилото на одбраната.

Армијата на Република Македонија е модерна, современо опремена, мобилна и професионална армија, чиј припадници се подготвени да се справат со бројни предизвици. Нашата Армија е Армија која може да се носи рамо до рамо со армиите на земјите-членки на НАТО-алијансата. Мисиите за поддршка на мирот во кои учествуваме се доказ за ова. Уште поважно, нашата Армија во секој момент е подготвена да му даде поддршка и помош на својот народ и на своите граѓани, без разлика од каква природа е опасноста со која тие се соочуваат. Впрочем тоа може да се види секојдневно, а особено кога Македонија беше погодена од природни катастрофи како што се пожари и поплави.

За да може да ги извршува со уставот дефинираните задачи, како и другите обврски, во АРМ мораме да имаме високо мотивирани индивидуи. Токму затоа мој приоритет е секој војник, секој подофицер и секој офицер во Армијата да биде високо обучен и да се здобие со вештини и знаења за извршување на поставените задачи. Заедно со Претседателот на Република Македонија кој е Врховен командант, Владата, Министерството за одбрана и Генералштабот работиме на тоа да создадеме најдобри можни услови за функционирање на АРМ.

Секако, од големо значење е модернизацијата на Армијата, која ќе се врши етапно, во повеќе фази, но континуирано и без застој. Имајќи ги предвид висината на буџетските средства и цената на воената техника, ние мораме ефикасно да ги користиме средствата што се на наше располагање. Стратегиското планирање, дефинирањето на приоритетите и мудрото искористување на располиживите средства се клучот за успехот во нашите активности за развој на одбраната.
Македонија има Армија достојна за почит, како од нејзините граѓани, така и од партнерите во Алијансата.

- Има забелешки за правичната застапеност на етничките заедници во АРМ. Поделеноста во општеството по етничка линија се уште не е надмината. Колку е ова опасно кога Армијата е во прашање? Успева ли АРМ да ги обедини различните етникуми во Македонија?

Македонската армија има јасно дефинирана структура и хиерархија. Таа се почитува на сите нивоа и затоа нејзиното функционирање воопшто не се доведува во прашање. Во Армијата имаме припадници од сите етнички заедници во Република Македонија. Впрочем според најновите податоци, над 27% од составот на АРМ се од заедниците кои не се мнозинство во Македонија. Тоа е факт со кој се гордееме. АРМ има компактна структура која навистина функционира беспрекорно. Впрочем во нашите мировни мисии, кои се во мошне опасни области, единиците на АРМ се со мултиетнички состав – Македонци, Албанци, Турци, Срби и други. Тие заедно, компактно и успешно ги извршуваат и најопасните задачи кои им се доверени и за тоа добиваат највисоки оценки од НАТО.

„Паралелно со економскиот раст на државата ќе расте и Буџетот на АРМ“

- Неодамна во јавноста се отворија идеи за проширување на постоечкиот воено-безбедносен концепт, односно враќање на регрутниот состав во активниот дел на армијата, како и зголемување на резервниот состав. Што мислите за овие идеи?

Македонија беше првата земја во регионот која пристапи на целосно професионален состав на Армијата. Тоа беше високо оценето и од НАТО алијансата, а беше и реформа која донесе бенефит и за нас. Во денешно време светот ретко се соочува со конвенционални закани како во минатото. Тоа, пак, е уште помалку веројатно на Балканот, каде сите земји одат на патот на интеграцијата, особено кон НАТО и Европската Унија. Она кон што мораме да се концентрираме во овој момент е развојот на капацитети за борба против асиметричните закани. Тоа е она што е предизвик во овој момент, а на тоа не се одговара со бројка, со масовност, туку со знаење и вештини. Нашата намера е Армијата да биде високо обучена, модерна, технолошки опремена сила која ќе одговори на сите потенцијални закани. Затоа и во активниот резервен состав ќе имаме индивидуи кои ќе располгаат со вештини потребни за современото војување, каде технологијата има голема улога. Заради ова ќе има и одредени реформи во Воената Академија, Командата за обука и сл. Како пример ќе ја наведам иницијативата за формирање на единица во резервиот состав за заштита од сајбер напади.

- Во кои се мисии во моментот учествуваат нашите војници?

Армијата на Република Македонија во моментов има свои припадници во неколку меѓународни мировни мисии, од кои најмногу во рамките на силите ИСАФ во Кабул, потоа во операцијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина, ЕУФОР-АЛТЕА, а придонесуваме и во мисијата на Обединетите Нации во Либан, УНИФИЛ.

Нашите мировници во Авганистан се високо ценети и познати по својата исклучителна професионалност. Мисијата ИСАФ е во Авганистан за да им помогне на Авганистанските безбедносни сили целосно да ја преземат одговорноста за мирот и безбедноста на својата земја. Нашите мировници заедно со сојузниците имаат за цел да приодонесат за зајакнување на мирот, демократијата и слободата во оваа земја. Македонија ќе продолжи да биде дел и од новата мисија Одлучна поддршка, која ќе ја наследи мисијата ИСАФ од 1 јануари идната година.

Дополнително, како што споменав, ние сме дел и од операцијата во Босна и Херцеговина, каде придонесуваме со медицински тим во базата Бутмир во Сараево.
Воедно ги испитуваме можностите Македонија да даде свој придонес и во мировните мисии на ОН, познати како сини шлемови.

Тука треба да напомнам дека со учеството во овие мисии, нашите војници и офицери се стекнуваат со непроценливо искуство. Повеќе од 3300 македонски војници имаат поминато низ операциите во Ирак и Авганистан, со што сериозно се зајакна капацитетот на АРМ за справување и со најголемите предизвици. Војниците и офицерите кои поминуваат низ овие мисии сериозно го пододбруваат нивото на обученост. Учеството во овие мисии го гледам како двонасочен процес, во едната насока заедно со партнерите од НАТО и ЕУ придонесуваме за зајакнување на мирот и слободата во други делови на светот, но истовремено припадниците на АРМ се стекнуваат со огромно искуство, знаење и вештини. Одржувањето на овие стекнати капацитети е мошне значајно за Република Македонија.

Од идната година 4 предмети од третата година и 4 предмети од четвртата година на Воената академија ќе се предаваат на англиски јазик. Ние мора да ги подготвиме идните офицери да бидат НАТО офицери, способни да извршуваат задачи заедно со партнерите на Алијансата. Академијата веќе има регионален карактер, но цел ни е да имаме кадети од Европа, САД, Канада и други земји.

- Неминовно е прашањето за константното намалување на Буџетот на македонската армија. Што е преземете Вие во врска со тоа?

Кога станува збор за буџетот, мора да имаме предвид дека Република Македонија е дел од светската економија и дека сите текови на глобално ниво влијаат и врз нашата економија. Факт е дека буџетот за одбраната имаше еден тренд на намалување минатите години. Тоа беше рефлексија на забавувањето на светската економија. Но ова не е карактеристика само за Македонија, туку и за скоро сите останати земји од регионот, Европа и пошироко. Дури и во САД има намалување на буџетот за одбрана.

Значајно е што буџетот на Република Македонија и политиките на Владата придонесуваат за остварување на економски раст, кој е меѓу највисоките во Европа. Економскиот раст е предуслов за поголем буџет во иднина и со тоа ќе се зголеми колачот од кој, дел ќе земе одбраната. Паралелно со растот на македонската економија, кој е јасно видлив, ќе работиме и на тоа фазно, етапно да расте и буџетот за одбраната. Така ќе имаме можност да намениме сè повеќе средства во процесот на модернизација кој е еден од основните приоритети за мене како министер.

И што е најважно е Владата не се откажува од модернизацијата, туку напротив, ние ќе работиме и на нејзино забрзување. Кога на ова ќе се додаде мудрото, планско и ефикасно искористување на расположивиот дел од колачот, тогаш сум сигурен дека резулатите ќе бидат одлични.

- Дали спорот за името со Грција е единствена пречка за македонската интеграција во НАТО Алијансата?

Одговорот на ова прашање е едноставен и јасен. Тој е јасно посочен и во заклучоците од сите досегашни самити, почнувајќи од самитот на Алијансата во Букурешт во 2008 година. Република Македонија е подготвена да стане полноправен член на НАТО уште денеска. Тоа е факт голем колку планина. Единствената пречка која стои на патот на Македонија до оваа стратегиска цел е ова отворено прашање со јужниот сосед. Ние ќе продолжиме да работиме на сите реформски процеси и зафати во рамките на Министерството и на Армијата. Само така ќе останеме подготвени да ја преземеме одговорноста која произлегува од членството во секое време.

- Уште од 2008-та после Самитот во Букурешт во сите јавни настапи се вели дека Македонија ги има исполнето сите други критериуми, па дури и дека де-факто се однесува како земја членка. Во што се состојат тие критериуми и што се има исполнето земјата во овој контекст?

Република Македонија од денот на целосното осамостојување покажа и докажа дека ги споделува демократските вредности на цивилизираниот свет, на современото време. Институциите на државата овозможуваат за секој граѓанин да може да ги ужива придобивките на слободата, на демократијата, правната држава, пазраната економија по секоја основа. Тоа се основните вредности и на НАТО алијансата и сосема природно е нашата стратегиска определба да биде членството во оваа организација, исто како што е природна и целта да бидеме дел од Европската Унија.

Тука најважно е да се истакне дека тоа што го постигнала Република Македонија, како и реформите што денеска и во иднина ги правиме, се пред сè за граѓаните на Македонија. Точно е дека тие паралено се важни и за интеграцијата во НАТО и ЕУ. Вградувањето на принципите на слободата, демократијата, пазараната економија во општеството ги правиме пред сè за самите себеси, како граѓани на Република Македонија, и паралелно со тоа и за интеграција во НАТО и ЕУ. Сигурен сум дека сите ќе се согласиме дека реформирањето на АРМ, нејзината професионализација и модернизација е подеднакво битна, за граѓаните на Република Македонија, а паралелно е важно и за интегративниот процес за НАТО.

Ние ги исполнивме сите услови да бидеме поканети во НАТО. Нашите војници учествуваат во најголемата НАТО мисија во историјата, добиваат највисоки оценки за нивниот ангажман и затоа со целосно право можеме да кажеме дека ние „де факто“ се однесуваме како земја-членка. Тоа го кажуваат и нашите партнери. Нема да ги заборавам зборовите на генералот Рој, кој во Сенатот на САД пред неколку сенатори изјави: „Војниците на АРМ кои беа дел од единиците кои ги комадував во Авганистан рамо до рамо се бореа со моите војници за зачувување на трите принципи и вредности на НАТО: слобода и демократија, почитување на правата на човекот“. Зарем тоа не говори колку сме посветени и колку ги почитуваме вредностите и принципите врз кои почива Алијансата?

Инаку технички, оценката на исполнување на критериумите се оценува преку механизми како Акциониот план за членство, Годишната национална програма за членство и Процесот на планирање и анализа на НАТО. Тоа подразбира интензивен и индивидуален дијалог помеѓу НАТО и земјата аспирант во неколку области и тоа политичките, економските, одбранбените, воените и безбедносните прашања, како и одбранбените ресурси.

Знам дека некои ги потенцираат забелешките кои нашите партнери ни ги даваат. Тие забелешки се битни и треба да работиме на нивно отстранување, но тоа не значи дека Република Македонија не ги исполнува критериумите. Има многу членки на кои може да им се најдат забелешки. Ќе споменам неколку квантитативни, кои обејктивно можат да мерат. На пример се препорачува буџетот за одбрана на членките на НАТО да биде најмалку 2% од бруто домашниот производ, или, пак, за членките на евро-зоната буџетскиот дефицит да биде помал од 3%, вкупниот јавен долг помал од 60% од бруто домашниот производ. Самите можете да заклучите колку држави не ги исполнуваат овие критериуми. Но ќе повторам многу е битно да се трудиме и правиме напори забелшките кои ни се упатуваат да ги исправиме, бидејќи тие реформи се значајни и за нас како граѓани и за нашата татковина. Затоа и Министерството за одбрана и Армијата вниматално ги проучуваат заклучоците од завршните сесии на годишните акциони планови и преземаат активности за нивна имплемантација.

- Васко Наумовски ќе биде нашиот четврт официјален преговарач, додека Грција од друга страна има потврда политика во однос на менувањето на преговарачите. Предност е или хендикеп според Вас, внесувањето на нови луѓе?

Амбасадорот Наумовски, кој воедно е и преговарач за името, во еден период беше потпретседател во Владата на РМ задолжен за евроинтеграции, а потоа универзитетски професор што е доволен доказ за неговите способности. Сигурен сум дека ќе биде добар амбасадор во Вашингтон и добар преговарач во разговорите за надминување на разликите со Грција под покровителство на ОН. Позицијата на Македонија е добро позната и дефинирана. Политиката на Република Македонија во спорот со името е конзистентна без оглед на тоа кој е на таа позиција. Во едно од моите интерјус по именувањето за министер за одбрана кога заради неспоивливоста на оваа функција ја напуштив преговарачката, изјавив дека преговарачот, иако е многу важен елемент, е само дел, односно само една алка од целиот процес. Моите претходници беа вешти преговарачи, чии искуства ми беа корисни. Сметам дека поставувањето на амбасадорот Наумовски за преговарач е одлична одлука и тој успешно и вешто ќе претставува Македонија во овие разговори.

Ова е мошна одговорна и тешка задача, затоа е неопходно сите заедно, политичарите, граѓаните и медиумите да му дадеме силна поддршка. Товарот што тој го носи е многу голем и тежок. Нашето единство и безрезервна поддршка ќе му помогнат во извршувањето на оваа задача.

- Како игрите во геополитиката, оваа се поинтензивна тензија присутна помеѓу Вашингтон и Москва се рефлектираат врз нашата земја? Како на цените изјавата на рускиот министер за надворешни работи Лавров, во која вели дека ширењето на НАТО со Македонија (и Црна Гора и БиХ) е провокација? Зошто немаше официјален коментар од македонска страна за ова очигледно мешање во нашите државни приоритети?

Стратегиски цели на Република Македонија се членството во НАТО и во Европската Унија. За ова постои консензус меѓу сите политички партии, а што е уште поважно и силна поддршка од граѓаните на Македонија. Македонските граѓани во континуитет даваат поддршка за влезот на Македонија во НАТО и ние мораме тоа да го почитуваме. НАТО за нас е важен не само од безбедносен аспект, туку и од аспект дека ние припаѓаме во семејство со кое ги споделуваме истите вредности. Тука ќе се повикам на членот 10 од Спогодбата со која е формирана НАТО, во која се вели дека секоја држава која сака да стане членка на Алијансата и која ги исполнува условите има прави да стане членка на овој Сојуз. Тоа е случај со Македонија. Но, тоа не ја исклучува можноста и потребата од развој на соработката и со други држави. Ние соработуваме и со Руската Федерација, со Украина, со Народна Република Кина, но и со многу други земји, без оглед на тоа дали се членки на Алијансата или не.

- Има ли воопшто алтернатива за Македонија и можеби некаква друга посилна гаранција за нејзината безбедност освен НАТО?

Ви одговорив во претходното прашање.

- Колку Македонија е во опасност од радикалниот ислам? Како ја цените подготвеноста на земјата да одговори на оваа глобална закана?

Секој вистински верник без оглед на која религија припаѓа е добар човек. Но радикализмот, без разлика на која страна и во кој контекст се развива е опасен за секое општество. Народите на Балканот имаат долга традиција на меѓусебно почитување, особено во однос на религијата. Македонските граѓани без оглед на нивната религиозна припадност со векови живеат во мир и имаме долга традиција на соживот. Македонското општество е европско општество и како такво тоа се развива во духот на слободата, еднаквоста, почитувањето на правата на граѓаните и почитувањето на нивната етничка и верска припадност.
Сепак, треба да бидеме многу внимателни со можноста за надворешно влијание. Тоа што денес се случува во однос на Исламската држава е сериозен глобален предизвик со кој мораме да се соочиме. Потребно да се работи со помладите да им се објаснат опасностите што ги носи радикалиниот ислам. Соработката, размената на информации меѓу државите е мошне значајна за справување со овој предизвик.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail