НАТО нема алтернатива, а Македонија има опции

Интервју за Вечер| 04.09.2014
http://vecer.mk/makedonija/nato-nema-alternativa-a-makedonija-ima-opcii

Актуелниот министер за одбрана, Зоран Јолевски, од 1988 година е во дипломатијата. Во октомври 1994 година стана прв секретар на Постојаната мисија на Република Македонија во рамките на Светската трговска организација. Тој беше прв генерален секретар на претседателот на Република Македонија што е цивилно лице. Оваа функција ја вршеше во периодот 1999-2004 година. Најпознат е како амбасадор во САД и преговарач за името. Разговорот за ВЕЧЕР го започна со: Јас припаѓам тука

1. САД и земјите-членки на НАТО од ЕУ најавија дека на претстојниот самит во Велс, Македонија повторно нема да стане членка на Алијансата, а поканата останува отворена кога ќе се реши грчкиот проблем со нашето уставно име. До кога ќе имаме трпение да седиме во чекалната на НАТО?
- Уште пред неколку месеци беше донесена дефинитивна одлука дека овој самит на НАТО нема да биде самит на проширување и дека ниту една земја нема да биде поканета. Самите знаете дека според завршните документи на последните три самити стои дека Македонија ќе стане членка во оној момент кога ќе биде решено отвореното прашање со Грција, односно не мора да се чека самит на Алијансата. Се разбира дека пред секој самит се интензивира дискусијата за евентуална покана за членство, бидејки Република Македонија ги исполнува сите услови.

Остануваме целосно посетени на разговорите под покровителство на Обединетите нации да се најде заемно прифатливо решение кое ќе го заштити идентитетот и дигнитетот на македонските граѓани.

Не треба да заборавиме дека ја имаме пресудата на Меѓународниот суд на правдата која е децидна дека Грција направила повреда на Времената спогодба и дека тоа треба да престане да го прави во иднина.

Како министер за одбрана, сметам дека Македонија де факто е во Алијансата, бидејќи нашите војници рамо до рамо со војниците од земјите-членки, се во најбитната НАТО-мисија, ИСАФ во Авганистан, каде што ја обезбедуваме командата на оваа мисија. Тоа е голема одговорност и чест. Еден македонски пријател, конгресмен, јавно во Конгресот на САД кажа: ,,Македонија го обезбедува шаторот на НАТО во Кабул, но не може да спие во него”. Таа неправда ја знаат сите, но системот на одлучување на НАТО е таков каков што е, односно се одлучува со консензус. Решението на неправдата не зависи само од нас. Битно е дека остануваме посветени на визијата за членство во НАТО.

2. Пред назначувањето за министер во Владата, Вие бевте амбасадор на Македонија во САД и ги познавате политичките прилики и геостратешки односи. Зошто нема консензус да не се признае претходниот консензус за нашето блокирање?
- На секој самит се носи завршен документ. Во тој завршен документ можни се одредени варијации во вордингот, во фразите и формулациите кои се користат. Се разбира дека тоа како опција постои и не би го исклучил, иако е многу тешко да се промени нешто супстантивно, но не е невозможно. Ова од причина што усвојувањето на завршниот документ се носи со консензус. Значи дека пак Грција треба да го прифати. Во поглед на вашето прашање за консензусот имаше една изјава на канадскиот министер за одбрана во Вашингтон пред неколку години дека треба да се смени начинот на носење одлуки на НАТО, односно да биде консензус минус еден. Очигледно, таа негова идеја не доби поширока поддршка. Начинот на носење одлуки може да се смени, но сите членки треба да дадат согласност. Реалноста тоа да се постигне е многу мала.

3. Дали има некакви шанси за Македонија до наредниот самит во 2016 година?
- Можам да ве уверам дека Владата на Република Македонија и јас како министер ќе направиме се што е во наша моќ за Македонија да добие покана во 2016 година. Но, пак ќе повторам, тоа не зависи само од нас. Предвидувам дека на следниот самит ќе има проширување, и тоа од неколку причини. Прво, затоа што проширувањето е успех за земјите-членки во НАТО, бидејќи со тоа покажуваат дека Алијансата станува посилна. Во членот 10 на НАТО е пропишано дека секоја демократска земја која ги исполнува критериумите може да стане членка на Алијансата. Не треба да заборавиме дека во време на двата мандати на претседателот Обама се уште немало проширување на НАТО. Претпоставувам дека и тој ќе сака проширувањето да биде дел од неговото наследство.

Македонија целосно ги има исполнето условите, а Црна Гора е многу блиску да ги исполни критериумите. Ако ја гледаме големата слика, со Македонија и Црна Гора во НАТО, Европа ќе биде побезбедна, Балканот исто така. Не треба да заборавиме дека проширувањето ќе даде позитивен сигнал и за Босна и Херцеговина, која треба да исполни повеќе предуслови за да го започне МАП процесот (процес на пристапување).

4. Кои се бенефитите од учеството во мировните мисии и до кога ќе бидеме дел од операциите на Алијансата?
- Нашите војници учествуваат во борбени операции со најискусните и најелитните единици во НАТО. Присуството во Ирак и во Авганистан значи дополнителна обука и тренинг за нашите офицери и војници. Има уште еден друг битен елемент. Со учеството во ваквите мисии Македонија стекнува одлична репутација. Нашите војници ја обезбедуваат командата на НАТО во Авганистан. Во Вашингтон многу често сенаторите и конгресмените знаеја да ми кажат: “Амбасадоре, кога бевме во Кабул ги видовме вашите војници и ние сме благодарни на вашето учество”. Во Белата куќа мој пријател ми покажа снимка како македонските војници заедно со американските ја бранеа американската амбасада од нападот на талибанците. Учеството во мисиите значи и промоција на Македонија. Воедно, е доказ дека ние сме партнер кој придонесува за зацврстување на мирот и стабилноста во светот.

5. Која ни е алтернативата за НАТО? Размислувате ли за други воени соработки ако и понатаму продолжи условувањето за влезот?
- Соработката со земји надвор од НАТО не би ја дефинирал како алтернатива на НАТО. И земјите-членки на Алијансата соработуваат со земји кои не се во НАТО. Македонија треба да продолжи да ја развива соработката со останатите држави во светот. Тоа не е алтернатива, тоа е паралелен процес.

6. За првпат ќе бидат назначени одбранбени аташеи во Русија и во Кина. Што значи тоа?
- Уште пред година и половина е донесена одлука за испраќање на воени аташеи во Москва и Пекинг и упатувањето на воените аташеи, меѓу другото, е показател дека постои подготвеност за унапредување на соработката во оваа сфера. Македонија останува посветена на евроатлантската алијанса, а билатералната соработка со другите држави не е алтернатива, туку нормална појава, својствена за меѓународните односи.

7. Каква е сега одбранбената соработка со Русија и со Кина?
- Ние со Кина имаме добра соработка во сите сфери, вклучувајќи ја и одбранбената. Откога сум дојден како министер имав средба со заменик-началникот на Генералштабот на Кина. Тие се подготвени да ја поддржат модернизацијата на АРМ. Една од темите за кои се разговараше е можноста за заеднички настап во мировните мисии на Обединетите нации. Не би ја исклучил соработката и со другите земји. Ние, се разбира, се гледаме како дел од НАТО, но тоа во исто време не значи дека не можеме да соработуваме и со други држави.

8. Украина ја покажа целата немоќ на НАТО. Со какви проблеми се соочува Алијансата и дали има сила да ги надмине?
- Силни држави, силни организации или сојузи се оние кои кога ќе се соочат со предизвик наоѓаат сила да се реформираат и да станат уште посилни. Сигурен сум дека НАТО по самитот во Велс ќе се реформира во уште посилна Алијанса. Сигурен сум дека ќе се најде начин и со Руската Федерација да се надмине оваа криза исто така. За надминување на кризата во Украина потребно е да бидат вклучени Украина и Русија, но и членките на НАТО.

9. Кој ќе биде фокусот во планот за модернизација на АРМ?
- Модернизацијата не се прави преку ноќ. Таа треба да биде мудро водена. Потребно е ресурсите кои ни се на располагање ефикасно да се искористат и бенефит да имаат сите, вклучително и македонската економија. Средствата кои ги добива Армијата се средства на даночните обврзници. Целта на модернизацијата е да добиеме опремена армија која ќе може да ги исполни поставените задачи на највисоко можно ниво. Со модернизацијата треба да се подобрат и условите во кои функционираат припадниците на АРМ. Имаме касарни кои се градени во социјализмот за војска која 24 часа престојувала во тие објекти. Сега имаме професионална војска која поинаку функционира. Ќе ги реновираме објектите за да имаат подобри услови, ќе ја модернизираме опремата за да постигнеме максимален ефект. АРМ треба да биде мала, но современо опремена, ефикасна и мобилна армија, со високи обучени војници и старешини.

10. Дали ќе се зголеми буџетот на АРМ и колкав дел ќе биде наменет за модернизацијата?
- Во овој момент многу е тешко да се каже дали и колку ќе се зголеми Буџетот, бидејќи Собранието на Република Македонија е тоа кое ја носи крајната одлука. Можам да ве уверам дека во наредниот период ќе се одвојуваат повеќе средства за модернизација. Паралелно ќе се концентрираме и на поефикасно и помудро трошење на расположливите ресурси. Во овој момент Македонија има значаен број на војници во ИСАФ во Авганистан. Новата мисија “Одлучна поддршка” е многу помала. Сето тоа ќе ги намали трошоците во буџетот на Министерството за мировни операции. Овие заштеди рационално ќе ги искористиме за модернизација на АРМ.

11. Велите дека во фокусот на вашиот мандат ќе биде и едукацијата во АРМ и Министерството. Што ќе направите со Воената академија ?
- Во модерните армии технологијата игра многу значајна улога. Војниците на терен исто така користат многу техника, борбените средства за операциите на терен се технолошки напредни. Говориме за сајбер тероризам, напади на интернет мрежи, електронски упади во безбедносните системи. Затоа, во Воената академија ќе дадеме поголемо внимание на техничко, технолошко и информатичко едуцирање за секој офицер. Ќе воведеме и постдипломски студии во соработка со еминентни странски институции. Ќе ги испраќаме нашите питомци по еден семестар на најреномираните воени академии во светот. Ќе поканиме професори од странство да предаваат на нашата Академија. Отвораме Катедра за воздухопловство, преку која најдобрите студенти би ги упатиле на доедукација во Центарот за обука на пилоти на хеликоптери, кој е меѓу најсовремените во Европа, па и во светот. Институтот за сајбер тероризам ќе биде во рамките на Академијата.

12. Во изминатите години се посвети внимание на униформирањето на АРМ. Сепак, во јавноста владее мислење дека нашите војници работат со “искинати чизми”?
- Уште првиот ден откако сум министер кажав дека сум во функција на Армијата. Моја должност е да им обезбедам најдобри услови за нивно функционирање. Јас сум тука за нив припадниците на АРМ, а не тие за мене. Редовно ги посетувам касарните, бидејќи сакам директно да се запознаам со условите каде што работи обичниот војник. Веќе дадов налог да се пристапи кон реновирање на одредени згради. Ненајавено посетив неколку мензи и веќе дадов наредба да се направи нова листа на оброци и храната да биде многу поквалитетна. На Денот на армијата направивме коктел со истите јадења кои беа на менито при една моја посета на војската.

Во поглед на униформите, сакам да подвлечам дека добивме донација од Турција на чизми и нови униформи. Годинава го завршуваме проектот за свечените униформи за војниците.

Веќе формирав работни групи кои секојдневно следат што треба да се поправи и врз основа на дефинираните приоритети ќе се реновира и ќе се обнови се што е потребно за да се постигнат подобри услови за функционирање на Армијата. Овие работни групи редовно секој понеделник информираат за прогресот.

13. Што станува со проектот “АРМ мој вистински дом”?
- Реставриран е проектот. Разговарано е и со проектантите. Се надевам дека следната година веќе ќе почнеме со изградбата на првите згради.

14. Каква АРМ сакате да оставите зад себе после вашиот мандат?
- Високо обучена, модерна, респектибилна армија, каде што сите припадници ќе имаат високи морални и етички норми, офицери и војници кои ќе имаат висок интегритет, кои ќе бидат спремни да го одбранат територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија и секаде во светот најквалитетно ќе ја претставуваат Македонија. АРМ ја гледам како дел од НАТО.

Со “Ice bucket challenge” сакам да придонесам за мобилизација на општеството
Мојот син Филип ме предизвика мене и Четкар. Со ова сакавме да потсетиме дека секоја индивидуа треба нешто да даде назад на општеството. Тоа може да биде во материјална форма, но и со добар збор и дело. Човечки е да помогне на тие кои имаат потреба. Поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон, напиша книга со наслов Давање, во која говори за потребата секоја индивидуа да даде, да помогне. АЛС е тешка болест и секој заболен и неговото семејство се соочуваат со многу предизвици. Ако можеме да им помогнеме на овие лица со АЛС, би бил многу задоволен. Нашата цел, мојата и на син ми Филип, е да ги поттикнеме граѓаните поактивно да се вклучат, и тоа не само во оваа кампања, туку и во останатите и да им помогнеме на оние лица на кои тоа им е многу потребно. Помошта, односно давањето може да биде во повеќе форми. Некогаш добриот збор и поддршка значи многу, некогаш треба да се донира слободното време, а тие кои се помоќни треба да донираат и финансиски.

Стефан Рашковски
фото: Драган Митрески

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail