Не креваме раце од НАТО

Интервју за Утрински весник| 18.08.2014
http://www.utrinski.mk/default.asp?ItemID=0E036CEA7FB15C4AACF5D4B28DC9D5D9

Со секој поминат ден, ние сe посилно ќе зборуваме за потребата од приклучување на Македонија во алијансата

Господине Јолевски, денес се одбележува Денот на АРМ, една од ретките институции кај нас која ужива голем углед. За овие два месеци колку што сте министер, какви се вашите оценки за Армијата?

Уште од самиот почеток на преземање на функцијата министер за одбрана, немав ниту трошка сомнеж дека станувам дел од една високопрофесионална, угледна институција, која цврсто стои на своите темели. Тоа не е размислување кое го давам паушално, туку е резултат на моето претходно искуство како амбасадор во САД. На сите средби, сите состаноци кои ги имав во тоа својство, припадниците на АРМ беа опишувани со пиетет. Чувството да се претставува земја со Армија која се има докажано и покажано како вистински поддржувач на мирот и демократијата, Армија чии припадници својата слава ја имаат стекнато прикажувајќи ги своите вештини и способности, е неописливо. Во текот на изминатите два месеци од прва рака се запознавав со состојбите во Министерството за одбрана и во Армијата. Присуствував на показни вежби, ја посетив на неколку наврати Воената академија, НАТО-центарот за односи со јавноста, касарната „Илинден“, Техничко-ремонтниот центар, касарните во Скопје, Тетово и Куманово. Јас сакам одблиску да ги утврдам условите во кои работат припадниците на АРМ. Тоа ги дефинира и моите приоритети како министер. Предизвици постојат, иако несомнено тврдам дека Армијата има капацитети да ја врши својата уставно дефинирана обврска и одговорност. Уште повеќе, таа има капацитети да даде свој придонес во зачувување на светскиот мир и стабилност, кон кои сите тежнееме.

АРМ се соочува и со многубројни проблеми – потребата од нејзина модернизација, стандардот на офицерите… Кон што ќе ги насочите приоритетите?

Моите активности ќе бидат целосно ставени во функција на подобрување на условите во кои живеат и работат војниците и офицерите на АРМ. За успешност на секоја организација потребно е да се инвестира во развојот на човечките капацитети и материјално техничките средства неопходни за успешно функционирање на ентитетот и исполнување на поставените задачи. За развојот на одбраната на Македонија тоа значи перманентна обука и усовршување на војниците и офицерите на АРМ, модернизација на опремата со која располага АРМ и одржување на веќе постојната опрема. Ние мораме да бидеме во тек со техничко-технолошкиот развој. Мораме да имаме високо обучени и мотивирани офицери и војници, кои ќе имаат соодветна опременост и вештини да ја користат истата. Покрај стандардот на војниците и офицерите, мој приоритет ќе биде и модернизацијата на Армијата. Кога бев поставен за министер за одбрана, веќе беше донесен и еден од клучните стратешки документи кои се водилка во развојот на Армијата и вооружените сили, Долгорочниот план за развој на одбраната 2014-2023 година. Тој документ е сеопфатен и јасно ги разработува идните цели на АРМ. Во следните неколку години ќе се зголеми буџетот. Кога на ова ќе ја додадеме стратегијата што ја подготвуваме за плански развој на АРМ, сигурен сум дека резултатите ќе бидат големи и уште повеќе ќе се гордееме со нашата Армија. Стратегијата за реализацијата на Долгорочниот план за развојот на одбраната до 2023 година ја подготвувам во процес со консултација со Генералштабот, офицерите во АРМ, раководството Министерството за одбрана, но се разбира и со Владата. Многу е важно за мене сите чинители кои ќе бидат вклучени во модернизацијата да бидат и вклучени во подготовката на стратегијата за постигнување на оваа задача и да се чувствуваат како дел значаен дел овој процес.

Последните години постојано се намалува буџетот за Министерството за одбрана. Дали овој тренд, конечно, ќе се прекине?

АРМ отсекогаш била во врвот на приоритетите на државата. Треба да се има предвид дека Министерството за одбрана и Армијата се дел од македонското општество и затоа ги споделуваат условите во кои тоа опстојува. Трендот на намалување на буџетот на одбраната во последниот период едноставно беше рефлексија на економските текови во светот и Европа. Буџетот последниве три години е помал од оној пред седум години, но тоа не е карактеристика само за Македонија, туку за сите европски земји. Но, оваа година бележиме зголемување во однос на минатата, и предложениот буџет за 2015 е поголем од овогодишниот. Морам да нагласам дека и покрај намалувањето на буџетот, подготвеноста на Армијата да одговори на предизвиците не беше доведена во прашање. Во однос на идните текови, како што посочив и во моите изјави изминатите неколку денови, буџетот за одбраната ќе расте. Ме радува што бруто- домашниот производ и оваа година бележи високи стапки на раст, споредени со останатите европски земји. Тоа значи дека ќе има можности и за поголем буџет и за одбраната. Секако трендот на раст ќе оди етапно, во повеќе фази. Моја примарна задача е да обезбедам расположливите буџетски средства да бидат потрошени мудро и ефикасно. Веднаш по преземањето на функцијата започнав со скенирање на актуелните состојби и во координација со останатите структури во Армијата и Министерството пристапив кон дефинирање на приоритетите за првите три години. Во предлог на буџетот за 2015 година, кој е доставен до Министерството за финансии, се вклучени овие приоритети. Најзначајна промена е тоа што во него се предвидени многу повеќе средства за модернизација од тие кои се предвидени за оваа година.

Македонија учествува во многу меѓународни мисии. Дали таквата политика ќе продолжи и натаму?

Учеството во меѓународни мировни мисии е една од најсветлите точки во промоцијата на капацитетите на АРМ кај нашите партнери во НАТО-алијансата и пошироко. Над 3.300 припадници на Армијата во еден период од својата работа имале можност да бидат дел од мисијата „Слобода за Ирак“, силите ИСАФ, во Авганистан, операцијата ЕУФОР-АЛТЕА во Босна и Херцеговина, како и мисијата УНИФИЛ во Либан. Да не заборавиме дека Македонија континуирано дава особено значајна логистичка поддршка на силите КФОР на Косово. И, она што е најважно, нашето учество во сиве овие мисии не останува незабележано. Безбедноста на главниот штаб на силите ИСАФ во Кабул е доверена на македонските војници и тоа само по себе зборува за мислењето кое партнерите го имаат за нашите мировници. Мисијата во Авганистан во оваа форма ќе заврши оваа година, по што ќе биде заменета со нова мисија за едукација и тренинг, наречена „Одлучна поддршка“. Верна на својата намера да продолжува да придонесува кон глобалниот мир, Македонија ќе биде дел и од таа нова мисија, секако во согласност со нашите капацитети и способности и потребите на Алијансата. За мене како министер е многу значајно да се одржи капацитетот на АРМ за мировни операции. Следната НАТО-мисија во Авганистан има други цели и затоа бројот на војници и офицери од НАТО-земјите и партнерите ќе биде многу помал, во согласност со тоа, ќе биде помал и бројот на нашите мировници. Новина ќе биде поголемото учество на нашите војници и офицери во мировните мисии на ООН. Сега имаме само еден офицер во мисијата УНИФИЛ во Либан. Веќе започнавме активности во оваа насока.

На местото министер за одбрана доаѓате од позицијата амбасадор во САД, и преговарач за името. Дали во изминатите 6-7 години се засили или ослабе позицијата на Македонија во преговорите со Грција?

Македонија е принципиелна во своите ставови, од самиот почеток до денес. И покрај перманентните заложби на Македонија за интензивни разговори под покровителство на ОН, побаравме да се преговара за потпишување на повеќе билатерални договори кои ќе придонесат за подобрување на односите меѓу двете земји, а иницирани се барања за средби на највисоко ниво. Сето ова е со цел да се постигне подобра атмосфера за надминување на отвореното прашање. Нашата позиција е јасна и препознатлива. Истовремено, со одлука на Меѓународниот суд на правдата се потврдува факт дека Грција ја прекршила Привремената спогодба, и се бара од неа да не го повтори тоа. Тоа е реалноста која ја имаме. Но, реалност е и дека јужниот сосед едноставно не сака да го интензивира дијалогот. Реалност е и дека тие ја прекршија Спогодбата кога не дозволија влез на нашата држава во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година. Парадоксално, но вистинито, земја-членка која го оневозможува членството на Македонија во НАТО, со своите 10 милиони жители, придонесува само со 10 припадници на својата армија во ИСАФ-мисијата на НАТО, додека Македонија со нешто над 2 милиони жители придонесува со 152 припадника во истата мисија. Тоа покажува дека Република Македонија се однесува како „де факто“ членка на НАТО. Од аспект на министер за одбрана, сметам дека позицијата во која сме ставени не треба да ја сметаме како елемент за демотивација, туку, напротив, таа треба да биде поттик за уште посилно и уште погласно да ги презентираме нашите постигнувања. Секторот одбрана од пред шест години е подготвен на еднакво рамниште да стапи во НАТО-алијансата. Тоа не е спорно. Затоа, ние треба да сме свесни дека реформските зафати се првенствено за нас, за припадниците на АРМ. Тоа е нашиот клуч на успехот. А, потоа, истите тие реформи ќе бидат ветар во грбот кога станува збор и за евроатлантските интеграции.
Дали во време додека вие учествувате во преговорите, двете земји биле блиску до изнаоѓање заеднички прифатливо решение?

Не би навлегувал во тоа колку блиску или далеку биле двете земји од изнаоѓањето на заедничко прифатливо решение. Република Македонија е посветена кон изнаоѓање решение кое нема да засега во идентитетот на македонскиот народ, јазик, култура, кое го зачувува дигнитетот на македонските граѓани. За разговор се потребни двајца, но сигналите кои доаѓаат од другата страна покажуваат дека нема интерес да се затвори ова прашање. Имаше период во 2012 година кога мојот грчки колега не ни сакаше да има директна средба. Се разговараше посредно преку медијаторот, амбасадорот Нимиц.

Во Македонија има мислења дека е истрошена позицијата на медијаторот Нимиц, па дури и дека Македонија треба да ги прекине преговорите што се водат под покровителство на ОН. Какво е вашето мислење?

Разговорите за ова прашање се веќе две децении. Точно е дека помина навистина многу време и дека на маса беа разни идеи за надминување на разликите. Мандатот на амбасадорот Нимиц потекнува од резолуцијата на Советот за безбедност на ОН. Медијаторот Нимиц е искусен дипломат и правник, навлезен во деталите во разликите околу името што го имаат двете земји. Амбасадорот Нимиц е ценета личност, како во дипломатските кругови во ОН и пошироко, така и во општествените кругови. Јас имам висок респект за него и знам дека тој прави се’ што е во негова моќ. Тој секогаш е подготвен за интензивирање на разговорите, но ќе повторам за тие да се реализираат потребно е двете страни да бидат спремни за разговор. За жал честопати моите иницијативи за средба не наидуваа на позитивен одговор кај Грција. Во однос на нашето учество во разговорите, за нас е од исклучителна важност да ја презентираме нашата позиција и неуморно да се обидуваме да најдеме решение кое нема да засега во нашиот идентитет, во тоа што сме.

Деновиве изјавивте дека имате стратегија за следниот Самит на НАТО. Дали тоа значи дека сме кренале раце од претстојниот самит во Кардиф и што може да очекуваме во септември?

Јас уште од првиот ден на стапување на функцијата министер за одбрана започнав со интензивирање на промоција на сето она што Македонија и нејзината Армија можат да го понудат на регионот и на НАТО. Јас, моите соработници, Министерството и Армијата никогаш нема да, како што велите, кренеме раце од исполнувањето на нашите стратешки определби, членството во НАТО и во Европската унија. Самитот на НАТО во Кардиф ќе се одржи за многу мал период, но тоа не е причина за демотивација и напуштање на напорите за промоција, туку за нивно интензивирање. Со секој поминат ден, ние се’ посилно ќе зборуваме за потребата од приклучување на Македонија во НАТО-алијансата. Со тоа, ќе се исправи една голема неправда од 2008 година, а воедно и ќе се прати сигнал дека Алијансата расте, се развива. Поканата на Македонија за членство во НАТО, не е придобивка само за Македонија, туку и за регионот и за Европа. Тоа ќе биде уште еден елан за сите земји од регионот кои го чекорат патот на евроатлантските интеграции. Јасно е дека за влезот на Македонија нема потреба да се чека одреден Самит на Алијансата, но сепак, ние на овие самити гледаме како на можност за јасно дефинирање на непроменетата состојба на Македонија во однос на нејзиното интегрирање во Алијансата.
На што најмногу ќе се потпирате во наредниот период за реализација на целта – членство во НАТО?

Македонија, пред се, го има најголемиот сојузник кога станува збор за членството во Алијансата, а тоа е вистината и постигнатите резултати! Таа е на наша страна и таа е нашата основа. Секако дека има земји-членки во Алијансата кои даваат голема поддршка на позицијата на земјата. Нашата визибилност кај партнерите, во структурите на Алијансата, во земјите од регионот ќе ни овозможи да ги пренесеме нашите ставови, кои, се прецизни и јасни. Македонија придонесува во НАТО и Македонија има право да биде нејзин полноправен член.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail