Министерката Шекеринска во посета на „Волците“: Зборот е збор – во 2018 покачување на платата на сите припадници на АРМ, подобрување на условите и средствата за работа

„Буџетот за 2018 година кој официјално влезе во собраниска процедура, потврдува дека Владата и јас како министер ќе го реализираме она на што се обврзавме, а тоа е после толку години, да обезбедиме средства за зголемување на платите на сите оние кои се во служба на Армијата на Република Македонија, во износ од десет проценти“, рече министерката Радмила Шекеринска, која денеска беше во посета на специјалната единица „Волци“ во Полкот за специјални операции на АРМ, во касарната „Илинден“.

По изведената вежба за „неутрализирање на терористичка група во повеќенаменска кула“, министерката рече дека станува збор за единица, позната по својата професионалност и искуство, чии припадници беа првите кои што ја претставуваа Македонија во меѓународните мисии.

„Факт е дека токму на луѓето на кои што државата често и во најтешки ситуации се потпираше, многу често беа заборавени и од страна на институциите и од страна на оние кои што носат одговорност да обезбедат добри услови за работа“, посочи министерката. Додаде дека тоа ќе престане и дека ова покачување иако задоцнето, доаѓа во вистински момент да покаже дека Македонија е сериозна во поддршка на сопствената армија, но и сериозна во поглед на нашата клучна амбиција – членството во НАТО – Алијансата.

Министерката Шекеринска истакна и дека реформите во Армијата и одбраната не запираат. „Она што денеска го разговаравме беше дека мора да направиме повеќе во делот на инсистирање на професионални, објективни стандарди. Припадниците на армијата мора да знаат дека ќе бидат ценети според својата способност и знаење, а не според фаворизирање, било на поединци или на политички партии“, рече министерката.

Шекеринска информираше и дека во буџетот за следната година, обезбедени се средства за подобрување на условите и средствата за работа, а најави и дека во 2018 година се обезбедени и средства за два конкурси за прием на професионални војници во редовите на АРМ.


facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail