Македонија ја унапредува воено-медицинската служба – примопредавање на РОЛЕ-2 полска болница, донација од Кралството Норвешка

„Република Македонија со донацијата на Кралството Норвешка исполнува значаен критериум во декларираните единици на земјата за учество во мировни мисии преку развој на подвижната полска болница од ниво-2. Ние вложуваме големи напори и успеваме да креираме ефикасна и кредибилна воено-медицинска служба“, порача денеска министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими на Денот на високи гости на вежбата „Безбедна патека – 2102“ во Центарот за обука „Пепелиште“, каде се изврши и примопредавањето на значајната донација од Кралството Норвешка – лесната маневарска полска болница РОЛЕ-2. Како што истакна министерот Бесими, цврстата заложба за зајакнување на придонесот во меѓународните операции денес станува реалност, бидејќи споменатата донација со вредност од над 2 милиони евра ќе даде значаен придонес во подобрувањето на капацитетите на АРМ за учество во меѓународните операции предводени од НАТО, од ЕУ и од ООН. Министерот за одбрана на Кралството Норвешка, Ан-Грете Стром Ерихсен пред присутните посочи дека Македонија отсекогаш играла клучна улога во растот на стабилноста и во развојот на регионот на Западен Балкан. „Јас сум горда што можам да кажам дека во последните неколку години нашата билатерална соработка во полето на одбраната отиде еден голем чекор напред. Ова најмногу се однесува на нашата воено-медицинска соработка“, истакна министерката Стром-Ерихсен. Одлуката заеднички да работиме во Авганистан имаше големо влијание, посочи таа, во нашето зближување и во креирањето заеднички бенефит во операциите каде медицинската поддршка е од клучна важност. Двајцата министри во своите обраќања истакнаа дека и понатаму ќе се залагаат за понатамошен развој на меѓусебната соработка, почитување и поддршка. Ситуационата тактичка вежба „Безбедна патека 2012“ планирана од Бригадата за логистичка поддршка, а во реализација на Бригадата и на Воено-медицинскиот центар има за цел да се оцени функционалноста и да се изврши примопредавање на РОЛЕ-2 полската болница со што ќе се заокружи заедничкиот проект на Република Македонија и на Кралството Норвешка. Дел од билатералниот проект на воено-здравствените служби на двете земји е и реконструкцијата и опремувањето на Центарот за медицинска обука. Како придобивки за Армијата на Република Македонија од билатералната соработка, освен новата, комплетна и најсовремено опремена РОЛЕ-2 болница, спомената е работата на медицинскиот персонал во интернационална средина, усвојувањето на медицинските НАТО стандарди, процедури и протоколи и поставувањето на медицинската обука планирана врз основа на богатото норвешко искуство.  

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail