Приказ на интероперабилност и координираност: ден на високи гости на вежбата „Здружен отпор 13“

Со симулиран пожар, спасување на повредените од опожарената зграда, гаснење на пожарот и укажување на прва помош, беше одбележан денешниот Ден на високи гости во Центарот за обука „Пепелиште“, со што се реализираше и финалниот ден од меѓународната вежба „Здружен отпор 13“. Во рамки на посетата на вежбата, министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, се осврна на деталните активности кои беа дел од Денот за високи гости, по што заклучи дека сите учесници прикажаа висок степен на координација на активностите за спроведување на потребните мерки. Во тој контекст, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески посочи дека целта на вежбата е да се прикаже координираноста помеѓу АРМ и останатите засегнати институции при вонредни прилики. „Полската болница е значаен дел од АРМ и таа е наменета за хируршки операции во полски услови“, укажа генералот Котески, истовремено информирајќи дека за иницијативата за заеднички медицински сили кои би дејствувале во регионот за одредени потреби е разговарано и дека Министерството и Армијата го поддржуваат концептот. Како елемент за поддршка, посочи генералот Котески, е и фактот дека ќе биде понудено штабот на овие сили да е во Република Македонија. Пред министерот Џафери, генералот Котески, заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев, заменик-амбасадорот на САД, Брајан Агелер и останатите високи гости, согласно сценариото, во симулиран пожар, се изведоа дел од планираните активности во кој претставниците од цивилните структури и Армијата на Република Македонија, заедно со учесниците од Армиите на САД, Албанија, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора и со Безбедносните сили на Косово ги спасуваа повредените од опожарена зграда. По гасењето на пожарот и укажаната прва помош, лицата беа транспортирани во Лесната маневарска болница ниво 2, каде им беше укажана соодветна медицинска помош. Повредените на кои им беше неопходен итен здравствен третман од повисоко ниво, по стабилизирањето во болницата, беа транспортирани по воздушен пат (CASEVAC). Во рамките на програмата на Денот за високи гости се реализираше и обиколка на болницата, со што присутните имаа можност да запознаат со нејзината намена и значење. Теренската вежба „Здружен отпор 13“, во реализација на Бригадата за логистичка поддршка и Военомедицинскиот центар се изведува во периодот од 27 мај до 7 јуни во центарот за обука „Пепелиште“, армискиот полигон „Криволак“ и с. Мушанци. Истата е базирана на сценарио за операции за справување со природни катастрофи и давање хуманитарна помош. Во текот на вежбата акцент беше ставен на демонстрацијата на интероперабилноста помеѓу Армијата, цивилните агенции и земјите од регионот. Воедно, за време на вежбата се одвиваше и Самооценување ниво 1 на полската болница Ниво – 2, со цел исполнување на партнерската цел 4244.  

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail