Отворање на „Балкански Блесок 2010“

Денес, 24 октомври 2010 година, во Центарот за обука (ЦО) ,,Пепелиште“ свечено е отворена воената вежба „Балкански Блесок 2010“. На чинот на свеченото отварање пред штабот на вежбата и дел од персоналот за поддршка се обрати директорот на вежбата полковник Митре Стојанов кој истакна дека вежбата „Балкански Блесок 2010“ претставува континуитет на досега успешно изведените вежби за самооценување и НАТО оценување согласно ОСС Концептот за оценување на единиците, кој се применува во Алијансата. Тој нагласи дека оваа вежба ќе биде една од најсложените и најголемите досега, со оглед на бројот на учесниците (над 1200 припадници на АРМ) и употребата на боева муниција, заради што очекува од сите учесници на вежбата да покажат висок степен на извежбаност, како и примена на искуствата и научените лекции стекнати во мисиите и вежбите предводени од НАТО, ЕУ и ООН. ,,Балкански Блесок 2010“ е жива вежба со единици на терен и од денес до 3 ноември 2010 година ќе се реализира на армискиот полигон ,,Криволак“, касарните ,,Илинден“ во Скопје и ,,Јане Сандански“ во Штип, како и воениот аеродром во Петровец. Целта на вежбата е да се оцени и верифицира обученоста, оперативната способност и борбената подготвеност на декларираните единици на АРМ согласно Концептот за оперативни способности на НАТО, со кој се врши оценување на вистинските можности за распоредување на единиците во мисии предводени од НАТО. Во наредните десетина дена се очекува да се изврши целосна проверка на примената на стандардните оперативни процедури при употребата на декларираниот среден пешадиски баталјон (спбн) од составот на 1. механизирана пешадиска бригада (мпбр), четата за длабинско набљудување (чДН) од полкот за специјални операции (пСО), четата на воена полиција (чВП) и хеликоптерскиот детачмент од вВИНГ во операции за поддршка на мирот предводени од НАТО, ЕУ и ОН. Како што е познато, на вежбата ќе се изврши НАТО оценување Ниво 2 – CREVAL (Combat readiness evaluation) на декларираниот спбн, чВП и чДН, а самооценување Ниво -2 ТACEVAL на хеликоптерскиот детачмент. Комплетниот процес на оценување ќе го врши оценувачки тим на АРМ кој е обучен според стандардите за оценување во Алијансата, а за супервизија на оценувањето на декларираните единици на АРМ, на вежбата ќе биде присутен Мониторинг Тим на НАТО и набљудувачи од земјите членки на НАТО и Парнерството за Мир.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail