Почеток на оценувањето на четата за длабинско набљудување

Денес, 25 октомври 2010 година, во рамки на вежбата „Балкански Блесок 2010“, во касарната „Илинден“ во Скопје, започна оценувањето на четата за длабинско набљудување (чДН) која е од составот на полкот за специјални операции (пСО) на АРМ. Оценувањето на чДН се реализира согласно OCC концептот за оценување, при што на вежбата е предвидено со оваа елитна декларирана единица на АРМ да се изврши НАТО оценување НИВО 2 – CREVAL. Согласно планот на вежбата, листата за проверки и инциденти, денес во касарната ,,Илинден“ во Скопје, каде е лоцирана чДН се спроведе првиот дел од оценувањето, кое започна со брифинг на Шефот на оценувачкиот тим и командирот на четата, после што следеше постројување на единицата со нејзиното комплетно вооружување и опрема за извршување на задачи. Со контролата во касарната ,,Илинден“ беше извршена инспекција на оперативната документација, магацините за чување на опремата и муницијата, како и спроведување на процесот за донесување на одлука за извршување на задачата. Според сценариото, чДН доби задача да изврши марш кон армискиот полигон (АП) ,,Криволак“, каде во текот на маршот колоната ќе се соочи со различни инциденти, низ кои единицата ќе биде проверена во извршување на наменски задачи. По извршениот марш до АП ,,Криволак“ во наредните 48 часа, чДН ќе биде интензивно ангажирана во извршување на посебни задачи од доменот на нејзината мисија, заради спроведување на вториот дел од оценувањето, кога се очекува единицата да применува стандардни опративни процедури, тактики и техники за водење на единиците по стандардите на НАТО. Оценувачкиот тим на АРМ за време на оценувањето на чДН ќе биде под мониторинг и верификација на претставници од здружените команди на НАТО во Мадрид и Брисел (SHAPE). Инаку, од денес во рамките на ,,Балкански Блесок 2010“ е воспоставен и оперативниот центар за командување и контрола на хеликоптерскиот детачмент, кој е лоциран на воениот аеродром во Петровец, а преку кој раководството на вежбата, ќе го менаџира извршувањето на сите задачи за хеликоптерскиот детачмент, предвидени со планот на вежбата.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail