Четата за длабинско набљудување успешно изведе марш и распоредување

Вчера, 25 октомври 2010 година, согласно планот за изведување на вежбата „Балкански Блесок 2010“, во доцните вечерни часови четата за длабинско набљудување (чДН) успешно го изведе маршот од касарната „Илинден“ во Скопје до центарот за обука (ЦО) ,,Пепелиште“. На маршот му претходеше првиот дел од оценувањето на четата, со кој беше утврдена опременоста на единицата, исправноста и комплетноста на личното и колективното вооружување, како и нејзините капацитети за извршување на задачи надвор од касарната. Врз основа на оперативната наредба за марш и распоредување на четата, во текот на ноќта подигната е логорската просторија, при што веднаш беа воспоставени и елементите за борбено осигурување, комуникација, командување и контрола, како активности кои се оценуваат од страна на оценувачкиот тим. До крајот на денот, врз основа на сценариото на вежбата, чДН треба да изврши распоредување на дел од нејзиниот состав, со задача за набљудување на ,,непријателската“ територија. За таа цел, доцна попладнево, по завршувањето на процесот на донесување на одлука за употреба на единицата, во вечерните часови на АП ,,Криволак“ се очекува дел од силите на четата да извршат инфилтрација во непријателскиот распоред, справување со непријателска патрола, како и реакција при наидување на импровизирана експлозивна направа.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail