Заврши оценувањето на четата за длабинско набљудување

Синоќа, во рамките на активностите од вежбата ,,Балкански Блесок 2010“ четата за длабинско набљудување (чДН) со поголемиот дел од силите, успешно извши инфилтрација по воздушен пат на армискиот полигон ,,Крилолак“, со цел да се овозможи извршување на задачи во ,,непријателската“ територија. Оваа исклучително сложена активност која се одвиваше во ноќни услови, беше изведена заедно со воздухопловниот детачмент. Во текот на ноќта чДН успеа во целост да го воспостави системот за набљудување, кој во пракса беше проверен пред оценувачкиот тим со доставување на извештаи и податоци со пренос на слики од теренот од т.н. набљудувачки точки. Денес, во попладневнивните часови, чДН ја изврши и последната задача, а тоа е ангажирање на силите за брза реакција, каде на АП ,,Криволак“ беа прикажани тактики и процедури за извлекување од контакт со непријателот на бојното поле, што во пракса беше пропратено со едно од програмските гаѓања на четата. По завршувањето на задачата четата изврши ексфилтрација со транспортни хеликоптери, односно извлекување на сопствените сили од непријателската територија. Со завршувањето на оваа активност, во доцните попладневни часови оценувањето на чДН ќе биде заокружено, а вечерва се очекува да биде соопштена и првичната оценка од страна на оценувачкиот тим. Инаку, денес по повод одбележувањето на денот на ЈУ “Специјалниот завод” во Демир Капија, претставници на вежбата донираа војничка ужина за потребите на штитениците на оваа установа, со што припадниците на АРМ кои учествуваат на ,,Балкански Блесок 2010“ уште еднаш ја покажаа својата хуманост.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail