Започна оценувањето на декларираната чета на Воена Полиција

Денес, 28 октомври 2010 година, вежбата „Балкански Блесок 2010“ продолжува со оценувањето на декларираната чета на Воена Полиција (ВП) кое започна во касарната „Илинден“ во Скопје. Четата на Воена полиција се наоѓа во формацискиот состав на баталјонот на Воена Полиција и ќе се оценува по методологијата за оценување согласно OCC концептот на НАТО, а на вежбата ќе се изврши оценување за највисокото НИВО 2 – CREVAL. Според динамиката на вежбата, денес во касарната ,,Илинден“ во Скопје, каде е лоцирана чВП е реализиран првиот дел од оценувањето, кој стартуваше со брифинзите на Шефот на оценувачкиот тим и командирот на четата, како и со постројување на единицата со комплетното вооружување, материјално-техничките средства и опремата за извршување на задачи. Воедно, со првиот дел од оценувањето во касарната ,,Илинден“ беа контролирани оперативната документација, магацините за чување на опремата и муницијата. По добивањето на задачата за марш кон армискиот полигон (АП) ,,Криволак“, командата на четата пристапи кон спроведување на процесот за донесување на одлука за нејзино извршување. Согласно сценариото, чВП доби задача во доцните попладневни часови да изврши марш кон АП ,,Криволак“, при што за време на истиот, предвидено е да се соочи со неколку инциденти, низ кои ќе биде оценувана. По извршениот марш, во периодот од наредните 48 часа, на АП ,,Криволак“ чВП ќе биде интензивно ангажирана во извршување на задачи од доменот на оценувањето на нејзината оперативна способност, како и примената на стандардни опративни процедури на НАТО. Оценувачкиот тим на АРМ за време на оценувањето на чВП, како и во изминатите денови ќе биде под мониторинг и верификација на претставници од здружените команди на НАТО во Мадрид и Брисел (SHAPE). Инаку, вчера и официјално е завршено оценувањето на четата за длабинско набљудување (чДН), при што беше соопштено дека првичната оценка е позитивна со висок коефициент по сите елементи за оценување. Во оваа прилика мониторинг тимот на НАТО не го криеше воодушевувањето од прикажаното од страна на чДН, но и за организацијата на вежбата и примената на ОСС Концептот од страна на декларираните единици на АРМ. Со официјалното добивање на сертификатот за оценета единица со НАТО НИВО 2 – CREVAL, чДН во наредниот период ќе го исполни еден од најважните услови за распоредување во мисии предводени од НАТО.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail