Почна оценувањето на средниот пешадиски баталјон и хеликоптерскиот детачмент

Од денес, започнува оценувањето на средниот пешадиски баталјон (спбн) и хеликоптерскиот детачмент, со што вежбата „Балкански Блесок 2010“ влегува во завршна фаза. Како што е познато, декларираниот спбн се наоѓа во формацискиот состав на 1. механизирана пешадиска бригада (мпбр), а хеликоптерскиот детачмент е во составот на воздухопловниот ВИНГ на АРМ. Претпладнево, оценувањето на двете единици започна истовремено во касарната ,,Јане Сандански“ во Штип и на воениот аеродром во Петровец. Во наредните два дена, согласно OCC концептот на НАТО, ќе се оценува обученоста, оперативната способност и борбената подготвеност на спбн и воздухопловниот детачмент за различни нивоа на оценување. Тоа значи дека спбн ќе го заокружи процесот на оценување со верификација на НАТО оценување Ниво 2 – CREVAL, а со воздухопловниот детачмент ќе се изврши самооценување Ниво -2 ТACEVAL. Според динамиката на „Балкански Блесок 2010“, првиот дел од оценувањето на единиците започна со брифинг на Шефот на оценувачкиот тим и командантот на спбн и воздухопловниот детачмент, после што следеше постројување на единиците со комплетното вооружување, борбената техника, материјално-техничките средства и опремата со која располагаат. Во текот на попладневните часови спбн ќе пристапи кон процесот на донесување одлука за извршување на борбен марш од касарната ,,Јане Сандански“ во Штип кон армискиот полигон (АП) ,,Криволак“, додека воздухопловниот детачмент ќе биде ставен во приправност за поддршка на баталјонот. Во наредните 48 часа, според сценариото на вежбатана АП ,,Криволак“ двете декларирани единици на АРМ, ќе се справуваат со огромен број на инциденти, каде во решавањето на задачите ќе треба да демонстрираат висок степен на обученост и интероперабилност за извршување на операции предводени од НАТО. Оценувањето на двете единици ќе го спроведат одвоени оценувачки тимови на АРМ, така што за мониторингот и верификацијата на оценката на спбн ќе бидат задолжени претставници од здружените команди на НАТО во Неапол, Мадрид и Брисел (SHAPE), а за воздухопловниот детачмент од здружените команди на НАТО во Измир и Брисел (SHAPE). Вчера, заврши оценувањето на четата на Воена Полиција, при што во попладневните часови беше соопштено дека првичната оценка за четата е позитивна, со што се очекува оваа единица и официјално да го добие сертификатот за оценета единица со НАТО НИВО 2 – CREVAL, како услов за распоредување во мисии предводени од НАТО.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail