Ден за високи гости на ,,Балкански Блесок 2010“

Утре, (2-ри ноември 2010 година) со почеток во 11,00 часот на армискиот полигон (АП) ,,Криволак“ на Денот за високи гости, во рамките на вежбата ,,Балкански Блесок 2010“ ќе се изведе тактичка вежба со бојно гаѓање ,,засилен механизиран пешадиски баталјон во напад“. На вежбата покрај механизираниот пешадиски баталјон од составот на 1. механизирана пешадиска бригада, ќе учествува и борбениот хеликоптерски сквадрон (Ми-24) од составот на воздухопловниот ВИНГ, артилериско-ракетната батерија од составот на самоодниот артилериски баталјон и единици за логистичка поддршка. Тие, утре на (АП) ,,Криволак“ покрај практичната примена на тактиките и процедурите за изведување на офанзивни борбени дејства, ќе ја демонстрираат нивната обученост во извршување на различни гаѓања од пешадиско и артилериско вооружување, а низ програмско гаѓање ќе биде прикажана и блиската воздушна поддршка на механизираниот пешадиски баталјон. На денот на високи гости се очекува да присуствуваат: Министерот за одбрана г-дин Зоран Коњановски, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Мирослав Стојановски, Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија г-дин Влатко Ѓорчев, пратеници во Собранието-членови на комисијата за одбрана и безбедност, високиот воен претставник на НАТО во Република Македонија бригаден генерал Давид Хумар, пензионирани генерали на АРМ, високи гости од МО и ГШ на АРМ, претставници на локалната самоуправа од Штип, Неготино и Кавадарци и други. За оваа прилика, поканети се амбасадорите и воените аташеи акредитирани во Република Македонија, а своето присуство го потврдија и високи воени претставници од армиите на: Албанија, Босна и Херцеговина, Романија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора, кои на ,,Балкански Блесок 2010“ се во улога на набљудувачи. Се покануваат новинари, сниматели и фоторепортери, да присуствуваат и да известуваат за настанот. За таа прилика ГШ на АРМ на 2-ри ноември обезбеди организиран превоз до АП ,,Криволак“ со поаѓање во 08.30 часот, пред зградата на МО и ГШ на АРМ. Претставниците на медиумите кои имаат намера да се превезуваат со сопствени моторни возила, потребно е да бидат на влезот во АП ,,Криволак“ најдоцна до 10.00 часот, од каде до местото на настанот ќе продолжат со организираниот превоз.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail