Распоредување и оценување на декларираниот среден пешадиски баталјон

Денес, во раните утрински часови, декларираниот средниот пешадиски баталјон (спбн) успешно изведе марш од касарната „Јане Сандански“ во Штип до армискиот полигон (АП) „Криволак“ со што вежбата „Балкански Блесок 2010“, влезе во завршна фаза. Маршот, ,,скорпиите“ од 1. механизирана пешадиска бригада (мпбр) го изведоа со формирање на конвој од над 120 моторни возила, како една од првите борбени постапки со која започна оценувањето на оваа единица, согласно ОСС Концептот на НАТО, НИВО 2 – CREVAL. До крајот на денот спбн на АП „Криволак“ ќе се оценува низ решавање на повеќе настани и инциденти, во кои ќе треба да ги изврши следините задачи: блокада на пат, постапки при наоѓање на експлозивна направа, ескортирање и напад на конвој, формирање на постојана и мобилна контролна точка, мобилна и извидувачка патрола, постапки при артилериски напад на база, реакција на контаминирано земјиште, евакуација на повредени и заболени (MEDEVAC, CASEVAC). Во исто време, продолжи и самооценувањето, Ниво 2 – ТАCEVAL на хеликоптерскиот детачмент, кое се одвива паралелно на воениот аеродром во Петровец и на АП „Криволак“. Според сценариото на вежбата, хеликоптерскиот детачмент денес ќе се оценува по следините задачи: CASEVAC, транспорт на трупи, транспорт на опасни материи, транспорт на VIP личности, како и пребарување и спасување. Оценувањето на хеликоптерскиот детачмент се одвива од страна на оценувачкиот тим на АРМ и под мониторинг на претставници на командата на НАТО од Измир. До крајот денот, ќе биде завршен и проектот од доменот на цивилно-воената соработка за еколошко уредување на просторот, со кој е предвидено припадниците на инженериската чета од 1. мпбр да го отстранат отпадот во околината на селото Криволак, со цел за создавање на почиста и поздрава животна средина.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail