Свечено отворање на вежбата MEDCEUR 11

Денес, 6-ти јуни, во Центарот за обука (ЦО) „Пепелиште“ се одржа церемонија по повод свеченото отварање на вежбата ,,MEDCEUR11”, која ќе се реализира на Армискиот полигон (АП) ,,Криволак“ и ЦО ,,Пепелиште“ од 6-ти до 17-ти јуни 2011 година. Вежбата ја отвори Заменикот на началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Насер Сејдини, а на отварањето присуствуваа и други високи гости од ГШ на АРМ. ,,MEDCEUR11” е меѓународна вежба од доменот на медицинската поддршка, а ќе се изведува во реални услови на терен, каде главни носители се АРМ како домаќин и Командата на силите на САД во Европа (USEUCOM). Покрај армиите на САД и на Република Македонија, учество на ,,MEDCEUR11” ќе земат и армиите на: Република Србија, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Норвешка. Со вежбата ќе раководат двајца кодиректори: полковникот Андреја Наумовски кој е командант на Воено-медицинскиот центар на АРМ и полковник Чарлс Тедер од Командата на силите на САД во Европа. На свеченото отварање генерал-мајор Сејдини на сите учесници им посака добредојде и успешно реализирање на вежбата. Притоа потенцираше дека очекува на военомедицинската вежба MEDCEUR 11 да демонстрираме висок степен на координација и оспособеност за соодветна реакција на цивилните и воените структури на Р. Македонија и пријателските земји, во услови на кризна состојба предизвикана од природна катастрофа. Полковникот Тедер во своето обраќање изрази голема благодарност до АРМ за одличниот прием и огромно задоволство за дадената можност за реализирање на вежбата на АП Криволак, која што е производ на едногодишен планирачки процес и подготовка. Ко-директорот на вежбата, полковникот Наумовски, изрази цврсти уверувања дека зацртаните образовни цели од доменот на обуката ќе бидат целосно реализирани. Ова е единаесетта по ред медицинска вежба од циклусот наречен ,,MEDCEUR” чија цел е промоција на интероперабилноста и капацитетот за распоредување и употреба на единиците за медицинска поддршка со примена на стандардите на НАТО. Согласно сценариото, на ,,MEDCEUR11” се очекува демонстрација на заедничкото делување на вооружените сили со останатите субјекти во услови на кризна состојба предизвикана од природна катастрофа. За таа цел, на вежбата ќе учествуваат и претставници од: Министерството за одбрана, МВР, Министерството за здравство, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, како и Црвениот крст на Македонија. Одржувањето на ,,MEDCEUR11” претставува силен придонес кон регионалната соработка на полето на одбраната, како и размената на искуствата на земјите од регионот, за брзо делување во услови на природни непогоди.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail