Изведена доброволна работна акција на припадниците на Армијата на САД

Вчера, 8-ми јуни, околу 80 припадници на Армијата на САД, учесници на военомедицинската вежба ,,MEDCEUR 11”, која е во тек на Армискиот полигон (АП) ,,Криволак“ и Центарот за обука (ЦО) ,,Пепелиште“, изведоа доброволна работна акција во чистење и средување на земјиштето околу патот непосредно до винарската визба „Повардарие“ – Неготино. Ко-директорот на вежбата ,,MEDCEUR 11”, Чарлс Тедер, исто така се приклучи на акцијата. Тој истакна дека целта на овој настан е да се помогне на локалната заедница и припадниците на Армијата на САД поблиску да се запознаат со поблиската околина и месното население, но исто така симболично да се отслика одличната соработка помеѓу АРМ и Армијата на САД. Акцијата се одвиваше во одлично расположение и сите учесници со огромен ентузијазам ја косеа високата трева, ги собираа отпадоците и го чистеа патот. На крајот пред сите присутни се обрати главниот инспектор за комунални работи за општина Неготино, г-дин Бранко Велјанов, кој во името на градоначалникот на Неготино, срдечно се заблагодари за дадената поддршка од страна на припадниците на Армијата на САД. Овој настан уште еднаш, во рамките на одржувањето на вежбата ,,MEDCEUR 11” претставува силен придонес кон регионалната воено-цивилна соработка, како и размената на искуствата на земјите од регионот.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail