Заврши теоретскиот дел од вежбата „MEDCEUR 11“

Денес, 10-ти јуни, во рамките на военомедицинската вежба ,,MEDCEUR 11”, заврши теоретскиот дел од обуката на слушателите. Овој дел траеше вкупно пет дена и се состоеше од два одделни курсеви: „Курс за планирање на катастрофи“ и „Лидерска програма за менаџирање со јавното здравство при катастрофи“. За време на теоретскиот дел од обуката предавачи беа припадници од „Одбранбениот институт за медицински операции“ од САД. „Лидерската програма за менаџирање со јавното здравство при катастрофи“ беше курс од типот „обучи го обучувачот“ кој вклучува дидактички лекции и практични лабораториски вежби. Лекциите беа ориентирани кон проценката на оспособеноста на јавното здравство и медицинската професија. Исто така се разработуваа прашања од областа на превенцијата од болести, техники при различни интервенции, аспектите на воено-цивилната соработка и одговор при катастрофи. Целта беше да се демонстрира можноста за зајакнување на регионалните, националните и интернационалните капацитети за одговор при катастрофи, со акцент на важноста на координацијата. „Курсот за планирање на катастрофи“ опфати дидактички лекции и практични вежби за подготовка на план за одговор при катастрофи и план за итни операции. Исто така овој курс е дизајниран да ги едуцира воените и цивилните агенции за изработка на план за катастрофи. Лекциите во овој курс вклучуваа: фази при менаџирање на итни случаи, вовед во план за катастрофи, преглед на функциите за поддршка при итни случаи, улогата на волонтерските и невладините организации, човекови права, нуклеарни, хемиски и биолошки закани, психолошки аспект на одговорот при катастрофи, воена поддршка на цивилни агенции, тероризам, потребата од брза проценка на ситуацијата, како и бројни вежби кои што инволвираат изработка на план за катастрофи од почеток до крај. Околу 30% од овој курс беше посветен на практични вежби кои што ја нагласуваат потребата од подготовка на целосен план и систем за справување при итни случаи. Крајната цел е целосна интеграција на локалните можности за одговор при катастрофи во националниот систем за менаџирање на итни случаи. Теоретскиот дел од вежбата ,,MEDCEUR 11” беше успешно реализиран и слушателите на истиот се здобија со соодветни сертификати.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail