Започна практичниот дел од вежбата MEDCEUR 11

Денес, 11-ти јуни, во рамките на военомедицинската вежба ,,MEDCEUR 11”, започна практичниот дел од обуката во кој што ќе се прикаже реакција на цивилните и воените структури на Република Македонија и пријателските земји при земјотрес во околината на Неготино и неговите пропратни ефекти, како што се пожари, поплави, лизгање на земјиште, оштетување на инфраструктура, појава на заразни болести и евакуација и згрижување на повредените и заболените во соодветно ниво на медицинска заштита. Симулациите на предвидените настани ќе се одвиваат на две локации и тоа с.Мушанци и Центарот за обука (ЦО) „Пепелиште“. Во с.Мушанци вежбата ќе се реализира преку три инциденти: лизгање на земјиште, рушење на зграда и експлозија пропратена со пожар, со вкупна бројка од 24 настрадани лица. При тоа во улога на пациенти се наоѓаат ученици од Основното училиште „Кирил и Методиј“ – Неготино. На овие инциденти учество ќе земат Армијата на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, Министерство за здравство, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Црвен крст на Р. Македонија. Главна цел на обуката во с.Мушанци е да се извежбаат вештините во откривање и собирање на жртвите, давање на прва помош, вршење на тријажа и нивна евакуација до соодветно ниво на здравствена заштита во зависност од потребите. Целта е да се извежба и покаже интеропеарбилноста и координацијата помеѓу воените и цивилните структури. На втората локација, во ЦО „Пепелиште“, се развиени неколку медицински капацитети и тоа: амбуланта на Р.Македонија – НИВО 1, полска болница на Р.Србија- НИВО 2, на која што е придодаден еден сегмент од Македонската полска болница – НИВО 2 (донација од Кралството Норвешка) и полска болница на САД – НИВО 2. Според сценариото тие ги прифаќаат евакуираните пациенти од местата на инциденти, преку местото за собирање на повредени. Амбулантата од НИВО 1 врши стабилизација на пациентите, односно примарно здравствено згрижување, додека болниците од НИВО 2 се во можност да изведуваат помали хируршки интервенции на пациенти со животозагрижувачки повреди. Нивна крајна цел е стабилизација на пациентите и подготовка за евакуација до наредното ниво на здравствена заштита, ако е тоа потребно. Вежбата се координира и раководи со помош на формиран здружен оперативен центар, составен од персонал од воените и цивилните структури, како и персонал од пријателските земји, учеснички на вежбата. Здружениот оперативен центар исто така ги координира своите активности со центар за управување со кризи кој е составен од цивилни структури и еден воен претставник.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail