Во Центарот за обука „Пепелиште“ реализиран финалниот дел од вежбата „MEDCEUR 11“

Во Центарот за обука „Пепелиште“ денеска на Денот за високи гости, во рамки на вежбата „MEDCEUR 11“ беше изведена реакција на цивилните и воените структури на Република Македонија и нејзините пријатели во случај на земјотрес во околината на Неготино, проследено со поплави, лизгање на земјиште, пожари, оштетени објекти, појавување на заразни болести и згрижување на болните и повредените. Заменик министерот за одбрана Емил Димитриев рече дека вежбата ја координира Министерството за одбрана во соработка со министерствата за внатрешни работи, за надворешни работи и за здравство, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, а во неа се вклучени и армиите на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и најголемиот поддржувач на оваа вежба, армијата на САД. – Природните несреќи и катастрофи се најнепредвидливите закани кои што ги има човештвото и добро е да се има секојпат во предвид што може да ни се случи и колку се нашите институции подготвени за тоа. Она што го видовме од вежбата е дека имаме максимална синхронизација и координација на сите институции кои што во дадена прилика би требало да одговорат на овие катастрофи и мислам дека Република Македонија на еден начин го одржува степенот на високо ниво на подготвеност да се справува со овие кризи, истакна заменик министерот Димитриев. Тој упати благодарност до сите земји учеснички од регионот и до САД кои ја поддржаа оваа вежба, потенцирајќи дека Армијата е институција која и понатаму во Република Македонија има најсилен капацитет да се справува со вакви кризи и во иднина овој дел од мисијата на Македонија ќе бил апсолвиран и третиран во делот на обуката на припадниците на АРМ. Кодиректорот на вежбата од македонската страна Андреја Наумовски рече дека вежбата успешно поминала и сите плански активности што биле зацртани се реализирани и дека уште еднаш се покажало оти за справување со катастрофи од поголеми размери е важна координацијата и организацијата на учесниците. – Ние сме подготвени и уште еднаш се докажа дека нашите досегашни подготовки вродија со плод и можеме успешно да се бориме со кризи од ваква природа, смета Наумовски. Полковник Чарлс Тедер од воздухопловството на САД рече дека денешната демонстрација го покажала капацитетот на македонските граѓански служби како реагираат при пожари и хемиски инциденти, воените служби не само од Македонија, туку и од земјите партнери од регионот и од САД.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail