Свечено затворање на вежбата “MEDCEUR 11″

Денес, 15-ти јуни, во Центарот за обука (ЦО) „Пепелиште“ се одржа церемонија по повод свеченото затварање на вежбата ,,MEDCEUR 11. Вежбата ја затвори Заменикот на командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК), бригаден генерал Киро Галазовски. ,,MEDCEUR 11” е меѓународна вежба од доменот на медицинската поддршка и се изведуваше во реални услови на терен, каде главни носители беа АРМ како домаќин и Командата на силите на САД во Европа (USEUCOM). Покрај армиите на САД и на Република Македонија, учество на ,,MEDCEUR11” земаа и армиите на: Република Србија, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Австрија и Кралството Норвешка. Со вежбата раководеа двајца кодиректори: Командантот на Воено-медицинскиот центар во АРМ полковник Андреја Наумовски и полковник Чарлс Тедер од Командата на силите на САД во Европа. На свеченото затварање бригадниот генерал Галазовски, во име на Министерот за одбрана на Р. Македонија и Началникот на ГШ на АРМ, како и во свое лично име, на сите учесници им се заблагодари за придонесот кој во изминатите десет дена го дадоа за успешната реализација на вежбата „MEDCEUR 11“. Тој исто така ја нагласи важноста на партнерството и придонесот на Амбасадата на САД во Република Македонија и Командата на силите на САД во Европа (USEUCOM) за реализацијата на овој проект, кој е од неизмерно значење за АРМ и Република Македонија. Полковникот Тедер во своето обраќање потенцираше дека во водењето на оваа вежба не би можеле да имаат подобар партнер од Армијата на Република Македонија. Според него се оствари целта на вежбата, а тоа е зајакнување на интероперабилноста и градење на трајни пријателства. Кодиректорот на вежбата, полковникот Наумовски, со гордост изрази дека сите учесници покажаа посветеност и професионализам, а со тоа станаа оспособен тим за справување со кризи при големи катастрофи. Ова е единаесетта по ред медицинска вежба и е последна од циклусот наречен ,,MEDCEUR”, чија цел беше промоција на интероперабилноста и капацитетот за распоредување и употреба на единиците за медицинска поддршка со примена на стандардите на НАТО.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail