Јолевски: Министрите за одбрана од САД-Јадранската повелба во потпишаната заедничка изјава во Тракошчан силно ја поддржуваат Република Македонија за што побрзо добивање на покана за полноправно членство во НАТО

Министерот Јолевски изрази задоволство од усвојувањето на Заедничката изјава на министрите за одбрана од САД – Јадранската повелба во која се истакнува дека силно ја поддржуваат Република Македонија за што побрзо добивање на покана за полноправно членство во НАТО, воедно ја реафирмираа нивната безрезервна поддршка на евро-атлантската интеграција на Република Македонија и нагласија дека интеграцијата на Република Македонија е од витален интерес за безбедноста и стабилноста на регионот.

Во обраќањето на состанокот во Тракошчан, Хрватска, министерот Јолевски посочи дека Македонија, како еден од основачите на оваа иницијатива високо ја вреднува улогата на А-5 како катализатор на одбранбената соработка во регионот. Македонија покажа дека придонесува за регионалната одбранбена соработка, со тоа што е домаќин на Балканските медицински наменски сили, а од 2020 ќе биде домаќин на Бригадата за Југоисточна Европа – СЕЕБРИГ. А5-земјите меѓусобно се поддржуваат во евроатланстките интеграции. Исто така даваат заеднички придонес кон НАТО мисијата „Одлучна поддршка“.

Во однос на соработката, министерот посочи дека Македонија продолжува да биде заинтересирана во регионални проекти во духот на „паметната одбрана“, како развојот на регионални капацитети, тренинг – центри, заедничко одржување на комплексни одбранбени системи и слично.

„Регионалниот пристап кон регионалните предизвици е пристап од кој земјите членки на оваа иницијатива имале и ќе имаат корист. Меѓусебната поддршка и блиската соработка ќе ни помогне во одржувањето на мирот, безбедноста и стабилноста во овој регион“, заклучи министерот Јолевски на состанокот.

На маргините на состанокот, министерот Јолевски оствари и неколку билатерални средби, меѓу кои со министерот за одбрана на Хрватска, Н.Е. Дамир Крстичевиќ и со заменик-помошникот на Секретарот за одбрана на САД, Мајкл Карпентер. На средбите беше реафирмирана одличната соработка со овие две пријателски земји, а воедно и беше дадена целосна поддршка на Република Македонија за полноправно членство во НАТО-алијансата.

Република Македонија, идната 2017 година го презема претседателствувањето со САД-Јадранската повелба, при што во нашата земја ќе се организираат и министерскиот состанок, како и состанокот на началници на Генералштаб на армиите на земјите-членки. Воедно, идната година во Македонија ќе се реализира и здружената вежба „Joint Reaction-17”, со што ќе се влијае на интероперативноста на армиите на земјите од групата А-5. САД-Јадранската повелба, во формат А-3 беше основана во 2003 година од Македонија, Хрватска, Албанија и САД. Во 2009 година кон Повелбата се приклучија и Црна Гора и Босна и Херцеговина.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail