Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис пристигна во Скопје

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис утрово пристигна во официјална посета на Македонија. На аеродромот во Скопје, секретарот за одбрана на САД, Матис беше пречекан од министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

„Секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис, пристигна во официјална посета на Македонија, за лично да ни ја пренесе поддршката на САД. Ова е прва посета на американски секретар за одбрана по 14 години. За прв пат во историјата – втора средба на човек на оваа клучна позиција во американската администрација со македонски колега, во иста година. Тоа доволно зборува за личната заложба на секретарот Матис за членството на Македонија во НАТО. Силна поддршка која високо ја цениме“, порача министерката Шекеринска.

Веднаш по пристигањето министерката Шекеринска и секретарот за одбрана Матис имаа работен појадок.

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис ќе има средба во владата на Република Македонија со премиерот Зоран Заев и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по што ќе дадат изјави за медиумите.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail