Започнува инвестицијата за изградба на нова фабрика за оружје и муниција во Македонски Брод

Денеска во околината на Македонски Брод и официјално започна инвестициската активност за изградба на најсовремена фабрика за оружје, муниција и опрема. Американската компанија Броудстоун Дифенс, во присуство на министерот за одбрана Зоран Јолевски ги презентираше плановите за изградба на фабрика за оружје и муниција вредна пет милиони долари, фабрика која ќе се гради на 10 хектари во месноста Барбарос, кај Македонски Брод. Предвидено е истата да биде изградена до крајот на мај 2017 година, а редовното производство да започне од јули идната година. Ќе се состои од пет хали за производство, една административна зграда и дел за складирање.

Во своето обраќање пред присутните, меѓу кои и генералот Џим Џонс, еден од најголемите стратези на 21. век и прв советник за национална безбедност на американскиот претседател Обама, министерот за одбрана Зоран Јолевски истакна дека Броудстоун Дифенс ќе трансферира најсовремена технологија во Македонски Брод од каде американската војска и земјите членки на НАТО ќе снабдуваат муниција и лично наоружување. „Оваа инвестиција има повеќе значења. Покрај отворањето нови работни места, Македонија ќе добие и најсовремен производствен погон за муниција и лично наоружување според стандардите на НАТО. Но, ова е воедно и многу значаен чекор напред во зајакнување на борбената готовност на Армијата на Република Македонија“, истакна Јолевски.

Броудстоун Дифенс разгледувала повеќе локации за фабриката, но, како што истакна основачот Денис Прат, ја одбрала Македонија поради одличната геостратешка положба и поволната бизнис клима. „Броудстоун Дифенс ќе вработи 200 луѓе во следните неколку години. Вработувањата ќе почнат од април 2017 кога ќе ангажираме локални мајстори, поранешен воен персонал, лица со искуство во огненото оружје и муниција, како и административци, истакна Прат.

По 30 години ова е прва нова инвестиција во Македонски Брод и околината која, како што рече градоначалникот Милосим Војнески, ќе значи многу за економски локален развој и особено за враќање на младите и нивно вработување во родниот крај.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail