Честитка од министерката Шекеринска по повод 11 Октомври, Ден на народното востание

Почитувани граѓани, припадници на Армијата на Република Македонија и вработени во Министерството за одбрана, дозволете да ви го честитам Денот на народното востание, денот кога Македонскиот народ и сите граѓани во Македонија ја покажаa својата волја, одлучност и храброст да се борат за најсветото, слободата.

Македонија во својата историја многу пати се бореше и се избори за слободата и демократијата. Многу пати бевме на крстосница – дали ќе отидеме во бездна и ќе го изгубиме сето она што сме го создавале со генерации. Но, во сите тие тешки моменти, моменти на неизвесност и ризик, сите заедно, сплотени, без оглед на нашата етничка и верска припадност, успеавме, не само да ја зацврстиме слободата, демократијата, еднаквоста, туку и да ја однесеме на едно повисоко ниво.

Ние и денес со нашето учество во мировните мисии, покажуваме дека ги споделуваме сите вредности и идеали на демократскиот свет и активно учествуваме во напорите на меѓународната заедница за воспоставување на демократијата на глобално ниво.

Затоа, на овој ден го честитам не само народното востание, туку и будноста и одлучноста на граѓаните на Република Македонија, да ги живеат современите вредности кои и доликуваат на една модерна, европска демократија.

Да останеме свесни за сето она што сме го постигнале досега, за сите жртви кои оваа нација ги има дадено и да работиме, напорно и постојано за да ги зачуваме и да ги развиваме слободата, еднаквоста и демократијата.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail