Ден за високи гости на вежбата „Dragoon Guardian 17“- партнерството помеѓу АРМ и Армијата на САД на дело

Денеска на армискиот полигон Криволак се одржа отворен ден за високи гости на вежбата „Dragoon Guardian 17“, на кој присуствуваше премиерот на Република Македонија, г. Зоран Заев, министерката за одбрана и вицепремиер во Владата на РМ, Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, амбасадорот на САД во Република Македонија, Н.Е. Џес Бејли, министри во Владата на РМ, високи претставници во АРМ и МО, одбранбени аташеи и претставници на НАТО канцеларијата за врски.

На почетокот п.полк. Васил Митевски и рапортираше на министерката Шекеринска во врска со активностите кои се во планот на реализација на вежбата „Dragoon Guardian 17“.

Министерката Шекеринска упати благодарност и честитки до сите припадници на двете армии кои што се вклучени на вежбата.

Присутните се упатија кон првата од двете вежбовни активности предвидени за денеска, каде припадниците од инженериските единици на двете армии извршија демонстрација на справување со импровизирани експлозивни направи. На втората вежбовна активност беше прикажана изработка на полетно – слетна патека на АП Криволак за беспилотни летала.

Премиерот Зоран Заев во изјава за медиумите изрази задоволството што македонската  Армија  учествува на вежбовни активности заедно со Армијата на САД, кои што се имплементираат насекаде во светот, при што заедно со војниците на САД и војниците од земјите од ЕУ, се грижат за севкупниот мир во светот и ја чуваат слободата.

„Мене ми е посебно задоволство што војниците вака учествувајќи на воени вежби го отвораат патот на Република Македонија кон полноправното членство во НАТО“ – рече Заев и додаде дека е горд што имаме  Армија, што може да се носи рамо до рамо со професионалците од Армијата на САД.

Амбасадорот на САД во Република Македонија, Н.Е. Џес Бејли изјави дека вежбата е можност да се претстави воената соработка на дело.

„Гледаме американски и македонски војници како работат заедно на две специфични задачи за инженериските единици. Како што и вие самите знаете, во секоја воена операција инженериските единици се клучна компонента. Ова е доказ дека нашите војници заеднички можат да се носат со задачите. Ваквиот тип на активности исто така помагаат овие единици не само да се подготвуваат за воени операции, туку и за хуманитарни настани… Сметаме дека ваквата активност помага во унапредувањето на аспирациите на Македонија за приклучување кон НАТО алијансата“ – додаде Бејли.

На вежбата „Dragoon Guardian 17“ учествуваат 300 припадници на инженерискиот сквадрон на копнените сили на Армијата на САД за Европа и 95 припадници на инженерискиот баталјон од Првата механизирана пешадиска бригада на АРМ, како и четата на АБХО со опрема и орудија за изведување на повеќе цели и задачи, меѓу кои и изработка на полетно – слетна патека со должина од 300 метри за беспилотни летала.

Вежбата која започна на 28 јули а ќе трае до 10 август,  е наменета за обука и унапредување на заемното разбирање и доверба и зајакнување на билатералната соработка меѓу Армијата на Република Македонија и Вооружените сили на САД.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail