Комплексна вежба за идните офицери во Македонија и земјите-партнери: Ден за високи гости на „Летниот кампус 2015“

На завршниот ден од овогодинешниот Летен кампус, 9 јули, на армискиот полигон „Криволак“ кулминираше интероператибилноста помеѓу питомците од Република Бугарија, Босна и Херцеговина, Република Хрватска, Република Косово, Црна Гора, Република Полска, Република Турција, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави како и студентите од Факултетот за безбедност, Европскиот универзитет и УКИМ.

На денот за високи гости Деканот на воената академија „Генерал Михајло Апостолски“, полковник Орце Поповски, ја изрази својата гордост и задоволство од она што питомците и студентите го постигнаа за време на „Летен Кампус 2015“. Тој рече „Исклучително сум горд на Воената академија што успеавме да развиеме програма и сценарија за питомците кои и во иднина ќе се развиваат. Само од САД имаме 24 питомци од 24 различни универзитети. Тоа е признание за институцијата која го прави ова“.

Директорот на „Летен Кампус 2015“, потполковник Никола Клетников, го истакна своето највисоко задоволство од работата со питомците и студентите. Клетников нагласи дека во сценаријата се предвиделе најчестите ситуации од мировните мисии кои се под раководство на НАТО, ОН и Европската Унија. Поптполковникот Клетников додаде дека „преговарањето е една од најважните работи во кризните ситуации, поддршката на мирот и медицинската евакуација“.

Тој изрази благодарност до инструкторите од АРМ и до Министерството за одбрана кои вложија натчовечки напори при реализацијата на „Летен кампус 2015“. Според него, одличниот резултат бил неизбежен имајќи ја во предвид подготвеноста на питомците.

Питомецот Керолајн Бахтер од Армијата на САД исто така го изрази своето највисоко задоволство од кампусот и обуките и нагласи дека искуството со кое питомците се стекнаа во Македонија ќе им биде од икслучителна корист во времето кога ќе станат идни офицери. Таа порача дека покрај професионалната надградба летниот кампус отворил одлична можност за развој на меѓусебната соработка и идната дружба помеѓу сите инволвирани.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail