Државниот секретар Николиќ положи венци на српските, на француските и на германските гробишта во Битола и Прилеп

Државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ и делегација од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија денес положија венци со свежо цвеќе на српските и на француските воени гробишта во Битола и на германските воени гробишта во Прилеп. Делегацијата од Министерството положи свежо цвеќе и на паметниците за загинатите руски и бугарски војници кои се во рамките на германските воени гробишта во Прилеп.

Положувањето на венците на воените гробишта е по повод Церемониите за примирјето од 1918 година, во спомен и сеќавање на загинатите, ранетите, исчезнатите и раселените лица од сите војни и сите народи.

По тој повод, германскиот амбасадор, Томас Норберт Герберих, говорејќи на француски јазик рече дека на денешен ден се потсетуваме на жртвите од војните и тираниите. Амбасадорот Герберих порача дека одгворот на сите насилства, конфликти и страдања кои се случуваат и денеска е развивањето на способноста за помирување.

Амбасадорот на Франција, Кристиан Тимоние, на германски јазик рече дека во војните страдаат сите борци, но и локалното население, кое е втурнато во конфликт. „Денес кога ја градиме новата Европа, во која владее мирот и слободата на народите, ослободени од милитаризмот и авторитаризмот, се надеваме дека оваа Европа ќе умее да ги надмине кратковидните егоизми“, рече францускиот амбасадор на церемонијата на германските воени гробишта во Прилеп.

На Комеморациите на српските, француските и германските воени гробишта присуствуваа и претставници на амбасадите и одбранбените аташеи акредитирани во Република Македонија, како и претставници на локалната самоуправа и здруженија на борци.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail