Државниот секретар Николиќ се сретна со германски експертски тим за стратегиско планирање

Државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ, се сретна со експертски тим за стратегиско планирање од Министерството за одбрана на СР Германија, кој престојува во посета на Министерството за одбрана на Република Македонија.

„Новиот Стратегиски одбранбен преглед и новата Стратегија за одбрана се два клучни сегменти на целокупниот реформски процес што го иницираше новото раководство на МО. „Сега се наоѓаме во круцијална фаза на изработка на документите“, рече државниот секретар Николиќ на средбата. Тој се заблагодари за поддршката од страна на СР Германија и посочи дека Министерството е цврсто посветено кон реализација на реформите кои се насочени кон подобрување на стандардот за живеење и работење на секој припадник на АРМ и кон остварување на стратешката цел на Република Македонија – членството во НАТО.

Тимот експерти е во Македонија за да ги утврди реформските процеси во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, како и да ги детектира сегментите во кои би можело Министерството за одбрана на СР Германија да даде своја поддршка за реализација на овие реформи. Поддршката на СР Германија се очекува и во процесот на имплементацијата на Стратегискиот одбранбен преглед.

Германските експерти во рамки на посетата се запознаа и со сите релевантни лица вклучени во реформските процеси во Министерството, Главната координативна група за Стратегискиот одбранбен преглед, авторитетите од областа на политиката и планирањето и претставници од Генералштабот на Армијата.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail