Николиќ на Регионалната школа за безбедност: Да поставиме пример и да бидеме синоним за држава – извозник на стабилност и европски вредности

Државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ денеска се обрати на Регионалната школа за безбедност насловена „Идентитет, миграција и новата безбедносна агенда на Европската Унија“, која се одржува во Охрид.

Николиќ пред присутните професори и студенти од Македонија, Грција, Бугарија и Србија, како и претставници на невладините организации истакна дека „патот на Република Македонија кон европските и евроатлантските интеграции е трнлив и исполнет со бројни безбедносни и политички предизвици“. Тој го спомена фактот дека Македонија во далечната 2005 година доби статус земја-кандидат за членство во ЕУ, но десет години подоцна Европската комисија не дефинира како „заробена држава во ек на политичка и етничка криза“.

„Бевме држава во тешка изолација и длабоки социјални проблеми. Меѓутоа, упорно се боревме да ја ослободиме нашата држава…Денеска Фридом Хаус нè нарекува светла точка на Балканот и треба да сме горди на тоа. Тоа е голем успех земајќи ја предвид стартната позиција пред нешто повеќе од една година“, рече државниот секретар. Додаде дека Македонија сака да оди напред, но и дека клучен предуслов за тоа е внатрешната стабилност, соживотот, слободните медиуми, владеењето на правото и враќањето на довербата на граѓаните во институциите на државата.

Државниот секретар потенцираше дека Македонија покажа дека е фокусирана на реформите кои се однесуваат на спречувањето на корупцијата и враќањето на демократските принципи и начела и правната држава и дека тоа граѓаните, но и соседите го препознаваат.

„Со нашите постапки ние ја носиме Европа на Балканот, а се стремиме и Балканот да го однесеме во Европа. Сакаме да поставиме пример и повторно да бидеме синоним за една држава која ќе биде извозник на стабилност и европски вредности“, заклучи Николиќ.

Регионалната школа е во организација на Факултетот за безбедност од Скопје, фондацијата „Конрад Аденауер“, Вилфред Мартенс – центарот за европски студии и Центарот за истражување и креирање на политики.

Фокусот на регионалната школа е развојот на координацијата и соработката во спроведувањето на безбедносната политика, стратешките насоки за миграцијата како и безбедносната политика на ЕУ и политиката за мигрантите.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail