Државниот секретар Драган Николиќ во работна посета на Црна Гора

Делегација на Министерството за одбрана на РМ предводена од Државниот секретар, Драган Николиќ на 9. февруари 2019 година престојуваше во работна посета на Црна Гора при што ги посети питомците од 2.година на Воената академија “Генерал Михаило Апостолски” кои својата обука во зимски услови-скијање, ја реализираат во ски центарот Колашин во Црна Гора. За време на посетата, македонската делегација оствари средба со делегација од Министерството за одбрана и Војската на Црна Гора предводена од Државниот секретар во МО на Црна Гора, Слободан Филиповиќ. Во состав на делегацијата од МО на РМ беше и Амбасадорот на РМ во Црна Гора, г-дин Михајло Трпковски.

За време на средбата на Државниот секретар, Николиќ со питомците и нивните командири и инструктори беше истакната подршката од страна на домаќините и задоволството од условите за реализацијата на обуката во зимски услови-скијање.
Двете делегации присуствуваа и на практичниот дел на изработка на импровизирани објекти за сместување во зимски услови и реализацијата на обуката во скијање.
Обуката во зимски услови за питомците од ВА традиционално по осми пат се реализира во Колашин, Црна Гора, што дополнително придонесува на одличните билатерални односи помеѓу двете министерства.

Државниот секретар, Николиќ се заблагодари на својот домаќин за честитките по повод потпишувањето на Протоколот за пристапување на РМ во НАТО и за  целокупната поддршка која Црна Гора ја дава во процесот на пренесување на нивните искуства во контекст на интеграција во НАТО.

Државниот секретар на МО на Црна Гора, Филиповиќ честиташе на успешно завршениот процес на потпишување на Протоколот за пристапување и изрази уверување дека наскоро истиот ќе биде ратификуван во Собранието на Црна Гора. На средбата уште еднаш беше потенцирана одличната билатерална соработка и отворената подршка на Црна Гора во процесот на
пристапување и интеграција на РМ во НАТО. На средбата се разговараше и за активностите од Планот за билатерална соработка за 2019.година како и за Акциониот план.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail