Ден за високи гости на вежбата ,,Есенска Бура 18“

Припадниците на АРМ и МВР, кои учествуваа на здружената вежба „Есенска бура-18“, денес на Армискиот полигон „Криволак“, демонстрираа координиран настап при справување со ситуации и постапки поврзани со кризниот менаџмент.

На денот за високи гости, специјалните единици на АРМ и МВР, со поддршка од хеликоптерските единици, воената полиција, пешадиските единици, како и дирекцијата за заштита и спасување и центарот за управување со кризи, го покажаа својот потенцијал за ефективно справување во разни ситуации. Притоа беа прикажани вежби на упад во просторија, напад на терористички камп, изведување на препад, заседа, справување со нарушување на јавен ред и мир при заложничка криза и други постапки.

По завршување на показните вежби пред присутните гости во своето обраќање министерката за одбрана, Радмила Шекеринска упати честитки до сите кои што беа вклучени во реализација на вежбата, истакнувајќи дека денеска сите четири институции покажаа дека знаат што прават, знаат како да одат напред, знаат што треба дополнително да се направи и знаат дека Македонија со право од нив многу очекува.

Началникот на генералштабот на АРМ, генерал мајор Васко Ѓурчиновски, упатувајќи честитки за прикажаното, посочи дека учесниците на вежбата, покажаа како со стручноста и подготвеноста со кои ги извршуваа тешките и сложени задачи, имаат капацитет заедно и ефикасно да се справуваат со безбедносните предизвици. Притоа истакна дека оваа вежба е одличен почеток на заедничките напори за постигнување на висок степен на обученост и во прв ред меѓусебна соработка.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски искажа дека заедничкиот ангажман претставува одличен пример за квалитетна соработка што генерално е одлика за односите меѓу нашите институции.

Вежбата „Есенска бура-18“, која се реализира во период од 8 до 13 ноември е прв поголем успешно реализиран проект во рамките на меѓусебната соработка помеѓу примарните институции задолжени за безбедноста на граѓаните на Република Македонија. На вежбата припадници на Армијата на Република Македонија од составот на полкот за специјални операции (баталјонот за специјални намени и ренџерскиот баталјон), Здружената оперативна команда (единици од воздухопловната бригада, од баталјонот воена полиција и првата механизирана пешадиска бригада), заедно со припадници на Министерството за Внатрешни работи од единицата за брзо распоредување, единицата за специјални задачи и хеликоптерската единица, со поддршка од Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, изведуваа вежбовни активности со цел унапредување на меѓусебната интероперабилност и кризниот менаџмент како одговор на модерните закани.

Воедно со вежбата се изврши тестирање на борбената готовност на единиците, подготвеноста за експедициски мисии и кризен менаџмент. Ова е прва ваква вежба во која учествуваа заеднички овие единици на АРМ, МВР и институции од кризниот менаџмент.

На Денот за високи гости присуствуваа Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, началникот на ГШ на АРМ  генерал-мајор, Васко Ѓурчиновски и други високи гости и директори и раководители на институциите од кризниот менаџмент и министерството за внатрешни работи, генерали на АРМ, воени аташеа акредитирани во Република Македонија, претставници од ГШ на АРМ и МО, команданти на командите и единиците на АРМ.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail