Две интервјуa на министерката Шекеринска за France 24: Европа го потврди нашиот успех

fr24-frТелевизијата „France 24“ реализираше две 17 минутни интервјуа со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на француски и на англиски јазик, во кои министерката одговараше на прашања за шансите за евроатлантска интеграција на Македонија, за спорот со Грција околу името, борбата со корупцијата и реформите во судскиот систем, за преминот од заробена кон слободна држава и кризата која претходеше.

На прашањето на француските новинарки Каролин де Камаре од ТВ Франс 24 и Доминик Бајар од Радио Франс Интернационал, дали Македонија може да смета на поддршката од францускиот претседател Макрон за членство во ЕУ и НАТО, Шекеринска вели:

„Нашиот премиер имаше средба во Софија со Претседателот Макрон и ние сме среќни што тој ја поддржува Македонија за членство во НАТО, но точно е дека Франција има малку поразлична позиција во врска со проширувањето на ЕУ. Треба да се знае дека во случајот на Македонија не зборуваме за членство во ЕУ, туку за започнување на преговорите. Тоа е нешто различно, тоа е тежок и долг процес кој зависи од нас, од нашата моќ за промени и реформи, но и од земјите членки на ЕУ. Ќе ги употребам зборовите на Макрон: Не треба да се чека кога ќе се појави можност. На Балканот сега се појави можност, а тоа не се случува често. И Европа сега кажува, да, има успех на Балканот. Ова е ретка можност за Македонија која е полна со етнички и религиозни различности, но е функционална демократија“.

На директното прашање дали Шекеринска очекува на Самитот во јуни Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, министерката вели дека е оптимист бидејќи „за нешто да се одработи на Балканот, треба да се биде оптимист и да се работи“. Шекеринска рече дека Македонија инвестираше многу во односите со соседите, и договорот со Бугарија без посредство однадвор ја покажа зрелоста на двете земји. „Мислам дека истото ќе се случи со Грција“, рече министерката.

Француските новинарки потсетија на посетата на министерката на САД и оценија дека патот за Македонија кон НАТО се отвора при што Македонија ја има поддршката на САД. Ја прашаа министерката какви напори биле вложени да се обезбеди наклонетоста на САД за влез во Алијансата.

„Македонија работеше многу за прием на земјата во НАТО, повеќе години наназад. И ние сме спремни. Дадовме многу сигнали дека обврските од НАТО ќе бидат респектирани. Сега зборуваме со Грците за да го решиме преостанатото прашање, но многу работевме и на реформите во одбраната. На крајот на јуни ќе завршиме со новата безбедносна стратегија која беше поддржана од НАТО и некои земји членки и го подобривме нашето присуство во операциите во странство. Јасно е дека Македонија е лојален партнер кој може да даде многу. Македонија е мала земја која може да придонесе многу за стабилноста на Балканот“, рече Шекеринска.

На прашањето: „Има сепак едно прашање кое ја спречува Македонија за членство, а тоа е илустрирано со пресудата за корупција на поранешниот премиер Груевски кој владееше со земјата 11 години. Што можете вие да промените по ова прашање (корупцијата)?“, Шекеринска вели:

„За време на кризата креиравме нова институција која се занимава само со прашања на корупција, злоупотреба на моќта, но за високите ешалони. Долго време народот во Македонија мислеше дека највисоките политичари се недопирливи и тоа беше проблем на правната држава. Мислам дека истрагите, но и процесот кој е во тек покажаа дека никој не е над законот и тоа е порака и за нас како нова Влада. Почнавме и со реформи за зголемување на транспарентноста на институциите, на владата. Зборувам за отворена влада, новинарите и медиумите имаат слободен пристап до информациите и тоа е еден вид на притисок врз владата и превенција од корупција“, одговори Шекеринска во интервјуто за Франс24 и Радио Франс Интернационал.

Во второто интервју, на прашањето на новинарката од англофонската редакција Кетрин Николсон за шансите по Самитот во јуни Македонија да почне преговори со Европската Унија, Шекеринска вели:

„Секогаш се сметаше дека Македонија има 3 различни стратешки проблеми – интеретничките односи, проблемот со Грција и проблемот со Бугарија кој траеше скоро деценија. Ова е првата влада која се зафати со решавање на трите проблеми во период од помалку од 12 месеци, и ако не ги цените и не ги поддржите овие промени, луѓето ќе помислат дека дури и кога има промени,нема реакција. Мислам дека ова ехо ќе биде многу важно за Балканот…. Европската Унија има можност да покаже почит кон своите клучни вредности и спротивно на бранот на национализам и популизам низ европскиот континент, да каже дека кога ќе се случи промена во мал дел од европскиот континент, како Балканот, таа промена може да се прошири и на други места“, вели Шекеринска.

На прашањето околу спорот за името, министерката вели дека се работи напорно на изнаоѓање на решение.

„Работиме напорно, се надеваме дека ќе има решение, и тоа бара многу храброст и посветеност, но бара посветеност и од страна на ЕУ. Ние во Македонија правиме сè, многу ризикуваме, но нашите граѓани очекуваат дека ова реално ќе ни ги отвори вратите. Не зборуваме за членство во ЕУ утре, зборуваме за почнување на преговорите, што е долг и тежок процес“.

„Министерката потенцираше дека во извештајот на ЕК е јасно констатиран успехот во реформите во Македонија.

„Потребен ни е процесот на преговори за реформите да задржат правец – да влезат во процес на цели, контрола и исполнување“, вели министерката Шекеринска.

 Интервју за France24 за каналот на француски јазик

Интервју за France24 за каналот на англиски јазик:

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail