Министерката Радмила Шекеринска одликувана со орден Командант на Националниот ред за заслуги на Франција: Во тешките времиња секогаш бевте подготвена да преземете најголема одговорност

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска доби високо француско одликување, орден – Командант на Националниот ред за заслуги на Франција. Орденот во име на Претседателот на Република Франција,  на министерката Шекеринска и го врачи министерката Женевјев Дариесек, Државен секретар на Вооружените сили на Франција, на прием во чест на министерката, во резиденцијата на Франција во Скопје.

Во говорот на церемонијата на врачувањето на орденот, министерката Дариесек рече дека, како прв член на владата кој доаѓа во Скопје од преземањето на функцијата на претседателот Емануел Макрон, во име на француската влада носи порака на пријателство и соработка, и ја образложи одлуката за доделувањето на орденот на министерката Шекеринска:

-       Како долгогодишен голем пријател на нашата земја, Вие го заслуживте ова одликување воспоставено од Генералот Де Гол коешто се доделува за најистакнати граѓански заслуги.Впрочем, Вие одлично го познавате нашиот јазик. Оваа одликување Ви се доделува за Вашиот талент и вредности кои се признаени, како во Вашата земја, така и во Европа – рече Дариесек.

Стекнувањето на кандидатскиот статус за Македонија за време на мандатот на Шекеринска како заменик на претседателот  на владата задолжен за европски интеграции, во 2005-та, Дариесек го извои како момент кога Шекеринска се стекна со „драгоцено искуство и целосно меѓународно признание“.

Француската државна секретарка на вооружените сили и оддаде признание и на владата и рече дека новите власти ја вратија земјата на патот на европската интеграција, а ги спомна и настаните од 27 април во собранието.

-       Нема да се задржувам на настаните од 27 април 2017 година.Во тешките времиња секогаш бевте подготвена да преземете најголема одговорност. Сега во новата Влада, имате голема одговорност во клучна област. Малку е да се каже дека ние го цениме значајниот придонес што го давате, преку највисоките државни органи за нашата безбедност и одбраната на слободите на нашиот континент – рече Дариесек.

Заблагодарувајќи се на укажаната чест, министерката Шекеринска рече дека ја прифаќа почеста во име на својата земја Македонија, на нејзиниот народ и во име на владата.

- Ја прифаќам оваа почест во име на мојата земја, Македонија и нејзиниот народ. Во име на сите граѓани кои се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Босанци и други.Заслугата ним им припаѓа поради нивната енергија, нивната амбиција, трпеливоста и надежта. Енергија да се продолжи и покрај сè. Амбиција да направат променивосвојата земја. Трпение да сенадминат препреките. Надеж дека промената е можна и зависи од нас. Голема надеж дека Македонија е европска земја, дека нашите вредности се европски.Ние покажавме политичко водство, но тие ги заслужија Вашите комплименти со својата издржливост и храброст, со својот дух.Почеста ја прифаќам во име на нашата Влада, на премиерот Заев и на моите колеги. За нивната напорна работа, без каење, без политичка пресметка… во текот на последните 12 месеци – рече Шекеринска.

Шекеринска потенцираше дека Македонија направила длабоки реформи и од земја која чека, стана земја која одлучува. Таа го цитираше претседателот Макрон според кој единствениот начин за напредок е ако се покажат дела, и додаде:

-       Сигурни сме дека ја заслуживме одлуката Франција да ја поддржи Македонија во добивањето покана за влез во НАТО следниот јули и датум за отпочнување преговори со Европската унија. Таа поддршка е навистина заслужена. И тоа ќе биде само почеток на еден важен, тежок и комплексен пат кој треба да се изоди, но којшто е неопходен. Тоа ќе биде поддршка за целиот регион, за нашите соседи, за сите прогресивни сили на Балканот. Ви благодарам за честа и за довербата што ја покажа француската држава и француската нација. Орденот ќе го носам секогаш, гордо и достоинствено, потсетувајќи се на вредностите што ги претставува.

На церемонијата на доделувањето на орденот на министерката Шекеринска присуствуваа премиерот Зоран Заев, министри и пратеници, амбасадори,новинари,  пријатели и соработници.

Министерката Шекеринска е прв политичар од Македонија што од Република Франција добива признание од овој ранг. Орденот „Командант на Националниот ред за заслуги на Франција“ се доделува за истакнати граѓански заслуги, а воспоставен е во 1963 година од Генералот Де Гол.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail