Изјава на министерката Шекеринска за празникот 11 Октомври во Прилеп: Оддаваме почит на загинатите борци за слобода и се грижиме за стандардот на оние кои денес ги штитат нашите државни интереси

Празникот „Ден на народното востание – 11 Октомври“, беше одбележан  традиционално во Прилеп со свечена церемонија на положување свежо цвеќе на споменикот на Методија Андонов Ченто, на споменикот на Кузман Јосифовски Питу и спомен обележјето Могила на непобедените.

Владината делегација, предводена од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, придружуван од министерот за странски инвестиции Аднан Ќахил и заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски, положија свежо цвеќе и оддадоа почит на паднатите борци на НОБ.

На овие свечености свое учество имаше и делегација на Министерството за одбрана на Република Македонија, и на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, предводена од вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, придружувана од началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, го честиташе овој голем празник со пораката дека „непобедени се сите оние кои се бореле за слобода и како резултат на нивната борба пред многу години, денеска Македонија е независна и суверена држава, но дека секоја генерација има своја борба“.

Министерката Шекеринска истакна дека „нашата држава покажува дека е зрела да продолжи да ја развива демократијата и економијата и да ја зајакнува безбедноста, и дека на овој ден, покрај почитта која ја даваме на загинатите борци, време е да се посветиме и на оние кои денес безрезервно ја штитат нашата држава и државни интереси.

Затоа, нагласи Шекеринска владата на Република Македонија во буџетот за 2018 година успеа да обезбеди 10 проценти зголемување на сите плати во АРМ.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail