Измени во процедурата за прием на студенти на Воената академија за поголема транспарентност – во вториот уписен рок примени сите кандидати што ги исполнија условите на Конкурсот

На Конкурсот за запишување на студенти/питомци на прв циклус на студии за потребите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија во учебната 2017/18 година, во двата уписни рока примени се вкупно 22 кандидати.

Сите кандидати ги исполниле општите и посебните услови на Конкурсот, ги поминале психолошките тестирања, здравствените прегледи и физичките проверки. Согласно Правилникот, примен е и плус 1 кандидат кој е дете на загинат припадник на Армијата на Република Македонија.

При приемот се почитувани уставните начела за правична застапеност: од примените кандидати 16 се Македонци, петмина се Албанци и двајца се Власи. Дополнително, застапени се двата пола: 13 се од машкиот пол, а 10 се од женскиот пол.

Вториот уписен рок се одвиваше во согласност со измените на процедурата за прием на студенти на Воената Академија. Имено, по предвременото распишување на првиот уписен рок на 4 мај, кога од 84 кандидати беа примени само петмина што предизвика реакции во јавноста и забелешки за нетранспарентност, се донесоа измени во Правилникот за упис со што се гарантираат фер услови за сите кандидати.

Меѓу другото, според новиот Правилник, тестирањата на кандидатите се вршат анонимно, со користење на шифра, наместо име и презиме. Психолошките тестирања ги спроведуваат психолози на служба во Армијата и надворешен член од Клиниката за психијатрија, а спроведувањето на психолошките тестирања се врши во пишана форма со цел избегнување на манипулација при бодувањето и обезбедување на писмен доказ во случаи на вложување на жалба на одлуката за избор до второстепената комисија.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail