Министерот Јолевски во обиколка на сместувачките капацитети на АРМ на јужната граница

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, денес беше во обиколка на сместувачките капацитети на Армијата на Република Македонија на јужната граница, односно во околината на Богданци.

Во оваа прилика министерот Јолевски истакна дека за време на денешната посета, од страна на командантите и командирите на АРМ кои се одговорни за обезбедување на нашата јужна граница, беше информиран дека состојбата на границата е стабилна и дека бројот на мигранти е значително намален. „Во споредба со периодот пред точно една година кога во координацијата на земјите  на т.н. Балканска рута се затвори оваа патека на движење, бројот на илегални преминувања е значително намален, а исто така од минатата есен тенденцијата на преминувања е намалена“, рече Јолевски.

„Армијата на Република Македонија и институциите во Македонија внимателно ја следат состојбата на границата и развојот на мигрантската криза. Имаме развиено соодветни планови доколку се зголеми приливот на мигранти во Република Македонија од нашата јужна страна“, додаде тој.

Во рамки на посетата министерот имаше и заеднички ручек со припадниците на АРМ стационирани на јужната граница во поддршка на Полицијата во справувањето со мигрантската криза.

Република Македонија и АРМ во голем број наврати дадоа несебична поддршка кон одржувањето на безбедноста на граѓаните на Република Македонија, државата, но и во поширока смисла, регионот и Европа.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail