Јолевски за Денот на Полкот за специјални операции: 23 години постоење, развој и лидерство во Армијата

Вие поставивте стандард за квалитет за сето она што значи вистински воин, а вашата храброст, патриотизам, обученост, чесност и доблест се препознатливи и високо ценети во Република Македонија и надвор од неа. Тоа им го порача министерот за одбрана, Зоран Јолевски, на припадниците на Полкот за специјални операции на денешната свеченост во касарната „Илинден“, по повод денот на Полкот за специјални операции.

Министерот Јолевски во своето обраќање се осврна на неколку круцијални сегменти кои се од значење за развој на Полкот. „Со цел Ваше јакнење, приоритет во изминатите три години беше ставен на пополната на Полкот. Направивме промена на Правилникот за да дадеме примат на кандидатите кои исполнуваат услови и критериуми да станат припадници на специјалните единици на АРМ“, рече министерот. Воедно, Полкот е дел и од главниот процес на модернизација на Армијата и тоа со лична опрема и нови возила. „После 16 години, ова е најсериозна модернизација. Сигурен сум дека идната година на овој ден ќе бидете построени со новата опрема“, рече Јолевски.

Од аспект на размената на искуства и знаења, министерот се осврна на поврзувањето на припадниците на Полкот со поширокото семејство на специјалните единици на НАТО-Алијансата. „Не случајно во 2015 година ја посетивме Командата за специјални операции на САД во Тампа, а се поврзавме и со специјалните сили на Полска. Очекувам овие иницијативи да резултираат и со конкретни активности, обуки и вежби“, посочи министерот.

На денот на Полкот, министерот Јолевски додаде дека производ на овој засилен развој е и активното вклучување на декларираните единици од Полкот во меѓународни вежби со што ќе се зголеми обученоста, искуството и интеропрабилноста со партнерите.

За активностите кои следат во иднина, министерот рече дека Полкот за специјални операции продолжува да биде приоритет на Министерството. „Вие сте расадник на одважни старешини, старешини со јасно изградени стандарди кои што мораат да се пресликуваат. Вие сте пример за сите припадници на Армијата“, рече министерот и најави дека во иднина при организирањето на курсевите за подофицери, предимство ќе имаат професионални војници, токму од Полкот.

„Професионалноста се докажува постојано, со секојдневното изведување на поставените задачи. Вашата основна функција е борбената готовност, како услов за исполнување на уставната функција – бранење на територијалниот интегритет, суверенитет, независноста и унитарниот карактер на Република Македонија“, заклучи во своето обраќање министерот Јолевски.

Специјалните сили во Република Македонија се формирани на 1 март 1994 година. Во 23-годишното постоење, единицата беше трансформирана во Полк за специјални операции составен од Баталјонот за специјални намени – „Волци“ и Ренџерскиот баталјон.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail