Комитетот за интеграција на Република Македонија во НАТО ја подготви Програмата за продолжување на реформите на РМ за членство на земјата во НАТО

Комитетот за интеграција на Република Македонија во НАТО денеска одржа седница, со која претседаваше Заменик претседателката на Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Членовите не комитетот денеска ја разгледаа информацијата за Програмата за продолжување на реформите на Република Македонија (ППР), која произлегува од Планот за спроведување на процесот за пристапување на Република Македонија во НАТО, доставен од страна на Генералниот Секретар на НАТО Јенс Столтенберг на 1 август 2018 година.

На седницата беше прифатена информацијата за пристапните разговори за членство на РМ во НАТО формално беа завршени на 18 и 19 октомври оваа година. Помошникот на Генералниот Секретар на НАТО Алехандро Алваргонзалес пристапните разговори помеѓу РМ и НАТО ги оцени како успешно завршени во духот на долгорочното партнерство што РМ и НАТО го градеа изминатите години.

Во продолжение на седницата, членовите на Комитетот ја разгледаа Програмата за продолжување на реформите на РМ, како своевидна продолжена верзија на Годишните национални програми за членство на РМ во НАТО, која треба да даде рамка за продолжување на домашните реформи во областите на владеење на правото, независно судство, борба против корупција и организиран криминал, реформи во службите за безбедност и разузнавање, реформите во одбраната (модернизација, преструктуирање, капацитети и интероперативност со НАТО, како и донесување на национална буџетска регулатива соодветна на  безбедносните стандарди на НАТО.

Финалната Програма за продолжување на реформите, откако ќе биде прифатена на седница на Владата на РМ, треба да биде доставена со формално писмо на Министерот за надворешни работи до Генералниот Секретар на НАТО.


Шекеринска за седницата на Комитетот за интеграција на Република Македонија во НАТО: Ја финализиравме програмата на реформите во Република Македонија, согласно стандардите на алијансата  

Заменик претседателката во Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која денеска претседаваше со седницата на Комитетот за интеграција на Република Македонија во НАТО, за работата на Комитетот имаше изјава за медиумите што ви ја пренесуваме во целост:

„Програмата е резултат на завршените пристапни разговори  со НАТО. Во неа се вградени забелешките, прашањата и дилемите што беа отворени во целиот овој процес и кои завршија ефикасно и успешно, и оттаму не беше тешко да се финализира програмата.

Ова е навистина стратешки и темелен документ, којшто покажува дека точно знаеме кој процес ќе ја води Македонија кон членството во НАТО.

Оваа програма сега ќе ја потврди Владата на Република Македонија. Таа утврдува реформи во клучните области дома, владеење на правото, човекови права, борба против корупција и организиран криминал и ги зема предвид сите  реформи на армијата кои што ги усогласувавме со претставниците на НАТО. Ги зема предвид и сите други детали, главно правни и финансиски, кои како обврска доаѓаат со членството во НАТО.

На шести декември оваа програма ќе биде презентирана на ниво на НАТО 29+1. На состанокот ќе присуствува делегација од Македонија која што ќе ја предводи нашиот координатор за НАТО, а од нивна страна ќе бидат замениците на највисоките претставници на земјите членки на НАТО.

Очекуваме дека и на тој состанок ќе се потврди дека  станува збор за сериозен, реален и остварлив документ кој што не зборува за реформи во далечно идно време, туку зборува за конкретни обврски кои што Македонија покажа дека знае да ги исполни.

Со тоа ги отвораме шансите во првото тримесечје на 2019, да имаме заокружен протокол за пристапување во НАТО.

Од тој момент Македонија ќе функционира како членка на НАТО алијансата без право на глас, но со целосно право да учествува во дебатите, да учествува во дискусиите, да учествува во  процесот на носење на одлуки“.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail