Јолевски: соработката меѓу Македонија и САД, придонесува за развојот на Армијата на Република Македонија

Делегацијата составена од конгресмени предводени од конгресменот Боб Гудлат кој е Претседател на комитетот за правосудство имаа можност да се запознаат со активностите на баталјонот на Воена полиција и нивното досегашно учество во мировните мисии.

Министерот Јолевски во своето обраќање до конгресмените и останатите членови на делегацијата најнапред упати благодарност за досегашната поддршка и помош на САД во однос на опремување, учество на обуки и вежби со цел унапредување на одбранбените капацитети на Армијата на Република Македонија и истакна дека досегашната висока соработка со САД ќе продолжи и понатаму. „Оваа соработка која се должи на Договорот за стратегиско партнерство и соработка од 2008 година и Меморандум за соработка во одбранбените и воени односи од 1994 година, како и соработката со останатите земји на НАТО овозможи ние денес да имаме припадници на Армијата кои стојат рамо до рамо со останатите Армии и кои се подготвени да придонесат кон глобалниот мир и безбедност“ – додаде Јолевски.

„Република Македонија има јасно зацртана цел, а тоа е членство во Европската Унија и НАТО“ – рече Министерот Поповски. Тој додаде дека членството е од клучно значење, од причина што тоа ќе придонесе до развој на Македонија и останатите земји од регионот и воедно ќе се придонесе до одржување на мирот, стабилноста и безбедноста на македонските граѓани, а со тоа и стабилен Регион и стабилна Европа.

Конгресменот Гудлат изрази задоволство од прикажаното и истакна дека ги ценат напорите на Република Македонија во промоцијата на мирот и стабилноста преку учеството во мировните мисии во Ирак и Авганистан. Македонските војници стекнаа висока репутација помеѓу партнерите и сојузниците учествувајќи во мировните мисии. Тој додаде дека баталјонот на Воената полиција и останатите единици на Армијата на Република Македонија покажале високо ниво на професионализам чувајќи ги границите на Македонија и безбедноста на граѓаните при справувањето со миграциската криза.

- „Мило ми е што нашите програми за обука и опремување постигнале одлични резултати во подобрување на капацитетите на баталјонот. Ние ќе останеме посветени во натамошната поддршка и соработка со вас“ – рече Гудлат.

За потребите на Министерство за одбрана и Армијата на Република Македонија од 1996 до денес преку FMF фондот (Фонд на САД за странска воена помош) се доделени преку 115 милиони долари за набавка на опрема и услуги, како што се оклопни возила и резервни делови за истите, оптички средства за ноќно гледање, најсовремени средства за врски, оружје, беспилотни летала, и друга опрема и др. Во наредниот период средствата од овој фонд ќе продолжат да се користат во насока на поддршка на АРМ и нејзина модернизација.

Делегацијата од Конгресот на САД од 06-15 мај е во посета на Грција, Босна и Херцеговина, Албанија, Македонија, Косово и Италија.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail